Свет
Итен состанок на НАТО за падот на ракетите во источна Полска
НАТО денеска ќе одржи итен состанок, на кој ќе се разговара за експлозијата во источна Полска во близина на украинската граница, во која загинаа две лица, јави „Ројтерс“.
Со состанокот на амбасадорите на НАТО во Брисел ќе претседава генералниот секретар Јенс Столтенберг, кој ќе одржи прес-конференција околу 12.30 часот по средноевропско време, се наведува во соопштението на НАТО.
Европски дипломат и двајца претставници на Северноатлантскиот сојуз за британската агенција изјавиле дека на состанокот ќе се разговара за падот на ракетата во источна Полска.
Полските власти објавија дека две лица загинале во експлозија во областа Хрубешов во источна Полска, но без да потврдат дека се работи за руски проектил.
Полското Министерство за надворешни работи соопшти дека ракетата паднала врз Пжеводов, село на околу шест километри од границата со Украина.
Русија ја отфрли одговорноста за експлозијата, но полскиот претседател Анджеј Дуда им рече на новинарите дека „најверојатно, се работи за проектил од руско производство“, но дека нема конкретни докази кои би покажале кој го лансирал проектилот и дека се работи за еднократен инцидент.
Американскиот претседател Џозеф Бајден по разговорите со лидерите на западните земји изјави дека ракетата во која загинаа две лица во Полска, најверојатно, не била лансирана од Русија, пренесе „Ројтерс“.
Тројца неименувани американски официјални лица, цитирани од АП, денеска изјавија дека прелиминарните процени сугерираат дека украинските сили го лансирале проектилот во кој загинаа две лица во Полска и дека тој бил лансирал од украинската противвоздушна одбрана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
По критиките од Трамп, Лондон објасни зошто не дозволил користење на базите за напади врз Иран
Даунинг стрит реагираше на изјавата на Доналд Трамп, кој рече дека е „многу разочаран“ од премиерот Кир Стармер затоа што не дозволил веднаш САД да ги користат британските воени бази за започнување офанзивни напади врз Иран.
Официјалниот портпарол на премиерот изјави дека Обединетото Кралство донело внимателна одлука да не се вклучува во офанзивни акции, бидејќи сака да придонесе кон решение на ситуацијата во регионот.
Тој појасни дека американското барање за користење на базите во одбранбени цели се совпаднало со иранските напади врз британските интереси и загрозување на британските граѓани. На тоа барање, додаде, Обединетото Кралство „одговорило соодветно“.
Претходно денеска Трамп изјави за британски весник дека на Стармер му требало „предолго“ да се предомисли.
„Тоа веројатно никогаш досега не се случило меѓу нашите земји“, изјави американскиот претседател за „Телеграф“.
„Звучи како да бил загрижен во однос на законитоста“, додаде Трамп.
Премиерот на Обединетото Кралство подоцна го прифати американското барање за користење на британските бази за одбранбени напади врз складишта на ирански ракети или нивни лансирни позиции.
Фото: ЕПА
Свет
Не сме во војна, порача Лондон по нападот врз базата на Кипар
Британската влада соопшти дека Обединетото Кралство не е во војна, и покрај нападот со дрон од иранско производство врз базата на Кралското воено воздухопловство (РАФ), Акротири, на Кипар.
Според британските власти, дронот ја погодил пистата доцна во неделата. Нема повредени, а штетата е оценета како минимална. Подоцна биле пресретнати уште два дрона насочени кон островот.
Министерот за Блискиот Исток Хамиш Фалконер изјави дека Иран не смее да располага со балистички ракети насочени кон регионот и повика на дипломатско решение.
Велика Британија не учествувала во почетните напади врз Иран, но премиерот Кир Стармер во неделата дозволи САД да ги користат британските бази за одбранбени напади врз ирански ракетни системи. Владата нагласи дека базите не смеат да се користат за напади врз политички или економски цели во Иран.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е разочаран од одложувањето на британската одлука. Во меѓувреме, британското Министерство за одбрана соопшти дека од безбедносни причини се преместуваат семејствата на персоналот од базата.
Свет
Израел соопшти дека ликвидирал висок функционер на Хезболах во прецизен напад
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека во прецизен напад во Бејрут го убиле Хусеин Маклед, за кого тврдат дека бил на чело на разузнавачкиот штаб на Хезболах.
„ИДФ потврдува дека во синоќешен прецизен напад во Бејрут е елиминиран Хусеин Маклед, кој служеше како шеф на разузнавачкиот штаб на Хезболах“, се наведува во соопштението.
Нападот доаѓа откако Хезболах официјално се вклучи во конфликтот меѓу Иран од една страна и Израел и САД од друга, отворајќи нов фронт со ракетни и дрон-напади од јужен Либан. Израел потоа изврши одмазднички удари врз цели на групата во Либан.
Фото: ЕПА

