Македонија
(Видео) Каевски: Партиски панаѓур на ВМРО-ДПМНЕ, отчет на градоначалници пред Мицкоски наместо пред граѓаните

„За оваа една година локална власт на ДПМНЕ граѓаните не видоа ниту еден нов капитален проект, ниту едно решение, ниту помош во време на криза. Но затоа секојдневно гледаат кавги за провизии и тендери, масовна партизација и расипничко трошење на народните пари во време на светска криза. Резултатот од една година локална власт на ВМРО ДПМНЕ се гледа во Скопје: целосен хаос во градот“ рече на денешната прес-конференција пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски.
Каевски посочи дека „наместо бесплатен превоз, нема превоз, наместо нови еколошки автобуси ниту тие што ги има не возат, заглавени, нефункционални јавни претпријатија и нула проекти. Затоа денеска, затворени и далеку од граѓаните, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ на партиски панаѓур ќе даваат отчет пред шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски. Не пред граѓаните, пред Мицкоски“.
„Денешниот партиски панаѓур на ВМРО-ДПМНЕ е само уште еден доказ дека градоначалниците од оваа партија не работат за интересите на граѓаните, туку за личните и бизнис интереси на Мицкоски. Мицкоски е шпицниот градоначалник на секоја општина предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тој прави увиди, тој договара набавки, пред него, наместо пред граѓаните даваат отчет градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ“ рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мисајловски – Бардуани: Остануваме посветени на регионалната безбедност и стабилност

Денеска во Министерството за одбрана, министерот Владо Мисајловски се сретна со командантот на НАТО мисијата на Косово, КФОР, генерал-мајор Енрико Бардуани со кого разговараше за значајната улога на оваа мисија во зацврстувањето на безбедноста и стабилноста на Косово, а со тоа и на целиот регион.
„Оваа НАТО мисија е исклучително значајна за уште постабилен и побезбеден регион. Остануваме посветени на нашиот придонес кон КФОР и логистичката поддршка која ја даваме на оваа мисија и во иднина“, рече министерот на средбата.
Мисајловски порача дека во време на сериозни геополитички промени и нестабилност, сигурен и безбеден регион е од приоритетно значење за нас, додавајќи дека земјата ќе продолжи да биде столб на безбедноста на Балканот.
Имајќи предвид дека мандатот на генералот Бардуани како командант на КФОР завршува наскоро, министерот Мисајловски му се заблагодари за одличната соработка и координација поврзана со македонскиот контингент во оваа мисија.
Генералот Бардуани, пак, посочи дека македонските војници секојдневно покажуваат врвен професионализам и целосна посветеност на своите задачи и обврски. Тој изрази благодарност за континуираниот придонес на нашата држава во мисијата КФОР, нагласувајќи ја важноста на соработката во одржувањето на мирот и безбедноста во регионот.
Во рамки на посетата, генералот Бардуани се сретна и со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Македонската Армија во оваа мисија придонесува од 2020 година.
Македонија
Професорот Горан Марковски ќе се кандидира за градоначалник на Скопје

Професорот Горан Марковски, декан на Градежниот факултет, ќе биде независен кандидат за градоначалник на град Скопје, соопшти граѓанската платформа „Независни заедно“.
„Заедно да му дадеме шанса на градот, шанса да го водат стручни лица со храбро лидерство и визија за поубав град по мерка на човекот“, велат од платформата.
Кандидатурата на професорот е поддржана од граѓанската платформа „Независни“ заедно, составена од „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“.
Македонија
ДУИ нуди ветинг со меѓународен мониторинг: Нека се истражи имотот на секој политичар и на секоја политичка партија

ВМРО-ДПМНЕ е последната партија која има право да држи лекции за борбата против корупцијата, криминалот и политичките влијанија, затоа што денес, од позиција на власт, јасно демонстрира дека има само една цел: целосно да ја зароби државата, особено правосудството, велат од ДУИ.
Според нив, под водство на оваа влада, политиката отворено се меша во Обвинителството, Републичкиот судски совет и Советот на јавни обвинители, со класични политички сценарија за ставање на правдата под контрола.
ДУИ, додаваат од таму, не се плаши од независно правосудство ниту од транспарентност.
„Напротив, ние нудиме конкретно решение: ветинг со меѓународен мониторинг, за целосно чистење на политичката и јавната сцена од секое коруптивно влијание. Нека се истражи имотот на секој политичар и на секоја политичка партија. Нека се истражи најголемиот корупциски процес во државата – приватизацијата, која создаде недопирливи олигарси со монополи во клучни економски сектори, кои денес прават сè за да го блокираат европското интегрирање, од страв од фер конкуренција“.
ДУИ бара истрагата да се прошири и на институциите на државната безбедност и нивните вработени од 1945 година до денес, затоа што, како што велат, само така може да се затвори едно темно поглавје од минатото и да се изгради држава каде никој не е над законот.
„Тие што немаат што да кријат – го прифаќаат ветингот.
Времето на моноетнички проекти и етничка супериорност е завршено. Северна Македонија може да се гради само заедно, во духот на мултиетничноста и еднаквоста, а не под плаштот на „борба против корупцијата“ да се реализираат агенди кои ја поткопуваат државата и ја заробуваат за да спроведат моноетнички цели.
ДУИ останува цврсто определена да ја води државата напред кон европската интеграција, со чисти институции, со независно правосудство и со општество кое става крај на бескрајниот транзициски период“, истакнуваат од партијата на Ахмети.