Македонија
Демократскиот сојуз бара Собранието да расправа за студентскиот стандард

Демократскиот сојуз бара Собранието да одржи седница на која ќе се расправа за студентскиот стандард и другите проблеми со кои се соочуваат студентите и да се донесат конкретни решенија преку интегрално прифаќање на нивните барања.
„Субвенционирање на студентскиот оброк, замрзнување на цените во студентските ресторани и домовите за сместување, исклучување на студентските домови и факултетите од мерките за штедење енергија, зголемување на студентските кредити и стипендии, се минимум услови кои државата треба да ги обезбеди за сите студенти без исклучок.
Демократскиот сојуз укажува дека не може да се предлагаат законски решенија и да се носат одлуки без да се консултираат студентите и универзитетите, како што беше предложен законот за субвенционирање на студентскиот оброк или најавата за измени на Законот за високо образование.
Демократскиот сојуз ја реафирмира и идејата на секој студент што ќе заврши високо образование да му се овозможи да работи една година во јавниот или во приватниот сектор со плата од буџетот на државата, како основа голем дел од студентите да останат да работат во Македонија. Оваа мерка се спроведува во Канада при што искуствата се исклучително позитивни“ се вели во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: 4 години локална власт, се градеше и реконструираше патна и подземна инфраструктура, училишта и градинки, спортски центри и терени, градски пазари, пречистителни станици

„Во изминатите четири години локална власт, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, посветено работеа да реализираат проекти кои го подобруваат целокупното живеење на граѓаните. Не беше лесно да се водат општини преземени од претходната локална власт, заглавени во долгови, со блокирани сметки, без никакви проекти“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Исто така, не беше лесно работењето со претходната централна власт, која не само што немаше партнерски однос кон градоначалниците, туку и ги опструираше во извршувањето на нивните активности и реализирањето на проектите.
И покрај тоа, за четири години се вложуваше и се направи многу.
Се изградија и реконструираа улици и патишта во вкупна должина од над 770 километри и вредност од околу 100 милиони евра, 46.840 метри нови водоводи, додека канализации во должина од над 91 илјади метри.
Изградени или во завршна фаза на градба се 7 пазари од затворен тип, меѓу кои во Штип е целосно изграден новиот полузатворен градски пазар на површина од 1200 м2 и обезбедени паркинг места, исто како и во Велес каде новиот покриен пазар е завршен после долги години, додека во Радовиш е во завршна фаза на изградба и истиот ќе има простории за трговија, катна гаража и канцеларии.
Изградени или во завршна фаза на градење се 12 пречистителни станици, меѓу кои целосно завршена е пречистителната станица за отпадни води во село Видовиште, во вкупна вредност од 1,9 милиони денари.
Посебно внимание се посвети на младите и образованието, при што реконструирани и модернизирани се над 400 училишта, каде во некои се прошируваа капацитетите, создавајќи услови за едносменска настава, а завршени или во завршна фаза се 274 спортски игралишта и детски рекреативни терени.
Се вложуваше и се градеше низ цела држава, така во општина Охрид изградени и реконструирани се 20-тина повеќенаменски спортски и детски игралишта, во Демир Хисар две игралишта за кошарка и тенис, во Илинден беше пуштен во употреба нов фудбалски терен, како и спортски центри во Стајковци, Хиподром, Инџиково и Идризово, Гази Баба.
На голем број училишта поставени се фотоволтаици, а во голем број на општини обезбедена е бесплатна храна за децата од 1 до 5 одделение и бесплатно летување за децата од социјално загрозените семејства.
Згрижувањето на децата во градинките беше еден од главните приоритети на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и за таа цел се инвестирани над милијарда денари за реконструкција и модернизација на над 70 детски градинки и изградба на неколку целосно нови.
И се ова не се само бројки, туку конкретни проекти кои се видливи и мерливи и кои го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Активен е еден пожар на територијата на Македонија, два се под контрола, извести ЦУК

Во текот на изминатото деноноќие, на територијата на Македонија имало вкупно 27 пожари на отворен простор, од кои еден е активен, два се под контрола, а изгаснати се 24 пожари, соопшти Центарот за управување со кризи.
ЦУК извести дека е активен пожарот во општина Долнени, село Долгаец, каде што гори мешана шума.
Под контрола се два пожари, во општина Македонски Брод: Повеќенаменско подрачје Јасен (мешана шума) и во општина Гевгелија, на планината Кожуф (висока шума).
Како што информираше ЦУК, изгаснати се 24 пожари.
Македонија
„Влен“: Бујар Османи го вети автопатот Скопјe-Блаце, но донесе само лаги

„Поминаа 5 години, 7 месеци и 8 дена од свеченото потпишување на договорот за „првите 2 километри“ на автопатот Скопје – Блаце, а ветувањето на Бујар Османи со кое се фотографираше и политички се фалеше остана нереализирано“, велат од „Влен“.
„ФБ сесии, фотографи, изјави, скапи видеа, но резултати нула. Тоа е Бујар Османи. Ветуваа автопати, оставија само албуми со слики. Ветуваа нови болници, оставија семејни трагедии. Ветуваа водоводи, оставија пустош.
Бујар Османи беше министер во владата на Груевски, вицепремиер за европски прашања и министер за надворешни работи кај Заев и Ковачевски, вкупно повеќе од една деценија на највисоки државни функции. За тоа време немаше резултати за овој проект, ниту за албанските општини за кои најмногу ветуваше. Имаше Фејсбук сесии, снимени видеа и лажни ветувања, а резултати нула.
Доста беше со промотивни настани на лажни големи ветувања. Бујар Османи нема што да покаже како резултат зад себе, нема реализирани проекти, нема изградено ништо, нема помогнато никому.
Бујар Османи е политичар кариерист, без резултати. Неговите ветувања денес за Чаир се исти како ветувањето за автопатот кон Блаце пред пет и половина години. Празни“, се наведува во соопштението на „Влен“.