Македонија
Ковачевски: Западниот Балкан има европска иднина, силна поддршка од ЕУ за справување со енергетската криза
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска предводеше владина делегација составена од вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи, на Самитот за Берлинскиот процес во Берлин, Германија.
Претседателот на Владата Ковачевски, посочи на значењето на европските интеграции на Северна Македонија, како и на Западен Балкан – и за Европската Унија, што го покажа актуелниот политички контекст со потребата од заеднички пристап во решавањето на безбедносните, енергетските, економските и другите предизвици од глобалната криза, поради војната во Украина. Премиерот Ковачевски во таа насока се заблагодари на канцеларот Шолц, односно на Сојузна Република Германија за иницијативата Берлински процес, што придонесува во инклузивниот пристап кон овие прашања, како и на претседателката на ЕК, Фон дер Лејен, за фокусот кон проширувањето на ЕУ со државите од Западен Балкан.
Во заклучоците од Самитот, учесниците на Берлинскиот процес ја потврдија важната улога на Берлинскиот процес како двигател на регионалната соработка и забрзувач на процесот на интеграција во ЕУ.
Во насока на заложбите за Заеднички регионален пазар, сите учесници на Самитот го поздравија потпишувањето на Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан и Договорот за признавање на професионалните квалификации за доктори по медицина, стоматолози и архитекти врз основа на правилата на ЕУ, коишто значително ја унапредуваат мобилноста на студентите, академиците и професионалци од Западен Балкан. Поздравено е потпишувањето и на Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан, како клучна пресвртница на Заедничкиот регионален пазар и значаен чекор напред кон отстранување на бариерите за мобилност на луѓето во регионот.
Заедничкиот регионален пазар, како што е оценето, останува одлучувачки и сеопфатен процес, за да се постигне економска отпорност на регионот, особено во услови на руската војна против Украина и закрепнување на државите по Ковид-19, што ќе овозможи понатамошна интеграција на Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ.
Во однос на енергетската безбедност/транзиција, зелената агенда и климатските промени, сите учесници на Самитот се согласија дека енергетската криза и транзицијата кон обновливи енергии може да се управуваат само преку подлабока регионална соработка, дека Европа треба да го преиспита снабдувањето со енергија и околу енергетската безбедност и дека е ова клучно, не само за да се обезбеди прифатлива и сигурна енергија, туку и за борба против климатските промени и намалувањето на загадувањето на животната средина.
За таа цел, лидерите на Западен Балкан усвоија и Заедничка декларација за енергетска безбедност и зелена транзиција во Западен Балкан. Заложбите во неа се значително поддржани со изјави за поддршка и од другите учесници во Берлинскиот процес, особено од Комисијата на ЕУ.
Сите учесници на Самитот се согласни за важноста на безбедносната соработка во рамките на Берлинскиот процес и се обврзаа на продолжување на кохерентен регионален пристап, преку постоечките безбедносни платформи и проекти.
Во однос на други важни прашања, учесниците на Самитот ја поздравија иницијативата на германската Влада за создавање Младински културен фонд на Западен Балкан под администрација на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), како вреден придонес за поттикнување на добрососедските односи и меѓусебното разбирање, важни за помирувањето. А, на Самитот е изразена и подготвеност за зајакнување на тековната работа за интеграција на Ромите во областа на домувањето, образованието, вработувањето, зелената и дигиталната агенда.
На работната средба, како и во заклучоците од Самитот е истакната посветеноста на учесниците за продолжување на Берлинскиот процес, со цел да се употреби целосниот потенцијал за подобрена и инклузивна регионална соработка.
Учесниците се согласија следниот Самит на Берлинскиот процес 2023 година да се одржи во Албанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДЗС со вежба го одбележа Светски ден на цивилната заштита
Со вежба за цивилна заштита и спасување во битолско викендов се одбележува 1 Март – Светски ден на цивилната заштита. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов во изјава за медиумите истакна дека овој ден е посветен на луѓето, без разлика дали се од институциите или од доброволните друштва, кои секогаш се во служба на безбедноста и заштитата на граѓаните при природни непогоди, несреќи, кризни состојби и други опасности.

По повод Светскиот ден на цивилна заштита, во соработка на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) и Доброволно противпожарно друштво (ДПД) „Архангел“ од Битола, беше реализирана дводневна вежба во Битола и кај манастирот „Св. Ѓорѓи“ во битолското село Велушина (во предел кон границата со Грција).

– Првиот ден се реализираше презентација на улогата на ДПД во системот за заштита и спасување со разменување теортетски и практични искуства и добри искуствени практики. Вториот ден, при показната вежба – симулација на настан „Гаснење пожар на отворен простор“ се примени јасна командно-контролна структура (ICS), со однапред утврдени улоги и одговорности во насока на јакнење на меѓуинституционалната соработка и со доброволните друштва, нагласи Ангелов.
Македонија
(Видео) Филипче: Со Мицкоски, има драматичен пад на странските инвестиции за 729 милиони евра
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изјави дека со Христијан Мицкоски на чело на Владата има драматичен пад на директните странски инвестиции од 61 отсто, односно намалување од 729 милиони евра во 2025 година во споредба со 2024 година.
„Во 2024 година има рекордна вредност на директни странски инвестиции од 1.196.000.000 евра, а сега во 2025 година само 467 милиони евра. Тоа е резултат на економската политика на оваа Влада – едноставно дебакл“, изјави Филипче, повикувајќи се на податоци од Народната банка.
Тој нагласи дека бројките значат работни места и благосостојба, посочувајќи дека во време на владите на СДСМ биле отворени 16 нови фабрики и над 10.000 работни места во технолошко-индустриските развојни зони.
Филипче тврдеше дека сега се бележи повлекување на компании и кратење на производствени линии, при што, како што рече, „илјадници работни места се под ризик“.
Тој ја обвини Владата за „тотална негрижа“, посочувајќи на, како што наведе, буџетски дефицит од близу две милијарди евра, издавање две еврообврзници во вредност од една милијарда евра и барање нови 300 милиони евра задолжување.
Филипче додаде дека СДСМ предложила зголемување на минималната плата и пренамена на буџетски средства, но дека власта го одбила предлогот. Според него, намалени се средствата за земјоделство и за пациенти со ретки болести, додека, како што рече, „има пари само за тендери блиски до врвот на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Нема напредок, нема дури ни стагнација – има назадување на сите процеси во државата“, изјави Филипче.
Македонија
Инвеститори граделе без одобрение во Охрид и Струга, инспекторатот наложил уривање
СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.П. (46) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.
Според полицијата, таа како инвеститор, на катастарска парцела во охридското село Љубаништа, без правосилно одобрение за градење издадено од надлежниот сектор во општина Охрид, изградила објект за домување. Надлежен инспекторат донел решение за отстранување на градбата.
ОВР Струга, пак, поднесе кривична пријава против М.М. (58) од Струга, исто така поради сомнение за „бесправно градење“. Пријавениот, како инвеститор, без правосилно одобрение од општинскиот орган, изградил објект за домување и гаража на катастарска парцела во Струга.

