Македонија
Обвинителството предлага куќен притвор за напаѓачот на новинарската екипа на 24ТВ

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 67-годишно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – насилство.
„Пријавениот, на 14 ноември, со грубо навредување и грубо насилство ја загрозил сигурноста на снимател од новинарска екипа, додека кај присутните сведоци – новинар и возач на телевизиската екипа предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв. Осомничениот најпрвин упатил погрдни зборови и пцовки кон новинарската екипа која снимала прилог, а потоа и физички го нападнал снимателот, удирајќи го со лактот во вилицата и нанесувајќи му телесна повреда – набиеница“, информираат од Обвинителството.
Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност осомничениот да се даде во бегство, како и особени околности врзани со начинот на извршување на делото кои укажуваат дека тој би можел да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка – куќен притвор.
Вчера, напаѓачот на новинарската екипа на ТВ 24 беше приведен, по пријава од снимателот Љубиша Игнатов, кого физички го нападна со боксови во скопската населба Пржино. Снимателот со новинарска екипа бил на терен пред куќата која била пријавена како престојувалиште на украинскиот бизнисмен Олександр Онишченко, за кој неодамна се дозна дека добил македонски пасош. Напаѓачот е сопственик на таа куќата.
Случајот предизвика бројни реакции и осуда од страна на новинарските друженија и институциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода дел од Кисела Вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска поради изведување на водоводен приклучок на водоводна мрежа со пречник од Ф-150 мм на улицата Христо Татарчев бр. 47, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и кулите – Расдник, oпштина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Сончево и топло, максималната температура ќе достигне до 34 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде стабилно, претежно сончево и топло. Ќе дува умерен, во сабота наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
„Уапсени се полицајци и полициски функционери кои биле на смена кобната вечер“: СДСМ ја поздрави акцијата на ОЈО ГОК за Кочани

„Ја поздравуваме вечерашната акција на Обвинителството за организиран криминал и корупција во која се лишени од слобода полицајци и полициски функционери кои биле на смена кобната вечер на 16 март во т.н. дискотека Пулс во Кочани“, соопшти СДСМ.
„Фактот што четири месеци ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше да ја сокрие одговорноста на полицајците и полициските функционери, фактот што нивната вина беше негирана од страна на Панче Тошковски и Христијан Мицкоски укажува на тоа дека сите биле вмешани или на некој начин знаеле за нелегалното работење на Пулс и тоа го одобрувале.
Само поради обидите да се сокрие одговорноста од страна на Тошковски и Мицкоски на лицата кои тие ги поставија за полицајци, командири и началници би требало веднаш да си поднесат оставки.
Одговорност мора да има и за Александар Јанев, директорот на БЈБ. Тошковски и Јанев не смеат повеќе да ја попречуваат истрагата ниту да влијаат некој да не сноси одговорност.
Вистината за Кочани која цела недела ја објавуваше СДСМ е точна. Се покажа дека без силен притисок на јавноста, на дел од медиумите и на СДСМ нема да има правда за Кочани. Време е за одговорност, време е за оставки“, се додава во соопштението на СДСМ.