Македонија
Eден залутан куршум може веселбата да ја претвори во трагедија
Чинот на пукање на свадби, при раѓање на дете и на други веселби е длабоко вкоренет во традицијата на Балканот, а исклучок не е ниту Македонија. Во минатото, особено во планинските региони, пукањето било начин на комуникација. Преку истрелот, членовите на семејството, најчесто од машки пол, ги известувале околните села за убавите вести. Денес, во време на напредни комуникации, оваа опасна и застарена традиција сè уште е присутна, а неретко добива и дополнителна димензија – демонстрација на моќ и доминација.
Зошто е опасно пукањето на веселби? Испуканиот куршум не исчезнува, не заминува во вселената, не испарува. Поблизу или подалеку, тој мора да падне некаде. Куршумот испукан во воздух за период од 20 до 90 секунди ќе падне на земјата, се разбира во зависност од аголот на пукање. Тоа оловно зрно може да заврши во непосредна близина, но и дури три километри подалеку од местото на пукање. Едноставно – секој испукан куршум има цел, а таа цел може да биде некое дете кое се враќа од училиште, нечија сестра, нечиј брат, сопруг или сопруга.
Уште една работа треба да се има на ум – пукањето на веселби е неовластено пукање, без оглед дали лицето што го држи пиштолот има дозвола за носење огнено оружје. Неовластеното пукање е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и подлежи на парична глоба од 200 до 500 евра. Според член 288 од Кривичниот законик, пак, неовластеното пукање е кривично дело и во зависност од последиците подлежи на затворска казна од една до пет години.
„Во текот на минатата година заклучно со крајот на минатиот месец, според статистичките показатели, полицијата евидентираше 14 случаи кои се поврзани со злоупотреба на оружје при веселби и прослави. Секако, речиси сите тие се кривично-правно финиширани, што резултираше со седум кривични дела ‘предизвикување на општа опасност’, едно кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со огнено оружје или распрскувачки материи“, како и шест прекршоци по Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Граѓаните треба да бидат свесни дека не постои безбедно неовластено пукање“, велат од Министерството за внатрешни работи.
Според истражувањата на SEESAC, заедничка иницијатива на Програмата за развој на обединетите нации (УНДП) и Советот за регионална соработка (РЦЦ) чија цел е воспоставување контрола над носењето и употребата на малото и лесно оружје, во нашата земја луѓето главно не се чувствуваат безбедно во близина на огнено оружје. Дури 63,3% од жените и 50,6% од мажите во Македонија се изјасниле дека се чувствуваат помалку безбедно кога во нивниот дом има пиштол.
Платформата за следење инциденти поврзани со оружје (Armed Violence Monitoring Platform – AVMP) на SEESAC регистрирала 124 вакви случаи во 2021 година на територијата на Западен Балкан. Дури 76,8% од нив биле извршени со нелегално оружје, бројка што не е за занемарување.
Со цел да се влијае на свеста на граѓаните за последиците од славеничкото пукање и да се намали бројот на вакви инциденти, МВР и УНДП ја спроведуваат кампањата „Секој куршум има мета! Слави со срце, не со оружје!“.
„Славеничкото пукање од радост и прослава за едно семејство може да се претвори во трагедија за друго семејство. Веруваме дека не постои човек кој би сакал заради неколку моменти на славење да повреди друго човечко суштество. Сепак славеничкото пукање е реалност и токму затоа УНДП постојано ги поддржува напорите на МВР да се намалат сите случаи на злоупотреба на малото и лесно оружје и со тоа да се создадат побезбедни заедници за сите граѓани“, порачуваат од Канцеларијата на УНДП во Скопје.
Кампањата се спроведува во исто време во Северна Македонија и во Косово1 како дел од проектот „Прекуграничен интегриран институционален пристап во борбата со нелегална трговија со оружје и мало и лесно оружје“, кој се реализира со финансиска поддршка на Германија, Обединетото Кралство, Франција, Шведска, Холандија и Норвешка преку Мултипартнерскиот доверителен фонд, а е поддржан и од Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

