Свет
ОН: Осум милиони луѓе во Јужен Судан се во опасност од глад

Речиси осум милиони луѓе во Јужен Судан, или две третини од населението, се загрозени од несигурност во храната и глад, предупредија денеска ОН во извештајот.
„Гладот и неухранетоста се во пораст во делови на Јужен Судан погодени од поплави, суша и конфликти, а некои заедници се изложени на ризик од глад доколку се прекине хуманитарната помош и не се зајакнат мерките за адаптација на климата“, се истакнува во извештајот.
Според извештајот, на 7,76 милиони луѓе им се заканува акутна несигурност во храната во периодот пред новата жетва, од април до јули 2023 година, а 1,4 милиони деца ќе бидат неухранети.
За ваквата состојба се виновни конфликтите, лошите макроекономски услови, екстремните климатски настани, наглото поскапување на храната и горивото и падот на финансирањето на хуманитарните програми, велат авторите.
„Јужен Судан е на првата линија на климатската криза и семејствата секојдневно ги губат домовите, добитокот, полињата и надежта поради екстремните временски услови“, рече Макена Вокер, привремен директор на WFP за Јужен Судан.
Во 2017 година, глад беше прогласен во Јужен Судан, во областите Лееру и Мајендито во државата Унити, кои често беа место на конфликти.
Јужен Судан, најмладата земја во светот, е зафатен од крвави конфликти, природни катастрофи, економска криза и постојана борба за власт откако се стекна со независност од Судан во 2011 година.
Речиси 400.000 луѓе загинаа во петгодишната граѓанска војна што заврши во 2018 година, пренесе Индекс.хр.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Речиси 1.900 камиони со хуманитарна помош пристигнаа во Газа

Израелската воена агенција која ја координира хуманитарната помош денеска соопшти дека во текот на изминатата недела, од палестинската страна на премините Керем Шалом и Зиким се собрани и дистрибуирани речиси 1.900 камиони со хуманитарна помош.
Како што се наведува, повеќе од 1.310 камиони што влегоа во Газа во текот на неделата превезуваа главно прехранбени производи, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Агенцијата, која работи во рамките на израелското Министерство за одбрана, наведува дека ќе продолжи да го олеснува доставувањето на хуманитарна помош до цивилното население во Газа, „но не и до Хамас“.
Свет
Конструктивен беше состанокот на советниците за безбедност од Украина и нејзините партнери, вели Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека состанокот на советниците за безбедност од Украина и нејзините партнери, што се одржа во Велика Британија, бил конструктивен.
Аргументите на Киев беа слушнати и опасностите беа земени предвид, додаде тој во своето вечерно обраќање до Украинците.
Зеленски истакна дека на средбата учествувале претставници на Велика Британија, САД, Франција, Германија, Италија, Финска и Полска, со цел консолидирање на позициите за постигнување примирје.
„Патот кон мирот за Украина треба да биде определен заедно и само заедно со Украина, тоа е клучен принцип“, нагласи украинскиот претседател.
Свет
Макрон: Иднината на Украина не може да се одлучи без Украинците

Само неколку дена пред планираната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон нагласи дека Украина мора да биде вклучена во сите разговори за нејзината иднина.
„Иднината на Украина не може да се одлучи без Украинците, кои се борат за својата слобода и безбедност повеќе од три години“, напиша Макрон на X.
„Бидејќи и нивната безбедност е во прашање, Европејците исто така мора да бидат дел од решението, рече тој.
Макрон претходно разговараше по телефон со украинскиот претседател Володимир Зеленски, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер, напиша тој.
По разговорот со Макрон, Зеленски напиша на X: „Украина, Франција и сите наши партнери се подготвени да работат што е можно попродуктивно за вистински мир“.
Трамп треба да се сретне со Путин во Алјаска во петок. Според „Волстрит џурнал“, Путин бара целосна руска контрола врз источните региони на Украина, Донецк и Луганск, што Зеленски категорично го отфрла.