Македонија
Маричиќ на првиот билатерален скрининг: Граѓаните мора да ги почувствуваат придобивките од преговорите
Главниот преговарач на Северна Македонија со Европската Унија и вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ, во денешното обраќање на првиот билатерален скрининг пред Европската комисија истакна дека имаме капацитет и можеме да одговориме на предизвиците што ги носат преговорите за граѓаните што побргу да ги почувствуваат придобивките од процесот.
„Верувам, сите разбираат дека токму заради подобар живот на граѓаните, преземаме одговорност државата да ја вклучиме во еден организиран систем, кој ќе функционира според стандардите на ЕУ. Со државнички одлуки влеговме во овој процес, кој нема да биде лесен и кој бара заложба и политичка волја, но носи европски стандард за граѓаните и крај на неизвесноста за просперитетот и стабилноста на државата“, истакна Маричиќ.
На билатералниот скрининг, кој почна денеска со состанок за Поглавјето 5, „Јавни набавки“, вицепремиерот информира за досега сработеното во областа на јавните набавки како од аспект на реформите така и од аспект на правната рамка во областа истакнувајќи дека тие се од суштинско значење за динамиката на преговорите во целина.
„Јавните набавки се клучен столб за испорака на услуги за владите. Добро дизајнираните системи за јавни набавки придонесуваат за постигнување итни политички цели, како што се заштитата на животната средина, иновациите, отворањето работни места и развојот на малите и средните претпријатија, а тоа е од суштинско значење за динамиката на преговорите во целина“, рече Маричиќ.
Во однос на институционалната архитектура – Бирото за јавни набавки, формирано во рамките на Министерството за финансии уште во 2005 година, е главниот орган на системот за јавни набавки во земјата, како и Државната комисија за жалби, посочи вицепремиерот Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ посочи и дека во областа на концесиите и јавно-приватното партнерство, со техничка помош на Светската банка подготвен е нацрт-закон за транспонирање на Директивата 2014/2023/ЕУ за доделување договори за концесија, а исто така подготвен е предлог-закон за концесии на стоки од општ интерес со техничка помош од твининг-проектот на ЕУ – „Зајакнување на функциите за планирање, извршување и внатрешна контрола на буџетот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.
Македонија
Хоџа: И во 2026 обезбедивме средства за Националните паркови кои се клучен столб во заштитата на природното наследство
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на работен состанок со директорите на националните паркови Пелистер, Маврово, Галичица и Шар Планина, ја потврди силната и континуирана поддршка на Министерството за нивниот развој, заштита на прирдоните вредности и одржливо управување.
„Со особено задоволство можам да истакнам дека и во 2026 година, Министерството во својот Буџет обезбеди наменски средства за понатамошен активности за заштита и промоција на националните паркови, што претставува јасен сигнал за долгорочната посветеност на државата кон заштитата на природата и одржливиот развој“, истакна министерот Хоџа.
На средбата беше нагласено дека националните паркови се клучен столб во заштитата на природното наследство, но и важен двигател на одржливиот туризам и локалниот економски развој.
Министерот Хоџа истакна дека Министерството ќе продолжи со поддршка на активностите на националните паркови преку подобрување на законската регулатива, обезбедување стабилна финансиска поддршка од државниот буџет, како и преку координација и мобилизација на средства од ПОНТ, ЕУ ЛИФЕ програмата и други меѓународни партнери. Со тоа ќе се зајакне управувањето, ќе се унапреди заштитата на биолошката разновидност и ќе се развива зелена инфраструктура во националните паркови.
Националните паркови, како што беше нагласено на средбата, денес претставуваат не само заштитени подрачја, туку и значајни двигатели на одржливиот развој, атрактивни еко-туристички дестинации и позитивен пример за одговорно управување со природните ресурси.

