Култура
Министерството за култура: Предлог-законот е кај синдикатите, се очекуваат нивните забелешки
Во врска со денешната прес-конференција на СКРМ, на која беа изречени ставови дека не се вклучени или дека се доцна вклучени во изработката на нов закон за култура, Министерството за култура информира дека предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата, кој беше доставен до Собранието во јануари 2020 година, поради многубројните забелешки изнесени и на самата расправа за предлогот во Собранието во април 2022 година, беше повлечен од натамошна постапка за донесување.
Од Министерството појаснуваат дека со оглед на тоа што културата е исклучително комплексна и хетерогена и допира интереси на институционално и вонинституционално остварување, Министерството одлучило новата нацрт-верзија на законот да биде изработувана во инклузивен и партиципативен процес, кој ќе ги вклучува сите засегнати страни. Во тој контекст, велат од Министерството, една работна група изработи нацрт-верзија, во која беа вклучени претставници од установите и од невладиниот сектор. Оваа првична нацрт-верзија е доставена на мислење до СОНК и до СКРМ.
„Предлогот е испратен до СКРМ на 28 октомври 2022 година по усогласувањето на записникот од средбата со министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, одржана на 14 октомври. Текстот е испратен до репрезентативните синдикати со барање да достават мислења и забелешки до 8 ноември 2022 година. Во следниот период ќе се работи на оваа нацрт-верзија во согласност со предлозите, забелешките и мислењата на синдикатите. Временскиот период не е лимитиран и кога текстот ќе биде усогласен со синдикатите, ќе почне постапка за широка јавна дебата“, велат од Министерството за култура.
Министерството верува дека синдикатите, со своето учество во изготвувањето на долгоочекуваниот нов закон за културата, ќе дадат квалитетен придонес за уредување во оваа сфера и ќе придонесат за донесување нов, современ, европски закон за култура.
„Репрезентативните синдикати во културата остануваат партнер на Министерството за култура како и досега преку нивна партиципација во сите процеси во културата, како што се донесувањето закони, буџет, колективниот договор. Посветено работиме на унапредување на синдикалните права во културата, што, уверени сме, ќе донесе и нов програмски квалитет во оваа област“, наведе Министерството за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.
Култура
Македонска премиера на „Приказната за Силјан“ – филм создаден за домашната публика што допре до светот
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, синоќа ја имаше својата македонска премиера во Македонскиот народен театар во Скопје.
Режисерката Тамара Котевска изјави дека филмот првенствено бил создаден за домашната публика, без амбиција да стигне толку далеку на меѓународната сцена, додавајќи дека токму реакцијата од македонските гледачи за неа има најголема тежина.
Таа посочи дека, иако ѝ е драго што филмот бил прикажан и прифатен од светската публика, најважно ѝ е што ќе го гледаат луѓето низ цела Македонија. Котевска најави дека се планираат премиери и проекции во сите градови, нагласувајќи дека жителите на помалите места заслужуваат да имаат можност да го видат филмот.
„Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ценам што го видовте денес сите вие и што допрва ќе го гледа цела Македонија“, истакна Котевска.
Таа нагласи дека луѓето како Никола и неговото семејство се суштината на приказната и причината зошто создава вакви филмови, додавајќи дека особено ѝ значи да ги раскажува и приближува приказните од помалите и поскриени средини во Македонија, кои, како што рече, се суштински дел од културата и светот во кој живееме.
„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на Венецискиот фестивал, и доби повеќе значајни меѓународни признанија.
Државниот врв на премиерата на „Приказната за Силјан“ во МНТ: „Добивме вредно филмско остварување“

