Македонија
Османи и Тлеуберди разговараа за воспоставување авионска линија помеѓу Македонија и Казахстан
Mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари средба со потпретседателот на владата и министер за надворешни работи на Република Казахстан, Мухтар Тлеуберди, кој престојува во официјална посета на Македонија.
Во фокус на разговорите беа можностите за унапредување на билатералните односи, при што Османи ја поздрави одлуката на владата на Казахстан да отвори амбасада во земјата веќе в година како ново поглавје во билатералните односи и доближување на граѓаните од двете земји.
Во контекст на билатералната соработка Османи ја истакна важноста на продлабочувањето на економските и трговските врски.
„Сакам да ја поздравам успешната организација на македонско-казахстанскиот бизнис-форум во Алмати во септември оваа година, од каде што се создадоа директни контакти и потенцијали за бизнис-соработка меѓу двете економии. Следејќи го овој успех, дозволете да најавам дека напролет планираме одржување бизнис-форум овде во Скопје, во Северна Македонија, во заедничка организација со Казахстан“, истакна Османи најавувајќи исто така значајни одлуки од првата седница на меѓувладината комисија за трговско-економска соработка, која ќе се одржува наредните два дена во Скопје.
Министрите разговараа и за можноста од воспоставување директна авиолинија меѓу Северна Македонија и Казахстан, со цел поквалитетно поврзување меѓу регионите на Западен Балкан и Централна Азија.
Османи и Тлеуберди се осврна на мултилатералната соработка, особено во рамките на ОБСЕ, со која Северна Македонија ќе претседава во 2023 година.
Министрите разменија мислења и за последиците на руската инвазија врз Украина, енергетската криза, како и предизвикот со достапноста на храната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски од Карпош повика на масовна излезеност и поддршка за Сотир Лукровски и Орце Ѓорѓиевски
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати на мини митингот во Карпош, во рамки на вториот круг од локалните избори закажани за 2 ноември 2025 година, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“.
Мицкоски од Карпош зборуваше како човек кој го поминал својот живот низ улиците во Карпош со карпошани и повика граѓаните на 2 ноември да гласаат за број 9 за крај на бетонизацијата, за развој и напредок.
„Денес сум овде како човек кој го поминал својот живот тука во овие улици тука низ Карпош, како карпошанец и како таков сакам да кажам неколку работи коишто сметам дека се важни да се кажат. На овие локални избори народот јасно и гласно кажа која партија ја има довербата. После првиот круг ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија 33 градоначалници плус кандидатите кои се во втор круг како првопласирани и 6 како второпласирани, тогаш доаѓаме до бројка од 59 општини. Во 58 општини коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и има мнозинство во советите. Ако на тоа се додаде и огромната предност која ја има Орце во однос на неговиот противкандидат којшто вчера видовте како на медиум јавно избегна да каже дали ќе ги поддржи кандидатите во Брвеница и Кичево на ВМРО-ДПМНЕ, тоа треба да се запомни, ние знаеме, но добро е скопјани да запомнат со какви измамници имаат работа. Затоа што еднаш измамник цел живот измамник. Честа се стекнува на улица и таму се учат работи кои во училиште не можеш да ги научиш, а меѓу нив е и честа и таа се брани на улица, но овој човек не само што не ја има таа чест туку тој има од кого да учи од неговиот ментор претседателот на таа политичка партија за која одамна вие знаете за каков измамник станува збор, тие луѓе ја изгубија својата чест и ја немаат“ нагласи Мицкоски.
Мицкоски од Карпош повика на масовна излезеност и поддршка за број 9, за Сотир Лукровски и Орце Ѓорѓиевски за градоначалник на Скопје
„Советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Град Скопје убедливо победи во однос на сите други советнички листи, што значи имаме вкупно 60 општини во кои ВМРО-ДПМНЕ победи на овие локални избори во првиот круг. Јас сум убеден дека и после вториот круг ќе имаме 59 градоначалници плус Градот Скопје“ истакна Мицкоски.
Мицкоски ги повика граѓаните на 2 ноември да гласаат за број 9 и Сотир Лукровски во Карпош, за развој и напредок.
Македонија
Мицкоски: Кога Јакимовски бараше поддршка го замолив да нема бетонизација, а потоа ми рече ‘морам од нешто да живеам’
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од маалска средба во општина Карпош порача дека е време за промена и крај на, како што рече, годините на „бетонизација и приватни интереси“ во оваа општина.
Во своето обраќање, тој се осврна на односите со актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски, за кого рече дека „ја изневерил довербата на граѓаните и коалицијата“ уште по изборите во 2021 година.
Мицкоски се наврати на 2021 година, кога, како што рече, актуелниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, побарал помош и поддршка од ВМРО-ДПМНЕ по првиот круг од локалните избори.
„Тогаш дојде ненајавен, вознемирен и уплашен, во паника. Го примив, му реков да седне и да се смири, да разговараме. Ми велеше: ‘Те молам, поддржете ме, ако треба ќе клекнам, само да ме поддржите. Народот може да ме оправда, да ме обели’. Му реков – немој така, не личи, си човек во години, ќе разговараме, но имам едно барање – нема повеќе бетонизација во Карпош. Граѓаните се изморени од тоа“, раскажа Мицкоски.
Според него, Јакимовски ветил дека ќе го почитува тоа барање и добил поддршка од ВМРО-ДПМНЕ со што ја обезбедил градоначалничката функција.
„По изборите, кога отидов да му честитам, ми покажа маса преполна со детални урбанистички планови. Ми рече: ‘Бирај, кој е за тебе’. Го прашав што значи тоа, нели се договоривме дека нема да има нова бетонизација. А тој ми рече: ‘Морам од нешто да живеам’. Тогаш ми стана јасно дека не станува збор за ветувања, туку за интереси. Му се заблагодарив и му реков дека од мене нема да добие поддршка“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека по тој период Јакимовски започнал со лични напади, но и дека, како што рече, времето на „старите политички лица“ завршува.
„Карпош мора да ја врати својата енергија и изглед. Се работи за човек кој се наоѓа на црната листа на САД за криминал. Време е граѓаните да изберат чесност, а не интереси“, изјави Мицкоски, повикувајќи ги жителите на Карпош да го поддржат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, во вториот круг на локалните избори на 2 ноември.
Македонија
Демир најави инвестиции во Шуто Оризари им се заблагодари на ромските партии кои го поддржаа
Денес, на средба во Шуто Оризари, по потпишувањето на Декларацијата за заедничко делување, Ерџан Демир, кандидат за градоначалник за општина Шуто Оризари, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во изјава за медиуми ја изрази својата благодарност до сите ромски политички партии за одлуката да му ја дадат поддршката во вториот круг од градоначалничката трка за локалните избори за 2025 година, а во насока на испорака на подобри услови за живот на граѓаните на Шуто Оризари.
„Голема благодарност до сите ромски политички партии, коишто одлучија да ни се приклучат, да ни дадат поддршка во овој втор круг, се со цел да можеме да го постигнеме она што го посакуваме. На нашите сограѓани во Шуто Оризари му овозможуваме подобри услови за живот, да има инвестиции во Шуто Оризари како и во другите општини. Шуто Оризари да не биде заборавена општина како до сега, да може нашите сограѓани да бидат директно вклучени во работењето односно во носењето на одлуките на општината, на целата администрација, буквално да направиме една нова промена“, рече Демир.
Кандидатот за градоначалник за Шуто Оризари од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Демир посочи дека неговите сограѓани ќе бидат вклучени како и во процесот на работа на самата општинска администрација, така и во процесот на донесување на одлуките и најави офанзива на инвестиции во пост изборниот период со кои општина Шуто Оризари идентично како што е тоа случај и во другите општини.
„Во Шуто Оризари верувам дека после 2 ноември ќе следи една офанзива од инвестиции во нашата општина“, заврши Демир.

