Топ
Маж и жена од Велес осомничени за продажба на хероин
Основното јавно обвинителство Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица на возраст од 39 и 36 години бидејќи постои основано сомневање дека како соизвршители сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените маж и жена, кои живееле заедно како вонбрачни партнери, во својот дом држеле наркотична дрога – 94,18 грама хероин во повеќе пакувања. При претресот на домот осомничената преку прозорецот од куќата надвор исфрлила дел од наркотичната дрога.
Полицијата во куќата пронашла и други предмети, кои укажуваат на намерата за илегална продажба на дрога – една дигитална вага, пари, тетратка со записи за неплатени долгови од лица и платежни картички на име на разни лица.
Бидејќи постои опасност од повторување на кривичното дело, како и можност за бегство на осомничените, јавниот обвинител предложи да им биде определена мерка притвор. Судијата на претходна постапка од Основниот суд Велес го прифати предлогот и на осомничените им определи притвор во траење по 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За Бојмацалиев, полицијата е модерна и европска, Тошковски, пак, шокиран од недостоинствените услови во кои работат
Со свеченост во паркот кај авионот во скопско Ново Лисиче денес беше одбележан Денот на полицијата, 7 Мај. Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, и дополнителниот заменик-министер, Митко Бојмацалиев, во говорите уште еднаш покажаа дека поинаку гледаат на состојбите во македонската полиција. Бојмацалиев, кој говореше прв, а го слушаа само првите неколку редови гости и полицајци оти голем дел од столчињата беа празни, смета дека полицијата е модерна и европска. За разлика од него, техничкиот министер Тошковски го шокирале условите во кои работат полицајците.
„Овој празничен момент не е време да држиме долги политички говори, туку да се осврнеме на клучното во полициската професија, а тоа се нашите колеги, полициските службеници, кои секојдневно посветено и неуморно ги извршуваат своите службени задачи. Им оддавам признание на колегите што не се со нас, вечна им слава. Северна Македонија е прогласена за најбезбедна земја на Западен Балкан од страна на глобалниот индекс за мир бидејќи вложувавме во развојот на модерна и европска полиција. Вложивме 17 милиони евра во подобри услови и изградба на полициски објекти, 14 милиони евра за нови униформи и опрема, ја покачивме платата 35 отсто и ги исплативме сите бонус плати. Единствено, жалам што немавме кога да издадеме уште една монографија за периодот 2022 – 2024 година бидејќи во тој период се реализираа многубројни достигнувања за државата и полицијата. Благодарам од срце за сите убави моменти од 2017 до денеска. Со гордост можам да кажам дека успеавме МВР да го направиме МВР за граѓаните. Уверен сум дека создадовме одлични услови за полицијата да остане непоколеблив бедем за заштита“, рече Бојмацалиев.
Веднаш по него, техничкиот министер Тошковски, заблагодарувајќи им на полицајците, кажа дека работат во недостоинстевни услови.
„Утре навршуваат 100 дена од моето раководење со оваа значајна институција, 100 дена макотрпна работа, во кои го дадовме најдоброто од себе за да им служиме на граѓаните. Кога ја добив честа да бидам назначен на оваа позиција во рамките на техничката Влада, знаев дека ме очекува напорна задача и знаев дека сум исправен пред тежок и сериозен предизвик, но ни најмалку не очекував дека ќе се соочам со толку недостоинствени услови за работа на припадниците на полицијата, а истовремено и дека ќе сведочам на толку неизмерна желба меѓу нив за професионално и чесно да си ја вршат својата должност и да им помагаат на оние на кои тоа им е најпотребно. Краток период, би рекол, но сметам дека е и повеќе од доволен за да увидам одблиску дека во полициските редови сѐ уште има чесни луѓе, луѓе што си ја сакаат татковината и луѓе што работат за нејзино добро“, рече Тошковски.
Тој е задоволен што под негово водство полицијата успеала да обезбеди фер и демократски избори. Најави нова ера во Министерството, каде што унапредувањето ќе се врши исклучиво врз основа на мерит-систем, а платите ќе го одразуваат непроценливиот придонес што го даваат полицајците за општеството.
„На истекот на овие 100 дена научив една многу важна лекција, која се надевам дека ќе одекне меѓу сите вас што сте тука денес. Можеби хероите во филмовите носат наметки, но хероите од нашата реалност носат полициски униформи“, рече техничкиот министер за внатрешни работи, Тошковски.
Тој им врачи благодарници и плакети на најдобрите полицајци, а присутните проследија и прелет на три полициски хеликоптери.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,70 % во однос на одлуката од 29.4.2024 година.
Од 8.5.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 86,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 88,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 74,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 74,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 45,832 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98 и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) се намалува 1,00 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 0,829 денари/кг и сега ќе изнесува 45,832 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 2,438 %, кај дизелот 2,100 %, кај екстра-лесното масло 2,605 % и кај мазутот намалувањето е 1,907 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,407 %.
Македонија
Јовановски за пријавата од Кичеец: Ова е почеток на една битка со цела криминална банда
Зоран Милевски-Кичеец го пријавил Бојан Јоавновски-Боки 13 во полицијата.
Ова се однесува на статусот што Јовановски го објави вчера, а каде што посочи дека лица блиски до Кичеец му се закнуваат.
Јовановски вели дека Кичеец е човек што згрешил пред законот, а не одговарал за тоа и неговата реакција е очекувана.
„Ова е почеток на една битка и разрешница со цела криминална банда, а во оваа криминална банда еден од предводниците е Зоран Милевски-Кичеец“, рече Јовановски.
Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ ги оцени наводите на Кичеец како неосновани и укажа дека за лажното пријавување очекува одговорност.
Како што појасни Туфегџиќ, пријавата се однесува на три кривични дела – загрозување на сигурноста, демнење и кривично дело лажно пријавување. Ги отфрламе сите наводи, рече Туферџиќ, бидејќи сметаме дека не постојат законски основи за понатамошно процесирање.
Јовановски претходно на „Фејсбук“ објави дека лица блиски и под команда на Зоран Милевски-Кичеец веќе неколку дена кон него дејствуваат преку разни форми на закани и притисоци со цел да го откаже второто гостување во поткастот кај Лазаров. Воедно, како што објави Јовановски, заканите и уцените кулминирале кога пред влезот на неговиот стан го пречекале две лица да му пренесат порака од Кичеец.