Македонија
ЗНМ: Миленко Неделковски го изгуби судскиот спор против Секуловска, Србиновски и Пировска
Основниот граѓански суд Скопје го одби како неосновано тужбеното барање на Миленко Неделковски за утврдување на одговорност за клевета и надомест на штета против новинарите
Пред Основниот граѓански суд Скопје на ден 06.12.2021 година беше поднесена тужба од страна на Миленко Неделковски против новинарите Дејан Србиновски и Билјана Секуловска како и против директорката на Хелсиншкиот комитет Уранија Пировска. Со оваа тужба се бараше утврдување на одговорност за клевета и надомест на штета во врска со емисијата „25 Минути“ со наслов: „Говор на омраза – зошто не се санкционира?” емитувана на ден 12.09.2021 година на Телевизија 24, а во која од страна на тужените, тужителот Миленко Неделковски е посочен како пример за лице кое шири говор на омраза, на начин што со своите дејствија промовира, поттикнува и шири омраза, насилство и нетрпеливост.
Од страна на aдвокатот на новинарите и Пировска, во одговорот на тужбата беше приложен доказен материјал од кој неспорно се докажува дека и пред емитување на емисијата „25 Минути“, тужителот веќе бил познат на јавноста како лице кое шири говор на омраза, а со тоа и дека тужените имале основано причина да ги истакнат предметните наводи.
Меѓу другото е наведено дека судот треба да ги има во предвид и Принцип 6 и 7 од Препораката бр.R (97) 20 на Комитетот на Министри на Совет на Европа за „говор на омраза, со кој јасно се укажува на фактот дека:
„Националното право и практика во областа на говорот на омразата треба да водат сметка за улогата на медиумите во комуникацијата на информациите и идеите што покажуваат, анализираат и објаснуваат специфични примери на говор на омразата и воопшто на овој феномен, како и да го земат предвид правото на јавноста да добива такви информации и идеи“, односно дека известувањето за расизам, ксенофобија, антисемитизам и други форми на нетрпеливост е целосно заштитено со член 10, параграф 1 од Европската Конвенција за човекови права“.
Судот по заклучување на главната расправа, на ден 09.11.2022 година одржа рочиште за објава на пресуда, на кое беше соопштено дека тужбеното барање на тужителот се одбива како неосновано, со што тужените се ослободуваат од одговорност за клевета и надомест на штета.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕСМ го одбележува 60-годишниот јубилеј на хидроелектраната „Глобочица“ – шест децении енергија, традиција и напредок
АД ЕСМ и подружницата ХЕС „Црн Дрим“ денеска свечено го одбележаа големиот јубилеј – 60 години од пуштањето во употреба на хидроелектраната „Глобочица“, капитален проект од непроценливо значење за македонскиот електроенергетски систем.
Хидроелектраната „Глобочица“, дел од хидросистемот „Црн Дрим“, е пуштена во работа на 4 ноември 1965 година. Со инсталирана моќност од 42,5 MW, таа во изминативе шест децении произведе повеќе од 10.367 GWh електрична енергија, Средното годишно производство изнесува 175 GWh, а максималното е забележано во 2010 година – 292 GWh.
Во рамките на развојните програми на компанијата, „Глобочица“ претрпе повеќе ревитализации, со што нејзината првична инсталирана моќност е зголемена за дополнителни 9 MW. Денес, електраната претставува пример за успешно спојување на инженерската визија и одржливиот развој, обезбедувајќи чиста, обновлива енергија и намалување на јаглеродниот отпечаток.

Во рамките на Свечената академија, генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев најави капитален проект кој ги опфаќа хидроелектраните Глобочица и Шпилје.
„До крајот на годинава очекуваме почеток со реализација на капиталниот проект „Ревитализација на хидроелектраните“ – Фаза 3, од кои една од главните придобивки ќе биде зголемување на вкупното производство од хидроенергија за 50 GWh, годишно. Од реализацијата на овој проект, најголема придобивка ќе имаат токму ХЕ „Глобочица“ и ХЕ „Шпилје“. Со овој зафат, гарантираме продолжување на нивниот животен век за најмалку уште три децении“ нагласи Узунчев.
Директорот на Подружницата ХЕС „Црн Дрим“, Гоце Божиновски, во своето обраќање пред присутните нагласи:
„Денес славиме 60 години од првите киловат-часови произведени во ХЕ „Глобочица“ – електрана која не е само инженерско чудо, туку и симбол на визија, истрајност и иновативен дух. „Глобочица“ е животна лекција дека човечката визија и природата можат хармонично да соработуваат. Оваа електрана останува трајно сведоштво за силата на знаењето, посветеноста и трудот на генерациите што ја создадоа и ја одржуваат.“, рече Божиновски.
АД ЕСМ и ХЕС „Црн Дрим“ изразуваат искрена благодарност до сите поранешни и сегашни вработени, инженери и техничари кои во изминатите шест децении го вложиле своето знаење и труд во развојот и одржувањето на хидроелектраната „Глобочица“.
Компанијата останува целосно посветена на својата зелена агенда – модернизација и изградба на нови обновливи извори на енергија, кои ќе обезбедат стабилна и одржлива енергетска иднина за Македонија.
Македонија
Беким Сали ќе го наследи Изет Меџити како прв вицепремиер
Портпаролот на коалицијата ВРЕДИ, Дритон Сулејмани, денеска потврди дека Беким Сали ќе биде новиот прв вицепремиер, на местото на Изет Меџити кој стана градоначалник на Општина Чаир.
За нов министер за животна средина и просторно планирање, на местото на Меџити, сè уште се одлучува.
Беким Сали претходно беше министер за здравство од 2022 до 2023 година.
Сулејмани истакна дека ВРЕДИ ќе продолжи да функционира како единствен политички субјект, без поделби по партии, како и досега.
Во осврт на изборните резултати, тој оцени дека локалните избори ја потврдиле новата политичка реалност во земјата и дека ВРЕДИ станува втора политичка сила на државно ниво, со доминација во албанскиот политички блок.
Како примери на успех, Сулејмани ги посочи победите на Билал Касами во Тетово, Фети Абази во Боговиње и Даут Мемиши во Теарце, а резултатот во Чаир го нарече јасна порака од граѓаните против старите политики.
Македонија
Утре променливо облачно време, од четврток до понеделник дожд, најавува УХМР
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 8, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во среда и четврток во утринските часови има услови за појава на магла. Под влијание на влажна воздушна маса, од четврток од вечерните часови па се до понеделник, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни.

