Спорт
Чиро Блажевиќ: Имам рак една година и три месеци, а моите ќерки не се јавиле да прашаат дали сум жив
Легендарниот фудбалски тренер Мирослав Ќиро Блажевиќ веќе подолго време се бори со тешка болест. Во интервју за хрватските медиуми тој не делува оптимистички и верува дека овојпат нема да може да го победи малигното заболување.
Поранешниот селектор на фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина има рак на простата и е во доцните години. За среќа не паднал во кревет, но свесен е за годините и за тежината на болеста со која се бори.
„Мојот син доаѓа и вели – тато, кажаа дека ќе умреш и пред пет години. Тој сака да ја ублажи вистината, а лекарите се откажаа од мене“, изјави Чиро за „Story.hr“.
„Дојде времето за мене, имам 88 години, многу оставив зад себе. Што ќе правиш. Ја кажувам вистината, а тоа е дека имам рак со пет метастази. Тогаш тоа е фатално. Во било која случај, не жалете за мене, направив премногу за да не бидам мирен. Премногу добро. Колку и да се трудам, не можам да најдам кому сум му згрешил. Кога ќе ги погледнам моите колеги, речиси сите починаа: Бариќ, Ивиќ, Зебец. Дојде и моето време. Човек треба да се помири со тоа, без да кука и да се жали. Затоа би ги замолил луѓето – поштедете ме од тага, затоа што мирно си одам и тоа е многу убаво“, истакнува Мирослав Блажевиќ.
Се пожали и дека ќерките повеќе од една година не му се јавиле да го прашаат за неговото здравје.
„Имам рак една година и три месеци, а оттогаш моите ќерки не прашуваат: Како си, тато? Слободно објави го ова“, порача Ќиро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Де Роси е новиот тренер на Џенова
Фудбалскиот клуб Џенова ќе го назначи Даниеле Де Роси за нов тренер, објавија денес италијанските медиуми.
„Фудбал Италија“, објави дека Де Роси ќе потпише договор до крајот на сезоната, со опција за продолжување на соработката доколку тимот избори опстанок во Серија А.
Де Роси ќе го предводи тимот во претстојниот првенствен натпревар против Фиорентина во недела.
Управата на Џенова не сакаше да го одложи назначувањето на новиот тренер, туку да го ангажира пред паузата во првенството.
Исто така, раководството реагираше брзо бидејќи очекуваше Де Роси да добие понуда од друг клуб.
Џенова го отпушти тренерот Патрик Виеира на 1 ноември откако тимот не победи на ниту еден натпревар во првите девет кола од Серија А.
Оттогаш, тимот го предводеа Роберто Мургита и Доменико Кришито, а во понеделник, Џенова ја оствари својата прва победа во лигата, против Сасуоло со 2:1 и се искачи на 18-то место на табелата со шест бода.
Спорт
Втор ден од четвртото коло, дербито е во Манчестер
По првиот ден од натпреварите од четвртото коло на фудбалската Лига на шампиони, само Баерн и Арсенал имаат максимален учинок, а од другите учесници во реформираното натпреварување, само Интер може да ги следи.
Најпривлечниот натпревар вечерва ќе се одигра во Манчестер. Тимот на Пеп Гвардиола за противник ја има Борусија Дортмунд. Во првите три рунди двата тима имаа по две победи и едно реми.
„Колку е важна оваа серија од два домашни натпревари во Лигата на шампионите? Многу. Не велам дека ќе биде лесно бидејќи Дортмунд секогаш дава сѐ од себе во ова натпреварување. Тие секогаш стигнуваат во подоцнежните фази. Но, со девет бода повеќе ќе се квалификуваме. Блиску сме до место меѓу првите осум“, пресмета стратегот на Сити, Гвардиола.
Лига на шампиони, 4.коло:
Пафос – Виљареал 18.45 часот
Карабаг – Челзи 18.45
Ајакс – Галатасарај 21.00
Бенфика – Леверкузен 21.00
Клуб Бриж – Барселона 21.00
Интер – Каират 21.00
Манчестер Сити – Борусија Д. 21.00
Њукасл – Атлетик Билбао 21.00
Марсеј – Аталанта 21.00
Спорт
Компани: Сè е супер, но трофеите не се освојуваат во ноември
Тренерот на Баерн, Венсан Компани, по победата против Пари Сен Жермен во Лигата на шампионите, изрази задоволство од настапот на својот тим, но исто така нагласи дека се соочуваат со уште поголеми предизвици до крајот на сезоната.
„Освоивме три бода, и тоа е добро, но никој не освојува трофеи во ноември. Ова е далеку од тоа да го одлучи победникот на Лигата на шампионите. Се сеќавате како ПСЖ ја освои титулата минатата сезона… Станува збор првенствено за пласман во следната фаза од натпреварувањето. Направивме сериозен чекор во таа насока. Ни требаат позиции од кои ќе биде полесно да се бориме за финалето“, рече Компани, објавија германските медиуми.
Баерн е на првото место на табелата на ЛШ со 12 бода, исто колку и второпласираниот Арсенал. Фудбалерите на Арсенал и Баерн ќе се сретнат на 26 ноември во Лондон во петтото коло од Лигата на шампионите.
Фудбалерите на Баерн одиграа 16 натпревари во сите натпреварувања оваа сезона и ги забележаа сите 16 победи.

