Свет
Нетанјаху го доби мандатот да формира влада
Израелскиот претседател Исак Херцог официјално го повика Бенјамин Нетанјаху да формира влада, откако десничарската алијанса на поранешниот премиер победи на изборите претходно овој месец. Од сите кандидати, Нетанјаху имаше најголеми шанси да формира влада, изјави Херцог по средбата во Ерусалим.
Денес, 73-годишниот шеф на конзервативната партија Ликуд, која доминира во израелската политика повеќе од 20 години, сега има четири недели да формира коалиција. Лидерот на Ликуд рече дека има намера да биде премиер на сите Израелци.
„Народот недвосмислено одлучи за влада под мое водство“, рече Нетанјаху, отфрлајќи ги јавните предупредувања за крајот на демократијата во Израел.
На петтите избори во последните три и пол години, Нетанјаху и неговите потенцијални коалициски партнери обезбедија 64 од 120 места во Кнесетот. Либералната партија на премиерот во заминување Јаир Лапид го зазеде второто место зад Ликуд, а левичарските партии поминаа лошо на изборите.
По минатогодишните избори, Нетанјаху беше првиот лидер кој беше поканет да формира влада, но не успеа во тоа. Потоа беше поканет Лапид, што му овозможи на Нафтали Бенет да ја добие функцијата премиер во широката коалиција, во која има и арапски пратеници.
По распадот на коалицијата, Лапид ја презеде функцијата премиер.
Нетанјаху беше премиер двапати – помеѓу 1996 и 1999 година и повторно помеѓу 2009 и 2021 година. Иако беше обвинет за корупција во голем број случаи, а неговото судење е во тек, Нетанјаху се враќа во политиката.
Херцог предупреди дека не треба да ги заборавиме или минимизираме обвинувањата против Нетанјаху, кои тој ги отфрла и потсети дека Врховниот суд дозволил обвинет претставник да формира влада.
Во Израел премиерот нема никаков судски имунитет, но не мора да поднесе оставка за време на судењето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во лизгањето на земјиштето во Индонезија 25 луѓе го загубија животот
Спасувачите денеска ги прекинаа операциите за пребарување на жртвите во лизгањето на земјиштето во индонезиската покраина Западна Јава, откако беа пронајдени 14 тела на вториот ден од операциите, со што вкупниот број потврдени жртви достигна 25, пренесе ДПА, повикувајќи се на официјален претставник.
Обилните дождови што почнаа еден ден претходно предизвикаа лизгање на земјиштето вчера изутрината во близина на село во округот Западен Бандунг.
Официјални претставници изјавија дека до 80 лица се уште се водат како исчезнати.
„Сите тела беа евакуирани до 16 часот во центарот за идентификација на жртвите од катастрофата. Подоцна во текот на денот, спасувачките операции беа прекинати поради безбедносни причини, бидејќи условите на теренот во погодената област останаа нестабилни и постоеше ризик од понатамошно лизгање на земјиштето“, изјави Аде Диан Пермана, раководител на службата за пребарување и спасување во Бандунг.
Лизгањето на земјиштето често се случува во Индонезија за време на дождовната сезона, особено во густо населените и планински области на Јава, најнаселениот остров во земјата, пренесе ДПА.
Свет
Зеленски побара од сојузниците повеќе муниција за одбрана на Укаина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска побара од сојузниците повеќе муниција за противвоздушната одбрана на Украина со цел подобро да се спротивстави на руските напади, што оставија стотици илјади жители на Киев без електрична енергија и греење сред зима.
„Само оваа недела, Русите лансираа повеќе од 1.700 борбени беспилотни летала, повеќе од 1.380 наведувани бомби и 69 ракети од различни видови. Затоа ракетите за системите за противвоздушна одбрана се потребни секој ден, и ние продолжуваме да соработуваме со САД и Европа за да обезбедиме подобра заштита на нашиот воздушен простор“, рече Зеленски по пристигнувањето во Вилнус, објавија француските медиуми.
Зеленски во Вилнус се сретна со претседателот на Литванија, Гитанас Науседа. На средбата станало збор за поддршката на украинскиот енергетски систем и воената соработка меѓу двете земји.
Свет
Поради снежно невреме повеќе од 700.000 домови во САД останаа без струја
Снежно невреме го погоди поголемиот дел од САД, оставајќи стотици илјади луѓе без струја, додека влошување на временските услови се очекува и во областите на Њујорк, Филаделфија и Вашингтон.
Најтешко погодени се државите Мисисипи, Луизијана и Тексас, каде што околу 730.000 домаќинства останаа без струја, а се проценува дека дури 190 милиони луѓе се изложени на ризик од прекини во снабдувањето со електрична енергија и греење.
Невремето зафати површина од околу 3.000 километри, од Ново Мексико до Мејн, а во неколку држави е прогласена вонредна состојба. Снежните врнежи и мразот предизвикаа големи проблеми во сообраќајот, затворање на патиштата и откажување на илјадници летови.
Властите ги повикуваат граѓаните да останат дома, додека центри за затоплување на населението се отворени во Њујорк и Вашингтон.

