Македонија
Основното јавно обвинителство вклучено во меѓународна акција против голема инвестициска измама со криптовалути
На барање на шпанските, германските и на финските власти, Европравда и Европол поддржаа меѓународна акција против голема инвестициска измама, што вклучува употреба на криптовалути.
Акцијата беше спроведена на 8 и 9 ноември во Албанија, Бугарија, Грузија, Северна Македонија и во Украина.
На барање на истражен судија од Основниот суд на Бамберг, за потребите на предмет оформен во Бамберг, Германија, преку македонскиот јавен обвинител за врски во Европравда, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и обвинители од обвинителството „Бамберг – Германија“ реализираа заеднички активности. Според наводите во доставеното барање, тамошниот суд донел одлука за спроведување истражна постапка против македонски државјани за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело измама.
Имено, во 2016 година, со цел да извршува заеднички континуирани кривични дела на измама во форма на т.н. сајбертрејдинг, била создадена организирана криминална група, на која припадници станале многу лица од голем број европски земји, меѓу кои и осомничените. Групата инсталирала голема мрежа лажни фирми и управувала со многубројни трејдинг-платформи. Воедно, со цел да ги извршува делата, отворила повикувачки центри, организирани во т.н. дескови според мајчиниот јазик на клиентите.
Членовите на групата во улога на агенти на разни домени им се обраќале на заинтересирани лица и создавале привид дека тргуваат со разни финансиски инструменти, особено со бинарни опции, ЦФД, форекс и криптовалути. Користејќи т.н. афилијативен маркетинг и манипулативни реклами, групата врбувала многубројни клиенти да пополнат контактен формулар, во кој ги оставале своите лични податоци. „Агентите“ потоа преку повикувачките центри телефонски стапувале во контакт со интересентите и им ветувале високи добивки за првична уплата од 250 евра. Овие центри функционирале во две одделенија – одделение со конверзиони агенти, чија задача била да го убедат клиентот да изврши прва уплата, и одделение со ретенциони агенти, кои понатаму се грижеле за клиентите, односно на жртвите лажно им ја прикажувале нивната уплата и можностите што им се нудат преку разни финансиски продукти. Најголем број вакви центри се отворени во Албанија, Грузија, Северна Македонија и во Украина.
Откако средствата биле уплаќани, „агентите“ симулирале наводна трговија со финансиски инструменти, која никогаш не се случувала. Уплатените пари членовите на групата ги присвојувале за себе и според пресметките на Европравда, причинетата штета се проценува на 50 милиони евра годишно.
Во Скопје од 2019 година групата инсталирала два повикувачки центра, што работеле на истиот начин, а каде што осомничените се јавуваат како сопственик и управители на повикувачките центри. При извршените претреси одземени се уреди за електронска комуникација, а јавните обвинители ги сослушаа осомничените лица.
Во рамките на целата акција претресени се 15 повикувачки центри (шест во Албанија, пет во Грузија, три во Украина и еден во Северна Македонија), како и 27 други локации, а пет осомничени, од кои четири во Албанија и едно во Грузија, се уапсени. При претресите одземени се околу 500 електронски уреди, 344.101 евро во готовина, мобилни телефони, банкарски сметки, паричници за криптовалути, имот, лични документи и банкарски картички, како и стотици други документи. Во акцијата, освен надлежните органи на државите во кои беа спроведени активностите, учествуваа и Финска, Германија, Латвија, Шведска и Шпанија.
Бројот на жртвите на оваа голема онлајн-измама се проценува на стотици илјади, што укажува на потребата потенцијалните инвеститори да бидат дополнително внимателни при онлајн-инвестирање и да проверуваат дали веб-страниците припаѓаат на правните лица што легитимно работат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најдоцна до јуни реконструкција на владиниот кабинет, Ковачки е нов генерален секретар на партијата, соопшти Мицкоски
Денес заседаваше Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кој беа донесени важни одлуки за понатамошното јакнење и модернизација на партијата, истакна претседателот на партијата Христијан Мицкоски.
„Централниот комитет донесе одлука за избор на нов Извршен комитет на партијата, што претставува спој помеѓу искуството и дел од луѓето којшто се веќе дел од претходните состави на Извршниот комитет и нови членови коишто заедно со оние коишто во минатото беа дел од Извршниот комитет ќе го формираат новиот Извршен комитет на партијата“, посочи Мицкоски.
Овие одлуки, како што рече, се јасен показател дека партијата се менува и се прилагодува на новите предизвици.
„Нашата цел е создавање силна, ефикасна и обединета структура која ќе даде конкретни и одговорни решенија за потребите на граѓаните.
Во периодот што следува, влегуваме во фаза на кадровско екипирање и дополнително отворање на партијата кон нови идеи, нови луѓе и нова енергија. Ќе работиме на зајакнување на внатрешната организација, транспарентноста и инклузивнот процес на членството“.
Најави дека во периодот што следи ќе има доекипирање на структурата на партијата, а веќе во мај месец а најдоцна до јуни, ќе има и рекострукција на дел од ресорите во рамките на владиниот кабинет, а можеби, како што рече и во некои институции.
Досега, информира тој, не е направена таква анализа но во периодот кој следи, истата ќе биде направена.
Соопшти дека за нов генерален секретар е избран пратеникот Драган Ковачки.
Членови на Извршниот комитет се: Александар Николовски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриеска Кочоска, Тимчо Муцунски, Ѓорѓија Сајкоски, Никола Мицевски, Луке Галевски, Антонијо Милошоски, Дафина Стојаноска, Рашела Мизрахи, Влатко Ѓорчев, Кирил Пецаков, Марија Андоновска, Ели Панова, Игор Јанушев, Марија Митева, Благоја Ташаминов, Орце Ѓорѓиевски, Онер Јакуповски, Драгана Бојковска, Синиша Стојановски, Стефан Андоновски, Филип Поповски и Бобан Николовски.
Огранизационен секретар е Ивица Томовски, а за шеф на кабинетот на Мицкоски продолжува да биде Владимир Неловски.
„Во услови кога имаме опозицијата која не нуди решенија и која е целосно безидејна, полна со проблеми, знаеме дека решението мора да биде силен граѓански инпут за силна и стабилна ВМРО- ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ продолжува по патот на обнова, обединување и подготовка за нови изборни победи, јасно е дека следните ќе бидат парламентарните избори, со една јасна цел – подобар живот за сите граѓани“.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.
Македонија
Снег на Попова Шапка, магла на одредени патни правци, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по претежно влажни коловози.
Врнежи од снег на Попова Шапка со задржување на коловоз од с.Лисец-Попов Шапка.
Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри на патниот правец Штип – Неготино кај Серта, во Крушво до 50 метри, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 50 метри.
Сите патни правци во државата се проодни.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

