Македонија
(Видео) Спасовски на Истанбулската конференција за безбедност: Со заеднички сеопфатен одговор на заедничките проблеми и предизвици

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, преку видеообраќање учествуваше на 8. Истанбулска конференција за безбедност, во организација на Турско-азискиот центар за стратегиски студии, а на тема „Постбезбедносни дилеми, интеграции, модели и Азија“.
„Денес сме соочени со можеби најсериозниот безбедносен предизвик по завршувањето на Втората светска војна. Отворената агресија на Русија врз Украина и промената на границите во четирите региони на Украина претставува опасен преседан, кој може до непредвидливи граници да ги заостри односите помеѓу државите и да ги разгори и така силните воени дејства, при што на крајот најмногу страдаат недолжни цивили“, порача, меѓу другото, министерот Спасовски.
Северна Македонија во изминатите неколку години помина низ многу значајни процеси, кои резултираа со членство во НАТО и со почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Како резултат на мудрата и предвидлива политика беа решени децениски спорови со соседите, кои македонското општество го оставија настрана од регионалните и светските интеграции, иако геополитичките случувања и безбедносните предизвици никогаш не ја заобиколија нашата држава. Токму сега, во време на сериозна нестабилност на истокот на Европа, можеме целосно да ги почувствуваме придобивките од членството во НАТО и што реално значи да се биде дел од најмоќниот воен и политички сојуз во светот. Нашите граници се безбедни, а заедно со нашите партнери и пријатели ги бараме најдобрите можни решенија за секој безбедносен предизвик, па дури и за енергетската криза и недостигот на ресурси, рече Спасовски.
Тој укажа на неколку значајни безбедносни предизвици со кои се соочуваме како држава, но и како регион во целина.
„Миграциите, особено нелегалните миграции, сè уште се актуелна тема, со која на дневна основа се соочуваат полициските служби во регионот и во Европа. Колку и да е контролирана т.н. балканска рута, регистрирани се многубројни мрежи на организирани криминални групи, кои ги користат сите можности за да се стекнат со извонредно големи суми пари заработени на криминален начин. Мораме да продолжиме како одговорни институции да го градиме капацитетот за одговор на овој сериозен криминал“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тошковски го суспендирал, а Чадиева го вратила на работа командирот кој пукаше со калашников, ВМРО-ДПМНЕ го објави решението по прозивките на СДСМ

Командирот од Ропотово кој пукаше со калашников од балкон и беше суспендиран, повторно е на работа. СДСМ денес го критикуваше министерот Панче Тошковски, прашувајќи зошто го дозволил неговото повторно именување. Но ВМРО-ДПМНЕ попладнево излезе со тврдење дека бил вратен на работа од кадар на Социјалдемократите, приложувајќи го решението на второстепената комисија во таа насока.
„Командирот на полициската станица во Ропотово кој пукаше со калшников и беше суспендиран и со кривична пријава, Тошковски го врати повторно да биде командир во Ропотово. Прашањето е зошто? Денеска го гледаме командирот што пукаше како гордо позира токму со неговиот пулен, Панче Тошковски.“, пишува во фејсбук објавата на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ подоцна излезе со тврдење дека Панче Тошковски го суспендирал командирот од Ропотово, но Даница Чадиева од СДСМ претседател на Второстепена комисија, бивш претседател на СДС Велес го вратила на работа. Се додава и дека МВР постапува по решението на Второстепена комисија која ја води Чадиева. Партијата во прилог го испрати решението.
Македонија
Кривична за поранешни директори на Пошта поради незаконски набавки и штета од 32.500 евра

Полицијата поднесе кривична пријава против В.С. и Б.А. – поранешни генерални директори на АД Пошта, поради сомнение за несовесно работење во службата.
Според информациите од истрагата, тие во текот на 2023 година не извршиле соодветен надзор врз работата на подредените раководители на подружници, со што овозможиле да се реализираат набавки спротивно на законската постапка.
На овој начин, биле направени набавки во вредност од 56.546 евра, со што е надминат дозволениот праг, а на буџетот на компанијата му била нанесена директна штета од над 32.000 евра.
Македонија
Лажни налози и злоупотреба на печат – пријавен раководител од Шуто Оризари за измама од 3,6 милиони денари

Полицијата расчисти случај во врска со измама во службата, при што поднесе кривична пријава против Д.А. (51) вработен како раководител на сектор во општината Шуто Оризари, поради сума од 3.600.000 денари, односно над 58.000 евра.
„Имено, според сознанија од истрагата, осомничениот при крајот на 2023 година како раководител на сектор во општина Шуто Оризари со цел да прибави противправна имотна корист – од буџетската сметка на општината, по основ на одржување на училишни објекти, во пет наврати изготвил лажни налози за исплата на парични средства злоупотребувајќи печат на општината како и скратен потпис на актуелен градоначалник на истата“, велат од МВР.
Притоа откако ги пуштил паричните средства од тресорска сметка парите биле префрлени по основ на три налози кон правно лице од Скопје, а дополнително осомничениот формирал уште едно правно лице во кое тој бил сопственик каде што исто така пуштил уште два парични налози. На тој начин осомничениот Д.А. го оштетил буџетот на општина Шуто Оризари за 3.600.000 денари.