Црна хроника
Возач нападнат во автобус во Чаир

Скопјанец, вработен како возач на автобус, бил физички нападнат од страна на четири лица.
Нападот, според информациите на МВР, се случил на автобуска станица на подрачјето на Чаир, во автобус со број 47 А.
Од четворицата напаѓачи тројца се деца, а четвртиот има само 18 години, а е со иницијали О. М., сите од селото Љуботен, Скопско.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Вчера санкционирани 773 возачи, 73 возеле без возачка дозвола

Продолжувајќи со несмалената динамика на сообраќајни контроли низ патиштата во земјава, вчера полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи, преземаjќи плански мерки, а согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила, на ниво на цела држава издадоа вкупно 773 платни налози по основ на прекршоци сторени според одредбите од овие закони.
Притоа, во рамки на контролите, согласно статистичките трендови, најголем дел од прекршоците се однесуваат за возење со брзина поголема од дозволената 175, како и непрописното паркирање 252.
Додека пак, веднаш зад нив следат прекршоците за возење без возачка дозвола 73, потоа некористење на сигурносен појас 48, како и 34 прекршоци за користење на мобилен телефон при возење, информираат од МВР.
Инаку вчера, во шест случаи биле детектирани возачи кои управувале возило под дејство на алкохол, петмина минале на црвено светло, а евидентирани се и осум прекршоци на пешаци.
Согласно, пак, Законот за возила биле евидентирани шест технички неисправни, како и 17 нерегистрирани возила.
Министерството за внатрешни работи, истакнуваат од таму, продолжува со засилените мерки и активности во поглед на сообраќајната безбедност, а континуирано се реализираат и превентивни активности низ сите сектори за внатрешни работи во насока на укажувања и апелирања до сите учесници во сообраќајот за целосно почитување на сообраќајните правила и прописи.
Црна хроника
Четири лица пријавени за несовесно работење во службата: МВР со детали

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, поднесе кривична пријава против Ф.Х.- началник на Регионалниот центар за гранични работи Запад, Н.С.- началник на Одделението за заеднички работи при Регионалниот центар за гранични работи Запад, Ц.Ј. – самостоен советник за финансиски работи во Одделението за заеднички работи при Регионалниот центар за гранични работи Запад и Б.Ј. – началник на СВР Битола за време на извршување на делото, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в од Кривичниот законик.
Во текот на 2021 година, МВР распиша оглас за јавна набавка на услуги за одржување на хигиена во работни и други простории на МВР и АНБ за период од две години, при што е избрана фирма од Скопје.
Првопријавениот Ф.Х. и второпријавениот Н.С., испуштајќи ја својата надзорна контролна функција како раководители на организациската единица, не извршиле навремено следење на склучените договори со фирмата, со што првопријавениот потпишал договор за нарачки со кој ја надминал вредноста од рамковната спогодба и на тој начин направил финансиски импликации кон МВР, односно неможност навремено да се исплатат доспеаните фактури кон фирмата.
Третопријавената, надлежна за следење на Рамковната спогодба, следење и плаќање на склучените договори, не извршила проверки во книговодствената документација на Регионалниот центар за гранични работи Запад за да утврди дали по склучената Рамковна спогодба за набавка на услуги за одржување на хигиена се исцрпени сите парични средства.
Четвртопријавениот ја повлекол фактурата за исплата, иако услугите биле навремено извршени, со што направил финансиски импликации спрема МВР.
По заведен судски спор, од страна на фирмата, заради неисплатен долг по фактури кои биле стасани за плаќање, Министерството за внатрешни работи е задолжено да исплати дополнителни трошоци на име камата за задоцнето плаќање и судски трошоци во износ од 215.079 денари, за кој износ е оштетен буџетот на МВР.
Црна хроника
Приведен скопјанец, ги нападнал сопругата и ќерката, а оштетил и дел од мебелот

Полицијата во Центар вчера го приведе М.Ј.(59) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом физички ги нападнал својата 51-годишна сопруга и нивната 22-годишна ќерка и оштетил дел од покуќнината.
По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава, соопшти МВР во дневниот полициски билтен.