Европа
Првите луѓе на ЕУ не разговараат еден со друг, соработката помеѓу институциите на најниско ниво, пишува „Политико“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, и претседателот на Европскиот совет , Шарл Мишел, не се во добри односи.
Комуникација меѓу нив речиси и да не постои, тврди влијателниот европски портал „Политико“.
Двајцата врвни функционери на ЕУ не патуваат заедно, дури и кога се поканети на ист настан, тие се избегнуваат еден со друг, а нивните соработници вклучени во организирањето на патувањето работат под строги упатства за да избегнат какво било преклопување во времето на патување.
Несогласувањата се толку силни што двајцата функционери ги блокираат меѓусебните средби со странски претставници, а нивните соработници комуницираат со другата страна само кога е потребно.
„Еден од клучните состаноци на Г20 на Бали ќе биде средбата меѓу Мишел и кинескиот лидер Шји Џјинпинг, која треба да се одржи на маргините на самитот. Со оглед на поделбите во ЕУ за тоа како да се соработува со Пекинг, ќе биде исклучително важна средба. Но, Фон дер Лаен не беше поканета. Причината? Нејзиното одбивање да му дозволи на Мишел да присуствува на состанокот со индискиот премиер Нарендра Моди на Г7 во Германија во јуни“, пишува „Политико“.

Европската комисија е извршно тело на Унијата и таа предлага закони. Претседателката Фон дер Лаен на оваа функција дојде од германската влада, каде што беше министерка за одбрана. Татко ѝ бил висок функционер на Европската комисија, а Урсула е родена во Брисел.
Лидерите на земјите членки се среќаваат во Советот на ЕУ, а нивната мисија е да ги трансформираат предлозите на Комисијата во закони, кои потоа треба да бидат прифатени од членките и имплементирани дома.
Претседателот на Советот, Мишел, е поранешниот белгиски премиер и син на поранешниот министер за надворешни работи на Белгија, Луис Мишел.
Овие две функции се преклопуваат во повеќе области, но денес речиси и да нема координативни состаноци меѓу Фон дер Лаен и Мишел, што ја отежнува работата на двете институции.
Според официјални лица, пренесува „Политико“, врската почнала мирно.
„Имаше мали турбуленции, но ништо неочекувано“, рече претставник на ЕУ. Во првите месеци секретаријатот на Советот закажа неделен попладневен состанок меѓу Мишел и Фон дер Лаен секој понеделник.
Дека нивниот личен однос не е добар и не е толку страшно, но кога ќе почне да се пренесува на нивната работа, тогаш тоа е друга приказна. Дијалог за политички прашања меѓу лидерите и нивните блиски кадри речиси и да не постои, според „Политико“.
„Тоа е постојана борба да се натераат двете страни да споделуваат информации“, рече еден функционер на Советот, кој додава дека вработените во Советот се принудени „да бркаат информации како новинари“.
Конфликтот стана јавен за време на посетата на Фон дер Лаен и Мишел на Турција во април 2021 година, настан што стана познат како „Софагејт“.
Сите телевизиски станици ја пренесоа шокираната реакција на Фон дер Лаен кога сфати дека на официјалната средба со Ердоган нема столче резервирано за неа.
Мишел без двоумење и без да ѝ понуди на Фон дер Лаен место до Ердоган, седна на фотелјата додека таа седеше на каучот спроти турскиот министер за надворешни работи.
Сцената ја шокира европската јавност.
Неколку дена подоцна, во Европскиот парламент, Фон дер Лаен ја искористи шансата да каже што мисли за овој инцидент. Таа рече дека е повредена“ од инцидентот, кој е одраз на сексизмот. Таа не го спомена Мишел.
Речиси една година подоцна, повторно се случи сличен инцидент.
Во февруари 2022 година европски видеосервис го емитува влезот на африканските лидери на самитот во Брисел.
Додека се ракуваше со африканските официјални лица, министерот за надворешни работи на Уганда помина покрај Фон дер Лаен и се поздрави со Мишел, а потоа и со Емануел Макрон. Францускиот претседател дискретно му сугерира на африканскиот политичар дека би било добро да разговара со претседателката на Комисијата, а Мишел остана без посебна реакција.
Оние што не се запознаени со нетрпеливоста меѓу овие двајца високи функционери беа изненадени од остриот тон на Мишел кога тој неодамна јавно, преку медиумите, ја обвини Комисијата дека не предлага ограничување на цената на природниот гас откога националните лидери го побараа тоа на нивниот самит во октомври.
Во Брисел во ходниците се водат приватни дискусии за тоа кој е повеќе виновен за ваквата состојба.
Според „Политико“, администрацијата на Бајден има блиски односи со тимот на Фон дер Лаен, особено во однос на санкциите против Русија, а Мишел „се бори да се пробие“.
Официјалните лица, генерално, се согласуваат дека и двајцата лидери се виновни. Мишел за неговото лошо справување со инцидентите, како „Софагејт“, и Фон дер Лаен за нејзината тенденција да одржува контрола на сметка на соработката.
Меѓуинституционалниот однос никогаш не бил на толку ниско ниво. Некои функционери на Унијата дури изјавија дека итно е потребно „возрасно лице“ во институциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Москва го затвори последниот полски конзулат во Русија
Руското МНР денес објави дека го затвора полскиот конзулат во сибирскиот град Иркутск како одговор на минатонеделното затворање на единствениот преостанат руски конзулат во Полска.
Русија го извести полскиот амбасадор за затворањето на конзулатите, кое ќе стапи во сила на крајот од годината како одговор на одлуката на полските власти да ја повлечат својата согласност за работењето на рускиот генерален конзулат во Гдањск од 23 декември 2025 година, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.
Полска минатата недела објави дека ќе го затвори последниот руски конзулат во Гдањск на северот од земјата по саботажата врз железничката линија за која Варшава ја обвини Русија.
Варшава идентификува двајца Украинци за кои се сомнева дека дејствуваат во име на Москва како наводни сторители на нападот, кој оштети клучна железничка линија што се користи за транспорт на оружје, патници и стока во Украина.
Руското министерство во четвртокот соопшти дека одлуката на полските власти да го затворат рускиот конзулат е отворено непријателска и неоправдана мерка донесена под апсурден изговор.
По овие меѓусебни акции, единствените преостанати дипломатски мисии меѓу двете земји се руската амбасада во Варшава и полската амбасада во Москва.
Односите меѓу Варшава и Москва отсекогаш биле затегнати, но тие значително се влошија по инвазијата на Русија на Украина во 2022 година, при што Полска стана еден од клучните сојузници на Киев.
Европа
Инфлуенсерка исчезна во Грац: во Словенија уапсени нејзиното момче, неговиот очув и брат му
32-годишната инфлуенсерка Стефани Пипер од Грац е исчезната. Откако нејзиното повремено момче беше уапсено во Словенија, полицијата приведе уште два члена на неговото семејство, братот и очувот. Стравувањата од најлошиот исход во случајот што ја потресе Австрија се зголемуваат, пишува Krone.
Добро познатата инфлуенсерка е исчезната од неделата наутро. Откога се вратила од божиќна забава околу 7 часот, таа испратила порака до пријателка дека безбедно пристигнала дома. Подоцна истиот ден, во раните попладневни часови, требало да се појави на фотосесија во центарот на Грац, но не се појавила. Нејзиното исчезнување било пријавено во полицијата вечерта.
Настаните се одвивале со филмска брзина по пријавата. Во понеделникот вечерта, во граничната област меѓу Штаерска и Словенија, уапсен е нејзиниот 31-годишен дечко Петер М., со кого била во повремена врска со години. Сомневањата се зголемиле кога неговиот црвен „голф“ бил пронајден изгорен на паркингот на казиното „Монд“ покрај граничниот премин Шпилје.

Истражителите веруваат дека тој се обидувал да го прикрие злосторството, но исчезнатата жена сè уште ја нема. Осомничениот од Словенија моментно е во притвор во својата матична земја, а вчера беше донесена одлука за негова можна екстрадиција. Словенечките власти вчера ја претресоа куќата на баба му, а исто така ги претресоа и шумите во пограничната област.
Следуваше дополнителен шок кога портпаролот на канцеларијата на државниот обвинител во Грац, Арнулф Румполд, потврди дека се уапсени уште двајца мажи. Братот и очувот на поранешното момче се исто така осомничени дека се поврзани со исчезнувањето на младата жена.
Во меѓувреме, сосед на 32-годишната жена потврди дека го видел момчето на осомничената на скалите од нејзината зграда во Грац во времето на нејзиното исчезнување зголемувајќи ја можноста дека тој ја чекал таму во заседа. Истрагата е во тек.
фото: принтскрин
Европа
Папата патува во Турција, ќе се сретне со Ердоган
Папата Лав денеска го започнува своето прво патување надвор од Италија како католички лидер со посета на Турција, каде што се очекува да апелира за мир на Блискиот Исток и да се обиде да поттикне единство меѓу долго поделените христијански цркви.
Првиот американски папа ја избра претежно муслиманската Турција како своја прва странска дестинација за да ја одбележи 1700-годишнината од значајниот раноцрковен собор што го создаде Никејското верување, кое сè уште го користат повеќето христијани во светот.
Лав, чиј тридневен распоред во Турција е преполн со настани пред да се упати кон Либан, ќе биде внимателно следен, особено додека ги прави своите први странски посети на чувствителни културни места.
„Тоа е многу важно патување бидејќи сè уште не знаеме многу за геополитичките ставови на Лав, а ова е првата голема можност за него да ги разјасни“, изјави за Ројтерс Масимо Фаџоли, италијански академик кој го следи Ватикан.
70-годишниот Лав, кој со својата придружба долета од аеродромот Фјумичино во Рим кратко пред 8 часот наутро, прво ќе ја посети турската престолнина Анкара, каде што ќе се сретне со претседателот Таип Ердоган и ќе им се обрати на политичките лидери. Тој вечерва ќе лета за Истанбул, дом на патријархот Вартоломеј, духовниот водач на 260-те милиони православни христијани во светот.
фото: епа

