Свет
Залутан куршум погоди авион
Залутан куршум, денеска, при слетување во Бејрут, погоди авион на компанијата „Мидл Ист ерлајнс“, при што е причинета материјална штета.
Нема повредени патници или членови на екипажот, изјави шефот на либанската авиокомпанија.
Првиот човек на таа компанија, Мохамад Ел-Хут, соопшти дека авионот слетал по враќањето од Јордан кога куршум го погодил горниот дел од леталото и таму се заглавил, пренесува АП.
Напомена и дека меѓународниот аеродром „Рафик Харири“ во Бејрут често се соочува со вакви инциденти, покрај птиците што летаат во областа и ја загрозуваат авијацијата.
Пратеничката Пола Јакобијан била во авионот за време на летот и на социјалните мрежи напиша дека нелегалното оружје треба да се забрани. Таа сподели фотографија од внатрешноста на авионот, на која се гледа дупка од куршум над багажниот простор, додавајќи дека ќе даде повеќе детали за време на ТВ-емисија.


Пукањето во воздух е вообичаено во Либан, каде што луѓето често отвораат оган за да го прослават полагањето на училишните или факултетските испити, како и за време на свадби и погреби, а такви пукотници исто така најчесто следуваат кога политичките лидери во земјата држат говори.
Новинската агенција пишува дека е вообичаено Либанците да имаат дома пиштоли и автомати, од кои многу се останати од граѓанската војна во земјата од 1975 до 1990 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

