Македонија
Маричиќ: Со максимално вложување ќе бидеме подготвени за полноправно членство во ЕУ до 2030 година
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска присуствуваше на заедничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, на која се расправаше за Извештајот на Европска kомисија за Македонија.
Маричиќ го изрази своето задоволство од одржувањето на седницата и кажа дека Владата цврсто стои на ставот дека процесот на преговори за полноправно членство со Европската Унија мора да биде инклузивен и транспарентен, со вклучување на сите општествени чинители во овој процес.
„Сметам дека ова е вистинското место, каде треба да го дискутираме Извештајот и од каде треба да доаѓаат пораките за како понатаму, особено сега, кога сме земја преговарач за полноправно членство во Европската Унија. Затоа како главен преговарач ќе иницирам воспоставување рамка за соработка со Собранието и зајакнување на неговата улога во процесот“, рече Маричиќ.
Тој додаде дека очекува целосна посветеност од страна на пратениците и подадена рака за заеднички да ги надминуваат предизвиците кои следат на евроинтегративниот пат и подготвеност да го дадат максимумот за конечно реализирање на нашата тридецениска стратешка цел.
„Само обединети ќе можеме да ја исполниме оваа национална задача. Процесот на преговори е процес на целокупна општествена трансформација која допира до сите нас и до сите аспекти на општественото живеење. Затоа, верувам дека само со национален консензус и максимално вложување на Владата како носител на преговорите, но и администрацијата која е ’рбетниот столб на процесот, граѓанското општество, Собранието, бизнисите, академската заедница и сите други засегнати страни ќе ја исполниме заложбата да бидеме подготвени за полноправно членство во Унијата до 2030 година“, порача вицепремиерот Маричиќ.
Евроамбасадорот Гир ги поздрави чекорите на Владата во решавањето на отворените прашања со соседите и во спроведување на континуирани и одржливи реформи кои нè ставија на вистинскиот пат за остварување на една од стратешките приоритети на нашата земја, со барање да останеме на овој пат и да се фокусираме на забелешките од Извештајот.
Вицепремиерот Маричиќ во своето обраќање се осврна на направената анализа на Извештајот од страна на Секретаријатот за европски прашања според која рече дека имаме позитивен Извештај, прв после отворањето на преговорите на 19 јули оваа година, кој според него е објективен и недвосмислено упатува на тоа дека имаме одржливи реформи, со нотиран јасен напредок и постигнувања во истите, но и ги идентификува областите каде треба уште повеќе да ги зголемиме напорите и да испорачаме повеќе резултати.
Од аспект на вкупната подготвеност, оценката за нашата земја за 2022 година е „добро ниво на подготвеност“. Кога станува збор пак за напредок, генералната оценка е дека во околу 90% од областите, имаме делумна или добра подготвеност. Извештајот оценува дека Северна Македонија го има задржано темпото на напредок и има подобрување во 23 од вкупно 43 области, односно поглавја, додека во останатите 20 области има ограничен или помал напредок, посочи Маричиќ, додавајќи дека ова покажува дека Северна Македонија има стабилен континуитет во вкупната подготвеност и напредок на земјата, и покрај сите внатрешни и надворешни предизвици со кои како држава или како дел од глобалниот свет се соочуваме, што претставува дополнителен мотив и поттик за нас.
Маричиќ напомена дека Европската комисија констатира дека процесот на скрининг се одвива континуирано и непречено, а земјата покажува високо ниво на посветеност и повтори дека цел процес на преговори ќе се води транспарентно и очекува вклученост од сите во истиот.
„Бидете уверени дека сите наоди и препораки во Извештајот ќе ги дискутираме заеднички и ќе ни користат како основа за ажурирање на Националната програма за усвојување на првото на ЕУ заедно со правото на ЕУ кое е презентирано на објаснувачките состаноци. Овој документ до крајот на годинава ќе биде ревидиран и ќе биде основа за подготовка на преговарачките позиции на земјата“, истакна Маричиќ пред народните избраници.
На седницата, на која присуствуваа и евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, како и дипломатскиот кор, заменик претседателот на Владата и главен преговарач со Унијата упати благодарност до евроамбасадорот Гир и неговиот тим кои ни пружаат безрезервна поддршка, со уверување дека Северна Македонија ќе продолжи сите реформи да ги спроведува во партнерство со Делегацијата на Европската Унија, службите на Европската комисија и со земјите членки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Подготвени сме за избори кога и да се одржат
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека партијата е подготвена да настапи на парламентарни избори кога и да се одржат – годинава, следната година, па дури и на редовните избори во 2028 година.
Филипче посочи дека работа е на премиерот да каже што мисли, но оцени дека, поради, како што рече, катастрофалното водење на државата, убеден е оти ќе има предвремени парламентарни избори.
Според него, не е важно дали изборите би се одржале на пролет, на есен или кон крајот на годината, бидејќи СДСМ е подготвена за изборен процес во секое време.
Македонија
Филипче: Нема услови за укинување на техничката влада
Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција изјави дека укинувањето на техничката влада треба да се случи дури кога општеството ќе биде зрело за тоа.
Филипче истакна дека слободната волја на граѓаните и фер изборите не смеат да бидат предмет на политички пазар, нагласувајќи дека се неопходни суштински реформи по европски стандарди, особено во областа на правосудството.
Според него, дури кога реформските закони ќе бидат донесени, целосно имплементирани и ќе почнат да се применуваат во судството, обвинителството и полицијата, ќе се создадат услови за укинување на техничката влада.
Филипче нагласи дека СДСМ ќе поддржи исклучиво реформи што ја движат државата кон европските стандарди.
„ВМРО и ДУИ нека договараат што сакаат, нивната соработка ни е позната. Ние договор можеме да правиме единствено со граѓаните. Не сме на пазар. Наша обврска е да ја вратиме власта во рацете на граѓаните“, истакна Филипче, додавајќи дека во овој момент не постојат услови за укинување на техничката влада.
Премиерот Христијан Мицкоски по средбата со лидерите на политичките партии изјави дека постигнале согласност за укинувањето на техничката влада.
„Се согласивме за техничката влада дека треба да замине во минатото. Имаше предлог од еден од лидерите да се консултира меѓународниот фактор. Од една страна сакаме да бидеме дел од европското семејство, а од друга страна сакаме да имаме техничка влада. Во ред, еве нека има техничка влада и на наредни избори како што сака СДСМ, но од тие натаму да нема“, рече Мицкоски.
На лидерската средба во Клубот на пратеници присуствуваа и генералниот секретар на ЗНАМ Горан Минчев, лидерот на Вреди Билал Касами, како и лидерите на опозиционите ДУИ и Левица, Али Ахмети и Димитар Апасиев. Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче не присуствуваше.
Македонија
ДУИ за една изборна единица со праг од 5 проценти, за укинувањето на техничката влада предложи консултација со ЕУ и САД
Претседателот на Демократска унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по лидерската средба изјави дека партијата се залага за една изборна единица со изборен праг од пет проценти и со отворени листи.
Во однос на иницијативата на премиерот Христијан Мицкоски за укинување на техничката, односно Пржинската влада, Ахмети рече дека е потребна дополнителна консултација со Европска унија и Соединети Американски Држави, како коавтори на моделот.
Во врска со измените на Изборниот законик, Ахмети посочи дека ДУИ ги презентирала своите предлози и дека прашањето останува отворено за понатамошни дискусии.
Околу изборот на Народен правобранител, Ахмети изјави дека побарал дополнителни консултации, нагласувајќи дека не бил обезбеден потребниот консензус. За законите за „Сејф сити“, за кои е потребно Бадентерово мнозинство, Ахмети рече дека координаторите на пратеничките групи треба да изнајдат решение.
За останатите прашања, како што наведе, било договорено тој дополнително да се сретне со премиерот Мицкоски.

