Македонија
Кривична за Ване Цветанов: си ја ангажирал невенчаната сопруга, со неа одел на службени патувања и си наплаќале дневници
Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против В. Ц. (44) од Кочани поради постоење основано сомнение дека од позиција на в.д. претседател на тело основано од Владата, во периодот од 2021 до 15.3.2022 година, сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 став 5 во врска со член 45 – продолжено кривично дело, предвидено и казниво во Кривичниот законик, со што за себе и за други лица, на штета на буџетот на телото прибавил противправна имотна корист во вкупен износ од 4.656.876 денари (75.722 евра).
Пријавениот, како лице именувано од Владата на споменатата позиција за периодот од 24.7.2019 до 15.3.2022 година, ги сторил кривичните дела искористувајќи ја својата службена положба и пречекорувајќи ги границите на своите службени овластувања, при што постапил спротивно на одредбите од Законот за јавните набавки, Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Статутот на телото, Законот за ревизијата, како и спротивно на Законот за трансформација во редовен работен однос.
Имено, во текот на 2021, спротивно на одредбите на Законот за јавните набавки, пријавениот, без да спроведе постапка за јавни набавки, која бил должен да ја спроведе, од неколку економски оператори набавил стоки и услуги во вкупен износ од 2.272.684 денари (36.954 евра), набавки што го надминуваат законски дозволениот износ од 12.000 евра во тековната година за набавки на стоки без спроведена постапка, а во текот на 2022 продолжил со дејствата и извршил набавка на стоки и услуги од неколку економски оператори во вкупен износ од 430.515 денари (7.000 евра) за кои постои основано сомнение дека нема реална оправданост за нивна набавка за потребите на телото.
Исто така, тој ги пречекорил границите на своето службено овластување постапувајќи спротивно на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, спротивно на Статутот на телото и спротивно на Законот за ревизијата, па без претходна одлука за потреба од ангажирање надворешно лице, донесена од страна на Советот на телото, последователно склучил 3 договори за ангажирање надворешен советник за специјални цели во телото со Д. Т., која била негова невенчана сопруга, без предвиден надоместок за ангажираното лице.
Притоа овие договори биле искористени и како основа за заеднички службени патувања во странство за што по основ на дневници за службени патувања и патни и дневни трошоци од сметката на телото неосновано и противправно биле исплатени парични средства во вкупен износ од 93.800 денари (1.525 евра).
На истиот начин, без претходна одлука за ангажирање надворешни лица за потребите на телото, спротивно на Законот за ревизијата, Статутот на телото и Закон за трансформација во редовен работен однос, пријавениот склучил уште 18 договори за ангажирање надворешни лица по разни основи за услуги за кои во согласност со правилникот за систематизација на работните места и листата на вработени во стручната служба на телото веќе биле вработени таков профил на кадри. Поради ваквите дејства на пријавениот, од буџетот на телото непотребно и неосновано биле исплатени парични средства во вкупен износ од 1.803.237 денари (29.321 евро).
Дополнително, пријавениот, постапувајќи спротивно на Статутот на телото и спротивно на Законот за ревизијата, без претходно донесена одлука на одржана седница на телото, набавил апликативен софтвер од правно лице иако веќе имало склучено договор со друг правен субјект, кој бил во важност, а од кој претходно биле набавени апликативни и софтверски решенија за потребите на телото. Со ваквото пречекорување на границите на своите службени овластувања пријавениот дополнително нанел штета на средствата во сопственост на телото во вкупен износ од 56.640 денари (921 евро).
Со наведените инкриминирачки дејства пријавениот постапувал надвор од границите на своите службени овластувања, со што го сторил кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето предвидено и казниво по член 353 став 5 во врска со член 45 од Кривичниот законик и со тоа овозможил за себе и за други лица на штета на буџетот на телото де стекнат противправна имотна корист од вкупно 4.656.876 денари (75.722 евра).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари финансиска поддршка за младите претприемачи од општина Илинден
Општина Илинден, како една од најбрзорастечките општини во регионот, со континуиран раст на локалните економски зони и бизнис секторот, продолжува со активни мерки за создавање поволна бизнис клима и поттикнување на претприемништвото, велат од Општината.
„За таа цел, општина Илинден во 2023 година воведе субвенции за млади претприемачи кои имаат регистрирано трговско друштво со седиште на територија на општина Илинден. Од оваа година, наместо досегашната финансиска поддршка од 6.000 денари за млади до 29 години, општина Илинден овозможува финансиска поддршка од 10.000 денари во времетрање од три години, за сите млади до 35 години кои се активни во занаетчиството или водат мали локални бизниси. Мерката важи од денот на отворање на бизнисот и има за цел поттикнување на младинското претприемништво, самовработувањето и развојот на локалната економија.
Средствата за реализација на оваа мерка во целост се обезбедени од Буџетот на Општина Илинден, што уште еднаш ја потврдува посветеноста на локалната самоуправа кон поддршка на бизнис секторот, претприемништвото и развојот на локалните економски зони“, извести Општината.
Македонија
Ѓорѓиевски: Убава вест за Скопје – набавуваме повеќе од 40 возила за Комунална хигиена
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска информираше за започнување на најобемната инвестиција во јавната чистота во изминатата деценија, со официјален почеток на постапката за набавка на повеќе од 40 нови, современи и специјализирани возила за потребите на ЈП „Комунална хигиена“.
„Со оваа одлука, Град Скопје прави суштински исчекор кон трајно и системско решавање на проблемот со одржувањето на јавната чистота, подобрување на хигиенските услови и обезбедување достоинствено, организирано и ефикасно собирање на отпадот во сите скопски населби.
Проектот се реализира преку координирана соработка со Министерството за транспорт и Светската банка, а дополнително ќе биде поддржан и со сопствени средства на Град Скопје, што јасно ја потврдува силната институционална заложба за здрав, уреден и модерен град“, соопшти Град Скопје.
Македонија
Клиниката „Жан Митрев“ официјално акредитирана како Европски центар за третман на дебелина – EASO Collaborating Centre for Obesity Management (COM)
Центарот за менаџмент на обезност (дебелината) при Клиника Жан Митрев се стекна со престижниот статус EASO Collaborating Centre for Obesity Management (COM) и е официјално акредитиран од Европската асоцијација за проучување на обезноста (EASO) за периодот 2026–2028 година, со што станува признат како водечки центар за третман на обезност на европско ниво. Оваа акредитација претставува највисоко европско признание во областа на третманот на обезноста и се доделува исклучиво на центри кои ги исполнуваат најстрогите медицински, научни и организациски критериуми, во согласност со европските и академските клинички упатства. Процесот на акредитација вклучува темелна евалуација од страна на EASO COM Working Group, која ја потврдува клиничката извонредност, мултидисциплинарниот пристап и долгорочната грижа за пациентите.
Со ова признание, Клиника Жан Митрев станува прв и единствен EASO-COM акредитиран центар во рамки на приватна здравствена установа во целиот Балкански регион, позиционирајќи ја клиниката како регионален референтен центар за современ, интегриран и научно заснован третман на дебелина.
EASO COM акредитацијата е директна гаранција за пациентите дека третманот на обезност во Клиника Жан Митрев се спроведува според највисоки европски стандарди и носи конкретни придобивки: лекување и примена на валидирани клинички протоколи, структуриран пациентски пат и континуирано следење на резултатите. Овозможува пристап до најновите научни достигнувања и современи терапии преку вклученост во европски експертски мрежи, размена на знаења и имплементација на најнови терапевтски пристапи во третманот на обезноста, како и соработка со врвни европски медицински центри во EASO COM мрежата, во креирање европски консензус-насоки и заеднички стручни иницијативи.
Центарот за менаџмент на обезност е раководен од д-р Џулиана Михајловска, специјалист ендокринолог, чија стручност, посветеност и професионализам беа клучни во процесот на стекнување на ова високо европско признание.
Третманот се спроведува преку мултидисциплинарен тим, составен од ендокринолог, генетичар, физиотерапевт, психолог, психијатар, како и други медицински специјалности по потреба, што овозможува сеопфатен, персонализиран и долгорочен пристап кон обезноста како хронично и комплексно заболување.
Со оваа акредитација, Жан Митрев Клиника уште еднаш ја потврдува својата мисија да обезбеди европски стандарди, медицинска прецизност и врвна грижа за пациентите, поставувајќи нови стандарди во современото здравство.
ПР

