Свет
Околу четири милиони Украинци се без струја, се очекува нов бегалски бран кон ЕУ

Претседателот на Украина Володимир Зеленски изјави дека поради руските напади врз енергетскиот систем на земјата, околу четири милиони луѓе останале без струја.
Зеленски рече дека 14 региони, како и главниот град Киев, се без струја, а украинскиот енергетски оператор Укренерго најави дека најавените прекини на струја ќе бидат извршени на територијата на целата земја, пренесува „Ројтерс“.
Се претпоставува дека состојбата со недостиг на струја и парно ќе предизвика нов бегалски бран кон европските земји. Се верува дека околу 6,9 милиони луѓе се внатрешно раселени во Украина, а источноевропските земји како Словачка и Унгарија се подготвуваат за нов бегалски бран во наредните месеци.
„ Се чувствува и се очекува зголемување на бројот на бегалци. Моментално е повисоко за 15 проценти“ – изјави координаторот за помош за градот Кошице во источна Словачка, Роман Доховиќ.
Руската новинска агенција ТАСС јавува дека украинските потрошувачи секојдневно се соочуваат со прекини на струја кои траат по неколку часа, поради што украинските власти апелираат до граѓаните да штедат струја во периодите на шпиц.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Украина припаѓа на Европската Унија, му рече данската премиерка на Зеленски

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, пристигна во Орхус, во западна Данска, каде што ќе присуствува на одбележувањето на почетокот на данското претседателство со Советот на Европската Унија.
Според најавата на данската влада, Зеленски ќе разговара со премиерката Мете Фредериксен, претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста.
Тие ќе разговараат за поголема воена поддршка за Украина, соработка со украинската одбранбена индустрија и нови санкции против Русија.
„Украина припаѓа на Европската Унија, тоа е во интерес и на Данска и на Европа. Затоа, данското претседателство ќе направи сè што може за да ѝ помогне на Украина на патот кон членство во ЕУ“, рече Фредериксен.
Данската премиерка истакнува дека ЕУ мора да ја зајакне Украина и да ја ослабне Русија.
„Украина е клучна за безбедноста на Европа. Мора да го зголемиме притисокот врз Русија“, рече Фредериксен.
Свет
Песков: Крајот на специјалната воена операција во Украина ќе биде поблиску доколку пристигнува помалку оружје од Западот

Крајот на војната во Украина ќе зависи од количината западно оружје што ќе го добие Киев, изјави Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател, додавајќи дека Русија внимателно ја следи ситуацијата во врска со снабдувањето на Украина со оружје и дека забележува одредени проблеми.
„Колку помалку ракети пристигнуваат во Украина од странство, толку е поблиску крајот на специјалната воена операција“, истакна Песков.
Претходно, како што објави „РИА новости“, порталот „Политико“ пишуваше за привременото запирање на испораките на муниција и оружје од САД за Украина поради исцрпувањето на американските резерви.
Заменик-портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, потврди за Ен-би-си дека имало прекин во испораките наведувајќи дека одлуката е донесена за да се заштитат интересите на Америка како приоритет.
Исто така, републиканскиот конгресмен и член на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом, Брајан Фицпатрик, побара итен брифинг од Белата куќа и од Пентагон во врска со прекинот на воените испораки на Киев.
Коментирајќи ги овие наводи, Песков изјави дека „се чини оти американската индустрија не успева да произведе доволен број ракети, особено затоа што големи количини беа испорачани во Израел и во Украина, а испораките сè уште се во тек“ додавајќи дека Русија внимателно ја следи ситуацијата, пренесува „Танјуг“.
Свет
Мерц ја повика ЕУ на итен договор со Америка за царините

Германскиот канцелар Фридрих Мерц ја повика Европската Унија што е можно побргу да постигне договор со Соединетите Американски Држави за решение на трговскиот спор поврзан со царинските давачки предупредувајќи дека остануваат само неколку дена за постигнување договор.
Зборувајќи на банкарски состанок во Берлин, Мерц истакна дека неуспехот да се реши спорот може да ги загрози клучните сектори на европската економија, вклучувајќи ги автомобилската индустрија, челичарниците и фармацевтските компании, објави „Ројтерс“.
„Европа мора сериозно да се соочи со можноста САД да ја омекне својата посветеност на трансатлантската соработка.
Постојат оправдани сомнежи дали ќе продолжиме да споделуваме заеднички интереси на долг рок“, рече Мерц, пренесува „Танјуг“.