Култура
Доделени наградите „4 Ноември“ и перформансот „Битола бабам Битола“ по повод денот на ослободување на градот
По повод Денот на ослободувањето на градот, на посебна свеченост во Народниот театар во Битола, беа доделени четвртоноемвриските награди, согласно донесената одлука на Управниот одбор на Фондот за наградата „4-ти Ноември“. Свеченоста започна со проекција на краткото видео „Битола во срцето“ и македонската химна, во изведба на Игор Дурловски.
Општинската награда „4 Ноември“ за животно дело за 2022 година, ја додели градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, на ПЕТАР СТАВРЕВ – просветен работник, новинар, фотограф, фото-репортер, документарист, ТВ – репортер, уредник, автор, хроничар на градот Битола, репрезент на Битола и урбана личност без која не може да се замисли животот на Широк Сокак. Наградата се доделува заради големи достигнувања од областа на новинарството, реализирани неверојатни проекти, интервјуа со голем број значајни личности, а меѓу нив како најзначаен е Милтон Манаки, а како новинар пишувал текстови за бројни весници. Голем придонес има и во областа на фото документирањето на настани, места и личности на Битола. Автор е на повеќе монографии, каталози, проспекти, на повеќе од 300 документарни филмови, добитник на наградите „Златна плакета“ и наградата од фестивалот „Камера 300“.
Петар Ставрев е и планинар кој го има искачено Монт Блант, а ги има искачено и највисоките балкански врвови. Дури и во 2022 година на 81 годишна возраст има реализирано повеќе проекти: издавање на написи, организирање на фото изложби, коавтор е на монографијата „76 години позитивни активности“, продолжи и со издавање на весникот „Занаетчија“ и весникот „Пензионер плус“, традиционално го фотодокументираше Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, „Битфест“, „Илинденски денови“ и сите останати настани од областа на спортот и културата во Битола.
Општинските награди „4 Ноември“ за 2022 година, ги додели Претседателката на Управниот одбор и претседател на Советот на општина Битола, Габриела Илиевска на Благој Мицевски, Оливера Наковска Бикова, Сефедин Бајрамов, Божидар Божиновски (Моџо Калингтон), Д-р Маријан Бошевски.
Благој Мицевски, едногодишната награда ја доби, заради значајни постигнувања во областа на културата и уметноста. Во постковид година уметникот, реализирал исклучително многу проекти кои покрај личната афирмација го афирмираат и градот Битола и државата. Изработил костими за следните претстави: „Идиот“, „Антигона“, „Цар Едип“, „Големиот Диктатор“, „Артуро Уи“ и „Хандке проект“. Избран е за насловен доцент на „Универзитетот Гоце Делчев“ во Штип каде предава историја на костим и сценографија. Познат локален патриот, несебично поддржувал многу иницијативи и здруженија и скоро секогаш присутен на културните настани од секаков вид.
Оливера Наковска Бикова е наградена заради достигнувања во областа на спортот, постигнати резултати на меѓународната спортска сцена, за што е наградена со орден од Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски. Во меѓународната кариера учествувала на повеќе Параолимписки игри, во 2004 има освоено 6 место, во 2008 освоено 5 место, во 2012 освоено 1 место, 2016 освоено 4 место и 2020 освоено 6 место. Исто така, има освоено повеќе од 50 медали на Светски првенства, Европски првенства, Светски купови и други Меѓународни првенства. Во име на наградената, наградата и беше врачена на нејзината ќерка.
Сефедин Бајрамов, е награден заради достигнувања во областа на музиката, интерпретатор на голем број песни и мелодии, постигнат посебен успех со исполнувањето на песната посветена на Ајри Демировски „Снагата ми е во Станбола, душата во Битола“. Во неговата 50 годишна кариера, Сефедин Бајрамов исполнува композиции од многу автори на музика, учествувал на бројни фестивали, манифестации од ревијален и хуманитарен карактер и добитник е на голем број на дипломи, признанија, благодарници.
Моџо Калингтон (БОЖИДАР БОЖИНОВСКИ), е награден заради достигнувања во областа на литературата со неговото дело „Уништување“. Препознатлив по популарната комична емисија „Фчерашни новости“, работел како сценарист на серијата „Преспав“, автор на книгите „Аутопсија на љубовта“, „Денот кога не се разбудив“ и „Уништување“.
Доктор Марјан Бошевски, е награден заради достигнувања во областа на медицината. Завршил студии по интерна медицина односно кардиологија на Медицинскиот факултет Скопје, едукација за васкуларен ултразвук во Универзитетската болница во Гент, Бостонскиот универзитетски медицински центар, за тромбоза во клиниката Мајо, Рочестер и ехокардиографија во UCLA, Лос Анџелес и Медицинскиот универзитет во Виена. Вработен е во УК за кардиологија, бил раководител на Васкуларна лабараторија, моментално е во Одделението за воспалителни заболувања. Член е на уреднички одбори на прилози на МАНУ и Архиви на јавно здравје, член на работни групи за тромбоза, аорта и периферна васкуларна болест, полноправен член е на Европската академија на науки и уметност. Во моментот е претседател на Македонското здружение по кардиологија. Во 2021 и 2022 имал значајна публистика. Во име на наградениот, заради негови обврски оваа вечер, наградата ја прими негов претставник.
Манифестацијата по повод доделувањето на наградите, во преполната сала на Народниот театар продолжи со музичко – сценскиот перформанс „Битола Бабам Битола“, во режија на Дејан Пројковски и музика на Оливер Јосифовски и Љубојна. Низ перформансот, присутните се потсетија на минатото на Битола, прошетаа низ битолските маала, детските игри, потсетувајќи се на значајните имиња од градската историја, како љубовната приказна на Кемал Ататурк и Елени Каринте, на делата на браќата Манаки, на Димитар Илиевски Мурато, Јонче Христовски, Ацо Стефановски…Пајтоните, шансоните и серенадите, традицијата на пиење кафе на Широк Сокак, беа неизоставен дел од перформансот одигран низ професионалната актерска игра на Петар Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Петар Горко, Никола Стефанов, придружувани од КУД „Илинден“ и песната на Вера Милошевска и „Љубојна“.
Во градот на ракометот кој одбележува 78 години од ослободувањето, „Битола Бабам Битола“, преку „радио преносот“ на Димче Миновски, ги врати сеќавањата на „Лемго“, на Пеце и Златко Димитровски, на Борец…
Со громогласен аплауз, публиката ги поздрави сите учесници во перформансот, раскажувајќи дека во Битола, одамна не се случил ваков настан, за кој впечатоците долго ќе се раскажуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Александар Николоски од денеска е во работна посета на Брисел
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски од денеска е во работна посета на Брисел.
Во рамки на посетата Николоски ќе учествува на настанот “Прашања за проширување: Новата геополитичка, безбедносна и еконoмска граница на Европа” организирана од страна на “Пријатели на Европа” каде ќе има и свое обраќање. На панел дискусијата посветена на проширување на Европската Унија, покрај вицепремиерот Николоски, свое обраќање ќе имаат и Еди Рама, премиер на Албанија, Ана Брнабиќ претседател на Националното Собрание на Србија, Кристина Герасимов вицепремиер за европска интеграција на Молдавија и Герт Јан Купман, Генерален директор за источно соседство и проширување на Европската Комисија.
Николоски во петок ќе учествува на Министерскиот совет на Транспортната заедница. На состанокот на кој ќе претседава Комесарот за одржлив транспорт на Европската Комисија, Апостолис Цицикостас, ќе се разговара за напредокот на земјите од Западен Балкан во делот на транспортната политика и реализација на инфраструктурни проекти.
На министерскиот совет, вицепремиерот Николоски ќе говори за транспортните политики на Македонија, напредокот и реализација на проектите на европските транспортни Коридор 8 и 10 и 10 -д, како и за мерките и активностите за олеснување на трговијата и транспортот во земјите од Западен Балкан.
На министерскиот совет ќе присуствуваат министри за транспорт и владини претставници од Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Бугарија, Словенија, од Кипар, Романија, Ирска и од други европски земји.
Исто така предвидени се и значајни средби со претставници од Европската Комисија.
Култура
Со два филма на репертоарот вечерва почнува 24. „Синедејс“
Со добитникот на Златаната палма на Канскиот фестивал „Тоа беше само несреќа“ во режија на Џафар Панахи и биографискиот документарец „Човек лавина“ за Драгољуб Ѓуриќиќ, првиот тапанар на Леб и сол во режија на Слободанка Радун, вечерва се отвара 24. Фестивал на европски филм „Синедејс“.
„Многу вешто го создадовме ова издание на фестивалот, кое ќе нé однесе на платно пред врвот на европската кинематографија, пред најновите и наградувани филмови со кои Скопје ќе дише следниве денови. Возбудени сме затоа што отвораме со два феноменални филма, кои го најавуваат програмскиот ракурс на фестивалот“ – вели Маргарита Арсова програмски координатор на „Синедејс“.
Киното Фросина е резервирано за филмскиот мајстор Џафар Панахи, кој со „Тоа беше само несреќа“ создава длабоко човечки морален трилер, каде што високата напнатост се испреплетува со ненадејни напливи на хумор и содржајни, напати болни, прашања за прогонство и одмазда. Феноменален филм кој филм што е снимен тајно, ги одразува неговите искуства во затвор и неговите искуства со државната репресијa. Филмот е избран како француски кандидат за наградата Оскар во 2026 година во категоријата Најдобар меѓународен долгометражен филм.
А во Салата 25 мај ќе се прикаже филмот „Човек лавина“ на Слободанка Радун. Филм-портрет чие што прикажување пред скопската публика носи особена возбуда, бидејќи тапанарот Ѓуриќиќ, дел од својот живот го дава токму на оваа музика и народ.
„Скопје е важен град во животот на Драгољуб Џуричиќ и затоа и се радувам на македонската, скопската публика. Со филмот сакав да ја прикажам комплексната слика за Драгољуб Џуричиќ, музичар со необична кариера од една страна и човек со негов систем на вредности, карактер и енергија. Се трудев да избегнам негова митологизација и да го насочам филмот кон емоции, а не патетика. На таа линија беа и сите соговорници со кој Драгољуб соработувал како Здравко Чолиќ, Влатко Стефановски, Рамбо Амадеус, Дејан Цукиќ, Лав Братуша, Никола Чутурило и многу други – вели Слободанка Радун, режисерка на филмот „Човек лавина“.
Под слоганот „Се гледаме од другата страна“ од 3 до 10 декември се случува 24. „Синедејс“.
Фестивалот ќе се случува во просториите на МКЦ, во кино Фросина и Дансинг салата 25 мај.
Билетите за овогодишното издание ќе бидат по цена од 200 денари, за сите филмови, а може да се купат онлајн, преку bileti.mkc.mk, како и на самиот влез на МКЦ.
Фестивалот во најголем дел е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ. Останати финансиски покровители се Градот Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата за поддршка на европски филмски фестивали како и мрежата Лајвјуроп.
Култура
Француска експлозија на овации за „Дон Кихот во Скопје“ во срцето на Париз
Француската премиера на делото „Дон Кихот во Скопје“ од Дијана Имери Илкоска и Дино Имери, изведена на 30 ноември во волшебната париска црква „Petite Etoile“, беше дочекана со бурни овации и ентузијазам што ретко се гледа на концертна сцена. Публиката, видливо воодушевена од моќната интерпретација и од уникатноста на делото, не престануваше да ги враќа музичарите на сцената со силни и долги аплаузи.
Ова исклучително музичко дело, кое македонската публика го слушна за првпат во октомври во фоајето на Националната опера и балет со Камерниот оркестар „ID“, отпатува во Париз за својата прва меѓународна турнеја. Таму, беше изведено од престижниот француски ансамбл „Хефестус“, под диригентската палка на Дијана Имери Илкоска, со Дино Имери како пијано-солист и Бојан Илкоски како концерт-мајстор. Покрај македонската премиера, концертот во Париз беше и промоција на најновите трендови во современата музика, дополнета со дела од француски, канадски и италијански композитори.

За овој голем меѓународен момент, ко-авторката и диригентка Дијана Имери Илкоска изјави: „Да се добие покана за настап со ансамбл како ‘Хефестус’, составен од врвни музичари, е огромно признание – и за изведувач и за композитор. Дополнителната возбуда ја донесе и самата атмосфера на Париз. Кога нашиот 7/8 ритам од финалето на првиот став прозвучи меѓу делата на француските автори, ме преплави силна емоција, а публиката веднаш ја препозна – и ни возврати со громогласни аплаузи.“
Ко-авторот и пијанист Дино Имери додава дека концертот за него носи и длабоко лично значење: „Создавањето и приемот на ‘Дон Кихот во Скопје’ уште еднаш ми ја потврдија универзалноста на борбата против трите ветерници – неправдата, лицемерието и рамнодушноста. Убаво е кога ја слушаш својата музика во рацете на музичари како ‘Хефестус’, посветени на новосоздадена музика. Емоцијата беше уште посилна затоа што го делев овој момент со Дијана на подиумот, со Бојан Илкоски како концерт-мајстор и со флејтистката Богдана Бушевска – вистински амбасадор на македонската култура во Париз.“
Делото „Дон Кихот во Скопје“, напишано по нарачка на Шпанската амбасада по повод Националниот ден на Шпанија, ја прераскажува борбата на славниот Сервантесов херој против трите современи „ветерници“ – Неправдата, Лицемерието и Рамнодушноста. Во приказната на авторката Тина Иванова, Дон Кихот доаѓа во Скопје, победува и ни остава порака: да ги слушнеме фанфарите не на победата, туку на човечкото достоинство.

Музички, делото претставува редок спој на шпански и македонски фолклор, обликуван во современ симфониски јазик преку инвентивна оркестрација, ритмички пресврти и препознатлива мелодска експресија.
Учеството на Дијана Имери Илкоска и Дино Имери во Париз беше овозможено со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Македонскиот „Дон Кихот“ го освои Париз. Ова е само почеток на неговото патување низ светот.

