Македонија
„Не сум знаел за софтверот“ – Спасовски сведочеше за Рашковски

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, не знаел за набавките на Драги Рашковски, кој купил софтвер за мерење просечна брзина во сообраќајот, кабини, уреди за биометриска идентификација, камери. Спасовски сведочеше во случајот „Софтвери“, каде што првообвинет е ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски. Беше испитуван од Ивана Трајчева, обвинителката што го гони Рашковски заедно со другите лица за кои смета дека се вклучени во набавката, вклучително и фирмата „Инвока груп“, која ги добивала тендерите. Спасовски одговорите ги даваше како министер и технички премиер во периодот на набавката.
„Не сум бил запознаен за ваков софтвер“, рече Спасовски одговарајќи на прашањето дали знаел за набавката на софтверот и додаде: „Не се сеќавам дека сме разговарале за ова прашање“.
Според Спасовски, на владина седница никогаш не било дискутирано за ова прашање.
„Мислам дека не е дискутирано бидејќи набавките што ги прави Владата се во надлежност на Генералниот секретаријат. Доколку има план за јавни набавки, одлуките ги носи сам“, додаде Спасовски.
Министерот рече дека изрекувањето на казните и утврдувањето точна брзина и изрекувањето казни е надлежност на МВР по што одговори кусо: „Не“, кога беше прашан од Спасовски дали имало план за имплементација на ваков софтвер.
Спасовски посочи дека се правеле анализи во МВР за да се подобри безбедноста во сообраќајот. Едната опција била и набавка на софтвер.
„Во мандатното писмо од Зоран Заев стоеше да се изврши анализа за подобрување на состојбите во сообраќајот преку надградба на системот. Сме правеле анализи за начинот и модели за надградба на системот ‘Безбеден град’, кој егзистира, надградбата да биде и во делот на сообраќајот. Една од опциите е да се набави нов софтвер, втората опција е да се изврши надградба на системот“, додаде Спасовски.
Обвинителката Трајчева се интересира и дали се дискутирало Владата да ја презеде надлежноста од МВР за изрекување казни, на што министерот рече дека тоа не е задача на оваа институција.
Во одговори на прашањата на обвинителката, Спасовски рече дека не знаел ниту дека е набавен систем за биометриска идентификација.
За набавката на камери за софтверот за просечна брзина и кабини за софтверот и системот за биометриска идентификација, Спасовски рече: „Не сум бил запознаен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Хеликоптерска акција во Штип: Полициски службеници спасија повреден војник од борбата со пожарот

Во време кога летните горештини го зголемуваат ризикот од пожари, а бројот на активни огнени жаришта се зголемува ширум државата, секоја служба на терен има своја задача. Но, кога станува збор за спасување човечки живот, сите се еднакви – и тоа денеска уште еднаш се покажа на дело.
Полициски службеници со хеликоптерот „Агуста Бел 212“ на Министерството за внатрешни работи (МВР), денеска извеле драматично спасување на повредено лице на фронтот на пожарот.
– Во исклучително тешки услови беше извршено спасување на С.Н. од македонската Армија, припадник на Првата пешадиска бригада од Штип, кој несебично се бореше со огнената стихија. Полициските службеници уште еднаш ја покажаа својата хуманост и одговорност – порачаа од МВР.
Од Министерството информираат дека активностите на полициските хеликоптери продолжуваат и понатаму и ќе траат се додека пожарите на територијата на целата држава не бидат целосно изгаснати.
Овој чин потсетува дека борбата со пожарите бара координирано и солидарно делување на сите институции – и дека хуманоста и пожртвуваноста се клучни во заштитата на човечките животи и природата.
Македонија
На првиот состанок на Балканската платформа за мир во Истанбул учествуваше Муцунски

На покана на министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера во Истанбул учествуваше на првиот состанок на Балканската платформа за мир. Настанот се одржа на иницијатива на турскиот министер Фидан, со учество на министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан.
Како што се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на состанокот се разговарало за европската интеграција, регионалната поврзаност, младите, образованието, одбранбената индустрија и други актуелни регионални прашања. Учесниците се согласиле дека платформата треба да продолжи и на лидерско ниво.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакнал определбата на државата за конструктивна регионална соработка како двигател на економскиот развој. Тој укажал на сериозните предизвици со кои се соочува регионот – ниска конкурентност на економиите, недоволна енергетска и инфраструктурна поврзаност и иселување на младите. Муцунски го посочил и отсуството на предвидлив и динамичен европски пат, потенцирајќи ја потребата од поголема одлучност и лидерство во процесот на интеграција на регионот во ЕУ, особено во актуелниот геостратешки контекст.
Како позитивен пример беше посочен Планот за раст за Западен Балкан, со акцент на неговиот потенцијал за носење конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите. Муцунски ја истакна и инвестициската посветеност во коридорите 8 и 10, како клучни транспортни и енергетски врски меѓу Јадранското, Егејското и Црното Море, посочуваат од МНРиНТ.
Министерот подвлекол и дека регионот мора да вложува повеќе во човечкиот капитал, конкурентноста, туризмот, културата и образованието како предуслови за одржлив развој и поврзување.
Во обраќањето пред медиумите, министерот Фидан нагласи дека стабилноста на Балканот е приоритет за Турција и дека платформата има за цел решавање на регионалните проблеми преку зголемена соработка, енергетска стабилност и поврзаност.
На маргините на настанот, министерот Муцунски остварил и билатерална средба со својот домаќин, министерот Фидан. Разговорите биле фокусирани на билатералните односи, економската соработка, инвестициските можности и продлабочувањето на соработката во области од заемен интерес.
Македонија
Шумскиот пожар во Крива Паланка се шири кон куќите, екипите се на терен

Шумскиот пожар што од вчера напладне зафати над 50 хектари борова шума во кривопаланечкото село Нерав, според информациите од Општина Крива Паланка се проширил и на делови од територијата на општина Ранковце, село Герман како и кон општина Трговиште, Република Србија.
Командирот на територијалната противпожарна единица од Крива Паланка, Иле Коцевски, информира дека екипите се терен и работат на гасењето без престан, но пожарот се шири и доближува кон куќите во селото Нерав.
Дојава за пожарот во ТППЕ Крива Паланка е примена вчера околу 14 часот, а во гасењето активно биле вклучени екипи на: ТППЕ Крива Паланка, ТППЕ Ранковце, Противпожарна единица Трговиште, Србија, екипи од јавното претпријатие „Македонски шуми“ – Подрачно шумско стопанство “Осогово”,Крива Паланка и локално население од селата Нерав и Трговиште.
-Теренот е непристапен, во текот на ноќта гасевме заедно со сите што беа вклучени, сега на терен сме од противпожарната единица од Крива Паланка и “Македонски шуми”, направив замена на еден тим од ТППЕ, колегите се беспоштедно ангажирани, вчера успеавме да спречиме пожарот да се доближи до куќите, но денес огнот повторно се шири и претставува закана за куќите, населението е вклучено, а градоначалникот е во постојана координација со општинскиот кризен штаб, информира Коцевски.
Од општината апелираат сите граѓани строго да ги почитуваат препораките и да се воздржат од движење во планински и шумски предели, со цел заштита на сопствената безбедност и олеснување на работата на службите на терен.