Македонија
Новиот шеф на ОЈО-ГОКК ветува транспарентност, а на прашања одговара со „Не сум на испит”
На обвинителот Ислам Абази му е предизвик да работи како шеф на обвинителите кои гонат организиран криминал и корупција, рече пред новинарите. Се заблагодари за гласовите и кажа дека за него се мотив за професионално да раководи. Пред новинарите сам кажа дека немал програма, но бил во комуникација со обвинителите кои избираа. Потенцираше и дека има визија. Прашан да наброи предмети на кои работи не сакаше да одговори и кажа:
„Обратете се во гостиварското обвинителство“. Кога беше прашан дали може да ги наброи надлежностите на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција рече: „ Не сум на испит тука јас. Во закон за јавно обвинителство е предвидено кое е надлежноста на тоа обвинителство“.
Сепак, Абази ветува транспарентност со јавноста и најави дека тоа ќе има граници.
„Во однос на транспорентноста и јавноста согласно закон за јавно обвинителство ние сме должни да видме транспарентни и да ги информираме средствата за јавно информирање со раобтата на некои предмети кои пудат поголем интерес во јавнста. Треба да имаме во предвид да го зачуваме угледот и достоинството на обвинетите, оштетените и сите учесници во таа постапка со презумцијата на невиност и тајноста на постапката во зависност од тоа во која фаза се наоѓа предметот“, кажа Абази.
За неговата биографија на прес-конференцијата зборуваше кратко. Кажа дека работел во разни работни групи за донесување закони.
„Ова ми претставува предизвик имајќи го предвид моето досегашно искуство да раководам со ова обвинителство. Сум учествувал во разни работни групи за донесување на закони, подзаконски акти, учесник сум во работната група во законот за конфискација на имот и со моето досегашно искуство и работа сметам дека професионлно и зконито ќе го претставувам ова бовинителство заедно со колегите обвинители“, додаде Абази.
Тој беше прашан и како го избрале токму него кога немал претставување, одби дебата во „А1он“ со противкандидатите, немал програма.
„Со колегите се познаваме долги години. Кога ќе ја видите структурата на гласови како сум ја добил по вишите подрачја ќе видите дека имам гласови од апелационото подрачје Битола, Штип, Гостивар… Тие во мене препознаа човек кој ќе биде успешен.
Најпрво ќе се запознаам со состојбите и работите во тоа обвинителстго и битно е да се пополнат празните работни места за обвинителите да ги пополниме местата во истражниот центар и да воведеме дигитализација на јавното обвинителство“, додаде новиот шеф на ОЈО-ГОКК, Ислам Абази.
Тој е избран со 66 гласови „за“ од 163 обвинители со право на глас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Светна новогодишната елка! Отворен и Божиќниот маркет во Скопје
Во Скопје вечерва светна новогодишната елка и официјално беше отворен Божиќниот маркет, со што симболично беше означен почетокот на празничната магија во главниот град.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓоргиевски, им се заблагодари на скопјани, особено на најмладите, за масовното присуство, радоста и позитивната енергија што, како што наведе, заеднички ја споделиле на настанот.
„По години сивило, Скопје повторно блесна“, порача Ѓоргиевски, додавајќи дека со оваа церемонија градот направил значаен чекор напред кон визијата да се развива рамо до рамо со современите европски градови, преку создавање настани што носат заедништво и радост за сите генерации.
Градоначалникот оцени дека оваа вечер ќе остане запишана и ќе прерасне во убава традиција, упатувајќи благодарност до сите граѓани што со своето присуство ја направиле ноќта посебна.
„Време е Скопје повторно да живее со светлина, насмевки и празнична топлина“, порача Ѓоргиевски.
Со свеченото украсување и отворањето на Божиќниот маркет, Скопје официјално влезе во празничниот период. Ѓоргиевски претходно денес најави повеќе настани во таа насока.
Во периодот од 15 до 31 декември секојдневно од 18 часот ќе има празнична програма со музички настапи, диџеј сетови уметнички изведби и бројни изненадувања. Секој викенд од 12 до 14 часот содржините се целосно посветени на најмладите со анимации, креативни работилници, интерактивни активности и празнични изненадувања.
„Ова е почеток на нешто ново, магично и возбудливо за нашиот град. Првпат во историјата Скопје ќе ја дочека новата 2026 година со вистинска новогодишна зимска бајка. Настан кој ги обединува сите генерации од најмладите до највозрасните заедно се семејствата, пријателите, сограѓаните. Скопје конечно ќе покаже дека може да биде весел, модерен и динамичен град, град кој наликува на светска метропола во срцето на Балканот“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.
Централниот дел од новогодишната програма започнува на 27 период во кој градоначалникот Ѓорѓиевски смета дека Скопје ќе живее во полн празничен ритам. Напладне на Плоштад Македонија ќе дојде дедо Мраз со подароци и изненадувања за сите присутни.
Посебна можност во празничните денови Град Скопје ќе им даде на талентираните средношколци.
„Публиката ќе има можност да ги слушне најталентираните скопски средношколци кои ќе настапат со свои музички изведби и свои бендови. Во програмата се вклучени сите средни училишта на градот Скопје како дел од заложбата за поттикнување на младинската креативност и активно учество во културниот живот на нашиот град. Ги поканувам сите граѓани, сите семејства и посетители заедно да ја започнеме новата традиција и да бидат сите дел од новогодишната магија создавајќи Скопје исполнето со светлина, радост и позитивна енергија“, повика градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој кажа дека имал само една желба околу дочекот, забавата да ја направам домашни музички ѕвезди, па за дочекот се најавени Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огњан Здравковски, Куку Леле, Лара, Пајак, Два Бона и Тина Перовска.
Зимската бајка Град Скопје ја организира со финансиска поддршка од Државната лотарија на Македонија.
Македонија
Првите подводни археолошки истражувања во Преспанското Езеро открија редок органски материјал
Преспанското Езеро годинава е во фокусот на значаен археолошки настан, откако за првпат во овој регион беа реализирани подводни археолошки истражувања, кои донесоа исклучително вредни откритија за културното наследство на Северна Македонија.
Истражувањата се спроведуваат од НУ Завод и музеј – Битола и Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам „Љубојно“, во рамките на проектот ACT4PRESPA. Целта е идентификација, документација и заштита на археолошките богатства во и околу Преспанското Езеро.
Во првите две фази, стручен тим спроведе рекогносцирање на македонскиот дел од преспанското крајбрежје, од границата со Република Грција до границата со Република Албанија. При тоа беа евидентирани и документирани 11 археолошки локалитети. Како најзначаен се издвојува локалитетот во близина на селото Наколец, каде што започнаа сондажни археолошки истражувања, реализирани во два циклуси.
„Ова е исклучително значаен момент за Преспа. За првпат имаме можност да навлеземе во археологијата на езерото и да откриеме слоеви од минатото кои досега беа целосно непознати“, изјави Орданче Петров, раководител на тимот за подводна археологија.
Поради повлекувањето на нивото на езерото, дел од локалитетите излегоа на копно, што овозможи детални сондажни истражувања. На локалитетот кај село Наколец е откриен дел заштитен со дрвена палисада, како и голем број движни археолошки предмети. Особено значајно е откривањето на предмети изработени од органски материјали – дрвени алатки, рачки, чешли и конструктивни елементи.
Станува збор за прв и засега единствен пример на зачувани органски материјали од археолошки локалитет во Македонија, датиран од крајот на XIII до крајот на XIV век. Локалитетот кај Наколец претставува и прв познат пример на благороднички имот во македонската археологија од XIV век.
„Зачувувањето на органски материјали е навистина невообичаено. Милот и тињата на езерото создаваат средина без кислород која ги штити објектите од распаѓање, што ни овозможува уникатен увид во минатото“, објаснува Петров.
Првичните анализи укажуваат дека средновековните жители на Преспа претежно се занимавале со земјоделство, а не со риболов, што е неочекувано со оглед на близината на езерото. Податоците, исто така, сугерираат дека Преспанското Езеро во минатото било значително помало.
„Исклучителните наоди од истражувањата кај село Наколец се од непроценлива важност не само за македонската, туку и за балканската и европската археологија. Тие го збогатуваат културното наследство на Преспа и претставуваат значаен потенцијал за развој на културниот туризам во регионот“, изјави д-р Мери Стојанова, координатор на проектот ACT4PRESPA од НУ Завод и музеј – Битола.
Керамичките и металните предмети се депонирани во Завод и музеј – Битола, додека органските материјали се испратени на специјализирани конзерваторски истражувања во Лајбниц-центарот за археологија во Германија. Процесот се очекува да трае најмалку една година, по што предметите ќе бидат презентирани пред јавноста.
Истражувањата се реализираат со активна поддршка од локалната заедница, која во повеќе наврати пријавувала пронајдоци и учествувала во заштитата на локалитетите.
Проектот ACT4PRESPA се спроведува во рамките на програмата на Европската Унија за одржлив развој на регионот на Преспанското Езеро, преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој.
Македонија
Дел од Општина Центар утре без вода поради уличен дефект
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре, 16 декември 2025 година (вторник), поради уличен дефект на булеварот „Св. Климент Охридски“, спроти Соборниот храм, ќе има прекин на водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците на потегот од крстосницата со булеварот „Партизански одреди“ до паркингот ЈАТ.
Прекинот е најавен во периодот од 08:30 часот до завршување на санацијата на дефектот, соопштуваат од претпријатието.
Засегнато подрачје е Општина Центар.

