Македонија
СДСМ: Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ блокираа 100 милиони евра за справување со енергетската криза
Државата и граѓаните останаа без 100 милиони евра од ЕБОР во време на криза, поради деструктивноста на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, велат од владејачкиот СДСМ.
„Европската банка за обнова и развој го сопре заемот што требаше да го земе Македонија за справување со енергетската криза во вредност од 100 милиони евра. Причина за сопирањето е блокирање на законот за таа намена од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски. Сега ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски нека им ги вратат парите на граѓаните. Како ниедна опозиција во светот, како ниеден политичар во светот ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски наместо да помогнат тие дополнително ја отежнуваат состојбата во време на светска економска и енергетска криза“, велат од СДСМ.
Како што додаваат, за разлика од таквиот деструктивен однос, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски обезбедил 80 милиони евра од ЕУ за директна поддршка за справување со енергетската криза.
„Очигледна е разликата помеѓу одговорниот државнички пристап на Ковачевски и деструкциите и неодговорното однесување на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кои по секоја цена дејствуваат на штета на државата и граѓаните“, велат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Шилегов: Да, барам оставка од „претседателот“ на СДСМ
Петре Шилегов, поранешен градоначалник на Град Скопје и член на раководството на СДСМ, бара оставка на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Македонското законодавство познава убиство од небрижност. Познава и убиство со умисла, но не познава (само) убиство со умисла !!!! Или тешка Ви е одговорноста ? Или Ви тежи договорот ? Или си СДСМ или си тезгарош !!! М ? Прашањата ќе ги поставиме после празниците. Да не се разводиме во меѓувреме. Демек, добар ви е тајмингот. Нова Година, Божиќ, ќе се заборави …“, напиша Шилегов на „Фејсбук“.
Подоцна тој објави уште еден статус.
„Бидејќи можеби многумина не разбраа (преку 50 тел повици за 7 мин) ДА !!! Барам оставка на “претседателот” на СДСМ“, напиша Шилегов.
Македонија
Арсовска не знаела дека треба да поднесе имотна состојба по престанокот на мандатот, ја обвини ДКСК за јавен линч
Поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, не знаела дека треба да поднесе имотна состојба по престанок на нејзиниот мандат и вели дека никој не ја информирал за таквата обврска. Таа се најде на листата што денеска ја објави Државната комисија за спречување на коруппцијата со имиња на поранешни и нови градоначалници кои не поднеле изјава за имотна сосотјба. Арсовска ја обвини ДКСК за јавен линч и побара одговори од таму на кој начин ја креирале листата на која како број 1. е објавено нејзиното име.
„Ве известувам дека денес 17.12.2015 година (среда) од медиумите дознав информација која сте ја пуштиле како соопштение дека согласно член 82 став 3 од наведениот закон, по престанокот на функцијата градоначалник, постои обврска за поднесување изјава за имотна состојба. Сите оние кои не се реизбрани и на кои им настанал престанок се најдоа на листата која сте ја лиферувале, а истото потекнува од очигледна неинформираност од ваша страна за постоење на таква обврска. Доколку ја извршувате вашата функција соодветно и доследно нема тенденциозно да покренувате јавен линч за деградација, бидејќи да сте биле професионални и да сте го застапувале законот, ќе не информиравте лично за обврската или со соопштение преку медиумите, ете баш на истиот начин на кој за жал настапивте за да си направите себепромоција дека не се поднесени изјави за престанок“, напиша Арсовска во порака до ДКСК која ја сподели и со медиумите.
Таа вели дека добро ќе било ДКСК да сработи нешто за мултимилионската корупција во Македонија и сериозните криминали кои се случуваат вклучувајќи ги и институционалните непостапувања за случаи како загадувањето од страна на УСЈЕ или трагедијата во Кочани, наместо да се заканува со прекршочни глоби.
Арсовска вели дека очигледно сите 35 поранешни градоначалници кои не продолжуваат мандат не знаеле за постоењето на оваа одредба.
Таа додава дека нема никакви промени во нејзината имотна состојба.
„Да си ја вршите работата како треба и соработувате со институциите, на почетокот на мандатот ќе ги информирате за постоењето на обете обврски. Ве информирам дека со оваа изјава за имотна состојба и интереси по престанок на функцијата градоначалник ве информирам дека немам никакви промени согласно денот на завршување на мандатот“, пишува Арсовска.
Поранешната градоначалничка побара и одговори од ДКСК во врска со објавената листа.
„За крај, би сакала да ме информирате по писмен пат на овој е-маил, на кој начин ја креиравте листата која ја лиферувавте низ јавноста каде како број 1. сте го објавиле моето име и дали е истото сторено по азбучен ред, по возраст, по пол, по тоа кој е најсиромав или по ваше лично убедување како и кому најмногу да се осветите и да наштетите со Вашите небулози“, пишува Арсовска, која во електронската порака е потпишана како портпарол за етика и спречување на корупција на Конгресот на Совет на Европа.
Македонија
Мицкоски: Поради вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство
Поради вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство, изјави премиерот, Христијан Мицкоски во Брисел.
Тој кажа дека Владата ги презема сите реформи за конечно започнување на преговорите и дека македонските граѓани заслужуваат да се во ЕУ.
„Добро е кога Западен Балкан е во оптиката на Европската Унија, тоа е охрабрувачки за граѓаните на Западен Балкан затоа што на тој начин се покажува интересот за нашата заедничка иднина бидејќи Западен Балкан географски припаѓа на Европа и логично е да заедно се интегрира во рамките на ЕУ. Ние како држава тоа го заслуживме многу одамна бидејќи нашиот пат започна уште пред 25 години, но поради би рекол вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство. Како држава и како влада се поврзуваме да го испорачаме сето она коешто е потребно во овој процес, не поради самиот процес туку пред сè поради македонските граѓани, бидејќи тие тоа го заслужуваат“, рече Мицкоски.
Премиерот изрази очекување дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка во процесот.
„Така работиме до сега така ќе продолжиме понатаму и очекуваме дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка туку напротив очекуваме од нашите соседи поддршка во оваа наша амбиција да бидеме дел од ЕУ и она коешто е најважно, да бидеме оценувани според постигнувањето, а не според билатералните прашања“, рече Мицкоски.

