Македонија
Герасимовски: Заедно со куќните совети и МВР до конечно решавање на проблемот со бучавата во Центар
На четвртата од серијата трибини под насловот „Заедно одлучуваме“, вечерва градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, ја презентираше работата пред граѓаните кои живеат во близина на ТЦ „Буњаковец“.
Заедно со раководителите на општинските сектори, градоначалникот Герасимовски на присутните им го презентираше сработеното во минатата година, но и она што допрва општината планира да го реализира.
![]()
„Во овој дел на Центар отворивме пензионерски клуб, ‘Миле Арсовски’, кој го носи името на еден од најмладите партизани. По подолг период, ги реконструиравме улиците ‘Петар Поп Арсов’ и ‘Рајко Жинзифов’, а наскоро започнуваме и со реконструкцијата на овој дел од ‘Ленинова’. Како и во другите делови од општината и тука се грижиме хигиената да е на високо ниво, а редовно ги санираме детските и спортски игралишта и ги заменуваме оштетените реквизити“, им порача Герасимовски на присутните.
Најчестите забелешки на граѓаните до Герасимовски и стручните служби се однесуваа на состојбата со бучавата, узурпацијата на јавниот простор, проблемите со паркирањето, уништените реквизити на детските игралишта и други локални проблеми.
Најголемите забелешки и најбројни беа за гласната музика која доаѓа од локалите кои се наоѓаат во непосредна близина на училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“ и ТЦ Буњаковец, особено од кафулето „Мош“.
![]()
„Вчера бевме во Капиштец, на иста ваква средба во училиштето „Киро Глигоров“. И таму жителите се жалеа на гласната музика од локалот ‘Интермецо’. Проблемот со бучавата и гласната музика е голем и долгогодишен проблем. Ви предлагам, исто како што предложив и вчера, сите заедно, ние граѓаните, со куќните совети и МВР, можеме ефикасно да делуваме и да го решиме овој проблем“, им порача Герасимовски на присутните.
Герасимовски изјави дека Секторот за инспекциски работи пред два месеци на 4 локали во општина Центар им изрече глоби во висина од 300.000 до 800.000 денари и додаде дека редовните контроли за бучава продолжуваат во наредниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода утре делови од Карпош и Кисела Вода
Без вода утре ќе останат делови од Карпош и Кисела Вода, информира Регионалниот центар за управување со кризи.
„Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека на ден 30.12.2025 година ( вторник ):
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Нобелова крстосница со ул. Хелсинки, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Нобелова, Виенска, дел од ул. Хелсинки и дел од ул. Лондонска. (Општина Карпош)
· поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Жил Верн бр. 10, од 10:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. Жил Верн и ул. Есенинова. (Општина Кисела Вода)“, информира РЦУК.
Македонија
Утре без струја делови од Петровец, Студеничани, Сопиште и Ѓорче Петров
Утре без струја ќе останат некои од корисниците од општините Петровец, Студеничани, Сопиште и Ѓорче Петров, информира Регионалниот центар за управување со кризи.
„Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, на ден 30.12.2025 година ( вторник ) без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од с. Ќојлија. (Општина Петровец)
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од селата: Драчевица и Цветово. (Општина Студеничани)
· од 08:55 до 09:55 часот, корисниците од селата: Горно Соње, Долно Соње , Чифлик и Света Петка. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Веле Марков. (Општина Ѓорче Петров)
· од 12:30 до 14:30 часот, корисниците од дел од улиците: Димо Хаџидимов и Христо Татарчев. (Општина Кисела Вода)“, информира РЦУК.
Македонија
Утре претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за слаб локален снег
Утре претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за слаб локален снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 0, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, попладне ќе има зголемување на облачноста. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на студена воздушна маса во среда ќе дува засилен до силен северен ветер што ќе услови и дневната температура на повеќе места да остане под нула. Во четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во петок ветерот ќе го смени правецот во јужен и ќе има услови за слаб дожд и снег на планините. За време на викендот ќе биде претежно сончево со пораст на температурата.

