Македонија
Советничка од Алијанса обвини за дискриминација во Комунална; директорката: oстанаа без договори оти не доаѓаа на работа
Советничката Бујаре Абази во Град Скопје од Алијанса за Албанците се скара со в.д. директорката на Комунална хигиена, Косана Николиќ-Мазнева, за вработувањата во претпријатието. Абази смета дека в.д. директорката отпуштила и ангажирала лица според нејзините симпатии, а не според критериуми. Николиќ-Мазнева остана на ставот дека лицата кои останале без договори сами се виновни, бидејќи не оделе на работа. Советничката Абази смета дека 112 лица кои останале без договори се дискриминирани поради националност. Николиќ-Мазнева на ова врати дека е сè освен националист. Советот не даде согласност за Годишниот план 2023 година за вработување – не го помина филтерот на Советот на Град Скопје.
„112 семејства ги оставила надвор на улица. 112 семејства останаа без работа. Според кои критериуми ги оставивте? Навистина е срамно да кажете дека има вишок вработени. Имавте вработени над 5 години, над 8 години. Има вработени кои не оделе на работа а сте им ги продолжиле договорите. За што е оваа одмазда? Националност или дека жената што носи була треба да остане без работа? Ќе ви речам, вакво арогантно однесување не треба од ваша страна. Мене не ми е јасно како размислува оваа госпоѓа. Сте мислеле ли кога сте отпуштиле маж и жена кој ќе ги чува нивните деца? Не можам да разберам како барате нови вработувања, ако 112 вработени се оставени на улица“, кажа Бујаре Абази во Град Скопје од Алијанса за Албанците
В.Д. директорката на Комунална хигиена, Косана Николиќ-Мазнева, посочи дека вработени кои останале без ангажман си работеле приватни бизниси и не доаѓале на работа.
„Внимателно ја следев вашата дискусија и забелешки. Јас имам кажано за што станува збор, но ќе повторам, не ми е тешко. Кога дојдов во претпријатието имаше голема бројка на вработени. Месец дена се занимавам со оваа проблематика. Работите не одеа во вистински правец. Објаснете ми како за месец дена можат да се вратат 200 лица во претпријатието и истите да ја чинат фирмата 11 милиони денари и да не доаѓаат на работа? Јас ќе ви ги доставам списоците и листинзите да видите кого штитите. Во Комунално работат 1118 вработени. 150 се административци, 968 се оператива сосе помошно техничките лица, 207 се продолжени договори затоа што доаѓале на работа. Има такви кои сме ги пуштиле иако не доаѓале на работа, пред да им истечат договорите… имам над 200 опомени и замолници со директни укажувања да се приберат и да си ги зачуваат работните места во интерес на семејствата и претпријатието. Каде сте виделе, во која држава, да се тера приватен бизнис, да работат по четворица луѓе од семејство и да не доаѓаат на работа? Сигурно нема да дозволите ни вие. Не може тие што работат од 7 до 15 часот да не ги спастриме и вработиме, а да ги пуштиме тие на кои не им се продолжени договорите“.
Абази ја обвини в.д. директорката за неодговорно однесување.
„Станува збор за тоа дали сте им овозможиле на луѓето да завршат работа и да примат плата. Можам да речам дека ги знам лицата кои не доаѓаат на работа, а не доаѓаат на работа. Вашето неодговорно однесување ќе се плати на друг начин. Тие вработени ќе го остават сметот во цел град“.
На ова возврати и Николиќ-Мазнева: „Јас сум сè освен националист. Можам да се квалификувам како пацифист. Јас затекнав 80 отсто етнички Албанци во претпријатието. Од нив има прекрасни работници. Мене и душата и срцето ми се кинат кога треба да прекинам договор преку агенција за привремени вработувања. Претпријатието е такво што требаат дополнителни ангажирања. И тоа најмногу во оперативата“.
Предлог-одлуката за давање согласност за годишен план за вработување за 2023 година доби само 12 гласа „за“ од советниците, ниту еден против и четири воздржани гласови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

