Свет
Украина потпиша мировен договор
Украина потпиша мировен договор со земјите од Југоисточна Азија.
Иако се работи за симболичен чин, тој доаѓа во време кога Киев се обидува да ја зајакне меѓународната поддршка за изолирање на Русија, но и во момент кога беше објавено дека Русите се повлекуваат од Херсон, област за која се сметаше дека одлучува за курсот на војната во Украина.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба го потпиша „Договорот за пријателство и соработка во Југоисточна Азија“ во рамки на годишниот самит на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија што се одржува во Пном Пен.
По самитот на АСЕАН следи самитот на Г20 на Бали, а потоа и форумот за азиско-пацифичка економска соработка во Бангкок. Сите три самити се одржуваат во време кога, според АП, Русија бара нови пазари за своите енергетски производи за да ги избегне западните санкции по инвазијата на Украина.
Што се однесува до самитот на АСЕАН, каде Кулеба потпиша договор со земјите од Југоисточна Азија, тој вклучува земји чие вкупно население се проценува на речиси 700 милиони, а земјите-членки досега беа резервирани во односот кон инвазијата на Украина, осудувајќи ја војната, но генерално се обидува да избегне обвинување на Русија.
Осум од 10-те земји на АСЕАН гласаа за резолуцијата на Генералното собрание на ОН за осуда на руската агресија, а Виетнам и Лаос беа воздржани. Единствената земја членка на таа група која воведе еднострани санкции против Русија е Сингапур, додека Камбоџа отворено ги поддржа позициите на Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон: Расте непријателството кон Евреите, сите мораме да се мобилизираме
Францускиот претседател, Емануел Макрон, повика на зајакнати напори во борбата против антисемитизмот во Франција, откако нови владини податоци покажале дека непријателството кон Евреите останува на високо ниво, и покрај падот на регистрираните инциденти во 2025 година.
Франција, која има најголема еврејска заедница во Европа, минатата година евидентирала 1320 антисемитски дела, што претставува 53 отсто од сите инциденти поврзани со религија, според извештајот на Министерството за внатрешни работи објавен денеска.
Иако бројот на инциденти се намалил за 16 проценти во однос на претходната година, Министерството соопшти дека тие остануваат на „историски високо ниво трета година по ред“. Зголемувањето е забележано особено по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година и последователниот конфликт во Газа.
„Училиштата, правосудниот систем, избраните претставници – сите мора да се мобилизираат“, порача Макрон на церемонија по повод 20 години од смртта на Илан Халими, 23-годишен Евреин кој беше киднапиран и држен во заложништво 24 дена, пред да биде убиен. Водачот на бандата беше осуден на доживотен затвор во 2009 година.
Макрон го осуди, како што го нарече, „отровот на омразата на интернет“, и побара од Европската комисија да ги повика големите онлајн платформи на одговорност.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.

