Свет
Северна Кореја пукаше со топови во морето, Јужна Кореја им се закани
Северна Кореја лансира 80-ина артилериски проектили во својата поморска гранична зона во текот на ноќта, соопшти Јужна Кореја, а министрите за одбрана на Јужна Кореја и САД ветија дека ќе покажат одлучност пред ракетните тестови на Северот.
Северна Кореја истрела повеќе проектили во морето во четвртокот, вклучително и можна неуспешна интерконтинентална балистичка ракета (ICBM), што ги натера САД и Јужна Кореја да ги продолжат воздушните вежби, што го налути Пјонгјанг.
Војската на Јужна Кореја во четвртокот непосредно пред полноќ соопшти дека снимила повеќе од 80 артилериски гранати истрелани во морето од Северна Кореја, што според неа е кршење на меѓукорејскиот договор од 2018 година. Јужна Кореја издаде предупредување до Пјонгјанг поради ракетите, се вели во соопштението на Јужна Кореја.
На состанокот во Вашингтон американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, и јужнокорејскиот министер за одбрана Ли Јонг-суп ветија дека ќе бараат нови мерки за да ги покажат решителноста и способноста на алијансата по повторените севернокорејски провокации, се вели во заедничката изјава.
Тензиите се зголемуваат на Корејскиот Полуостров бидејќи Пјонгјанг изврши рекорден број лансирања проектили оваа година вклучувајќи најмалку 23 само во средата и лансирање интерконтинентална балистичка ракета во четвртокот.
Висок претставник на американската администрација изјави во четвртокот дека не е јасно кога Северна Кореја би можела да изврши тестирање на нуклеарно оружје иако Вашингтон од мај соопшти дека Северна Кореја се подготвува да продолжи со нуклеарно тестирање првпат од 2017 година.
Соединетите Американски Држави веруваат дека Кина и Русија имаат доволно моќ да ја одвратат Северна Кореја од тестирање нуклеарна бомба, изјави официјален претставник за „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.
Свет
Европската комисија го разгледа развојот на ситуацијата на Блискиот Исток: проценети можните ефекти од прелевањето на конфликтот
Европската комисија денес објави дека го разгледала развојот на ситуацијата на Блискиот Исток, како и дека ги проценува можните ефекти од прелевањето на конфликтот врз Европската Унија.
Комисијата во соопштението наведува дека ќе се фокусира на управување со какви било негативни последици што произлегуваат од развојот на настаните во регионот, објави Ројтерс.
ЕК истакна дека внимателно ги следи цените на енергијата и нивната испорака, како и дека ќе свика работна група за енергија во соработка со националните власти.
Во исто време, Комисијата го интензивира следењето на потенцијалните прекини во транспортот, особено во Ормутскиот теснец и Црвеното Море, се додава во соопштението.
САД и Израел го нападнаа Иран во саботата во, како што нарекоа, „превентивни напади“, кои дојдоа по неуспехот на неколку рунди преговори за нуклеарната програма на Иран.
Потоа Иран започна масовни напади како одмазда против Израел и цели поврзани со САД низ целиот регион на Блискиот Исток, објавува Танјуг.
Свет
Почина и сопругата на иранскиот ајатолах: им подлегна на повредите
Мансуре Хоџастех, сопругата на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, почина од повредите здобиени во неодамнешните американско-израелски напади, објавија иранските државни медиуми.
Медиумите потсетуваат дека Хамнеи беше убиен во заеднички американско-израелски напади насочени кон неколку локации во Техеран и неговата околина.
Според иранските државни медиуми, Хоџасте беше повредена во истиот бран напади, а денес им подлегна на повредите.

