Македонија
Герасимовски: Една година нула денари трошоци за угостителски услуги и патувања во странство
Во интерес на отчетноста и транспарентноста, Општина Центар во изминатата година потроши нула денари за угостителски услуги и нула денари за трошоци и патувања во странство. Односно, Општината направи заштеда поголема од 700.000 денари, колку што се предвидените буџети за патувања и угостителски трошоци.
Градоначалникот Горан Герасимовски вети одговорно и домаќинско работење и со општинската администрација и тоа го исполнува.
Општина Центар во првата година од мандатот на градоначалникот Герасимовски реализира многубројни настани и проекти, почна капитални инвестиции, со кои ќе ги подобрува условите за живеење на граѓаните и ги зголемува можностите за социјален и економски развој.
„Сите овие проекти, кои во изминатата година се почнаа и голем дел од нив веќе е реализиран, се доказ дека единствен мој фокус и на општинската администрација се граѓаните и нивните интереси и потреби. Сите непродуктивни трошоци, кои служат за лични привилегии, не се одлика на оваа локална самоуправа. Ова е година на голема криза, која сериозно го погоди и намали буџетот на Општината и затоа единствениот начин да заштедиме и инвестираме е токму преку отстранување на непродуктивните трошоци, кои служат за лични привилегии“, смета Герасимовски.
Општина Центар ќе продолжи да работи и да ги застапува, единствено интересите на граѓаните. Токму затоа во следниот период градоначалникот Герасимовски и општинската администрација ќе одржат серија трибини, на кои ќе ги слушнат барањата на граѓаните во рамките на буџетскиот форум. Некои од овие барања ќе бидат вградени во креирање на буџетот за 2023 година.
Општина Центар останува отворена општина за граѓаните и со нив ќе изгради нова приказна на среќни и задоволни граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

