Економија
Сметките за парно ќе доцнат

ЕСМ Снабдување со топлина соопшти дека интензивно работи на подготовка на сметките-фактурите за топлинска енергија за месец октомври. Потрошувачите ќе ги добијат фактурите во следниот период со мало задоцнување, во однос на датумот кога претходно вообичаено ги добивале истите поради потребните технички подготовки за нивна изработка и истите ќе имаат соодветен рок за плаќање.
„Во рамки на подготовките на фактурите се одвиваат и подготовки на постапката за префрлање на податоците на потрошувачите, со што тие ќе се префрлат од претходниот снабдувач со топлинска енергија на сегашниот, ЕСМ Снабдување, во законски определена процедура согласно Законот за заштита на личните податоци. Од претходниот Снабдувач со топлинска енергија ќе се преземе целокупната база на податоци потребна за изработка на фактурите, вклучително и личните податоци на потрошувачите на централниот систем за греење како и сопствениците на станови и деловни простории лоцирани на подрачјето на општините каде ЕСМ Снабдување има лиценца“, образложија од ЕСМ.
Напоменуваат дека независно од постапката за преземање на податоците, секој потрошувач потребно е да се склучи Договор за снабдување со топлинска енергија заради регулирање на потрошувачкиот однос со снабдувачот, а тоа е утврдено во Правилата за снабдување со топлинска енергија.
Досега, во ЕСМ Снабдување склучени се 11200 Договори за снабдување со топлинска енергија со потрошувачите. Времето на задржување на потрошувачите во пунктовите е значајно намалено откако електронскиот образец на Договорот за снабдување со топлинска енергија е поставен на веб страницата на АД ЕСМ и на официјалните канали на социјалните мрежи, со оглед натоа што документот сега се предава веќе пополнет од нивна страна.
Во следниот период ЕСМ Снабдување, по достава на фактурите за топлинска енергија, до потрошувачите кои сеуште не потпишале договор ќе го достави образецот на Договорот за снабдување со топлинска енергија на нивната адреса, по што истиот ќе треба да го предадат потпишан од нивна страна во Пунктовите на ЕСМ Снабдување.
ЕСМ Снабдување со топлина ќе им овозможи на граѓаните соодветен временски период за регулирање на обврската, и во тој период греењето непрекинато ќе се испорачува, велат од компанијата.
Во врска со начините на плаќање на фактурите во ЕСМ Снабдување, јавноста дополнително ќе биде известена за сите детали.
„Во овој момент би напоменале дека интензивно се подготвуваме потрошувачите да ги имаат сите можности кои ги имале кај претходниот снабдувач како услугата електронска фактура, услугата брзо плаќање и EPAYуслугата. Така, потрошувачите кои имаат склучено договор за наплата на фактурите за топлинска енергија преку траен налог, од матичната банка ќе добијат инструкции за постапување. Оние кои плаќаат преку електронско банкарство, во зачуваните шаблони односно ПП налози за плаќање ќе биде потребно да ја проверат и ако има потреба и да извршат промена на жиро-сметката од претходниот Снабдувач и да ја внесат таа на ЕСМ Снабдување која ќе им биде доставена со фактурите“, додава ЕСМ.
За потрошувачите на ЕСМ Енергетика фактурите кои доцнеа поради примена на финансиската подршка од Владата за надоместување на разликата на цена на топлинската енергија, веќе се дистрибуираат за месец август и септември и истите ќе имаат соодветен рок за плаќање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Лагард предупредува: Економијата на ЕУ зависи од странските работници

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, изјави дека приливот на странски работници во изминатите години значително ја поттикнал економијата на еврозоната, помагајќи да се надомести намаленото работно време и падот на реалните плати.
Говорејќи на годишниот симпозиум на Федералните резерви на САД, што се одржува во Џексон Хол, сојузната држава Вајоминг, Лагард нагласи дека миграцијата кон Европската Унија довела до рекорден број жители и покрај негативниот природен прираст.
„Странските работници дадоа значителен придонес за европската економија. Тие овозможија да се компензираат структурните предизвици, како што се пократкото работно време и пониските плати во одредени сектори“, изјави Лагард.
Таа додаде дека иако растот на бројот на работници ја поддржа економската стабилност, одредени влади на земјите-членки воведуваат ограничувања за нови мигранти, поради зголемено незадоволство кај дел од локалното население.
Според Лагард, оваа динамика ќе остане еден од клучните фактори во обликувањето на идните економски и социјални политики во Унијата.
Економија
Македонија е големо градилиште, над 1.200 проекти во општините, велат Перински и Николоски

Во моментов целата Македонија е едно големо градилиште, а само во општините се реализираат повеќе од 1.200 активни проекти поддржани од Владата и Министерството за транспорт, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и министер за транспорт, на Саем-Отчетот на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа се само проекти преку Министерството за транспорт, а да не зборуваме за големите инфраструктурни проекти како автопатите Охрид-Кичево, Кичево-Букојчани, Букојчани-Гостивар, Гостивар-Тетово, Прилеп-Битола, како и експресните патишта Прилеп-Градско и Куманово-Крива Паланка. Сега започнатите проекти се завршуваат, а граѓаните гледаат резултати“, рече Николоски.
Министерот подвлече дека ова ја враќа самодовербата кај граѓаните и покажува дека Македонија е способна да води големи проекти.
„Не е само патната инфраструктура, туку и железничките линии, аеродромите, авио линиите и обновливите извори за енергија. Во помалку од година дена завршивме еден проект со вредност од половина милијарда евра“, додаде тој.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, истакна дека Владата финансирала околу 1.200 проекти во сите општини.
„На првиот повик беа пријавени 288 проекти, од кои 137 се завршени. На вториот повик беа поднесени 887 апликации, а прифатени беа 828 проекти. Кумулативно, тоа се околу 1.200 проекти кои се реализираат со помош на централната власт“, рече Перински.
Министерот додаде дека општините се соочувале со големи предизвици и немале поддршка од претходната власт.
„Ние им помогнавме да ги детектираат проблемите, да обезбедат одржливост и да ги реализираат поголемите проекти. Секој градоначалник се бори да направи што е можно повеќе, а по изборите се надеваме дека мотивацијата ќе биде уште поголема“, рече Перински.
Економија
Вреди: Поддршка за 200 нови зелени работни места во микро, мали и средни претпријатија

Од Вреди како коалициски партнер на Владата денеска објави историска мерка за поддршка на создавање нови работни места преку зелени инвестиции, во соработка со Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување.
Оваа мерка ќе овозможи вработување на 200 невработени граѓани во микро, мали и средни претпријатија, кои ќе добијат финансиска поддршка преку неповратен грант од 250.000 до 750.000 денари, во зависност од бројот на новите работни места: 250.000 денари за едно работно место, 500.000 за две и 750.000 за три.
Грантовите ќе овозможат компаниите да инвестираат во нова опрема и машини, софтвер и лиценци, како и технологии за обновлива енергија и материјали за енергетска ефикасност. На тој начин, мерката создава не само работни места, туку и зелени работни места кои придонесуваат за одржлива економија.
Јавниот повик е отворен за сите микро, мали и средни претпријатија кои ги исполнуваат законските услови, со приоритет за стратешките сектори: преработувачка индустрија, земјоделство, шумарство, водостопанство, водоснабдување и управување со отпад, градежништво и транспорт. Апликациите можат да се поднесуваат до 1 септември секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот во Центрите за вработување низ целата земја, а сите информации се достапни на веб-страницата на Агенцијата за вработување.
„Ова е чекор кој покажува дека владата не се мери со слогани, туку со резултати. Инвестираме во вработување, развој, зелена економија и безбедна иднина за сите. Ова е промената што ја ветивме – влада која работи со срце и визија“, се наведува во соопштението.