Македонија
Ковачевски: Изградбата на патот Кичево – Охрид е приоритет
Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска направи увид на градежните работи на тунелот Кичево – Охрид заедно со првиот заменик-претседател на Владата Артан Груби, заменикот на претседателот на Владата за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик-министерот Беким Реџепи и директорот на ЈП Државни патишта, Ејуп Рустеми.
„Знам колку е важно за Кичево, Дебарца, Струга, Охрид, Вевчани, за околните населени места кои гравитираат во овој регион, но и за целата земја, што побрзо да се заврши автопатот Кичево – Охрид. Знам колку овој автопат е важен за нов економски и развоен импулс не само на западниот дел на Македонија туку и на целата држава и колку тој значи и за Кичево и за туристичките центри Охрид и Струга. Ние како Влада ги решаваме наследените проблеми, патната инфраструктура за оваа Влада не е предизборно ветување, туку напротив тоа е инфраструктура којашто ја поврзува државата внатре, меѓутоа ја поврзува државата и со другите европски држави со коишто граничиме. Со тоа овозможуваме подобри услови за постојните инвестиции, привлекување нови странски инвестиции, зголемување на економскиот развој, развој на туризмот, особено во овој наш туристички дел од државата. А сето тоа еден од предусловите е безбеден и сигурни патишта за граѓаните и за сите други кои поминуваат низ нив”, изјави Ковачевски.
![]()
Тој додаде дека е свесен дека работниците кои го градат овој автопат се соочија со многу предизвици во изминативе години, поради огромни пропусти во самиот проект. Беа потребни години за да се пробијат тунелите под превојот Пресека. Работниците се соочија со многу проблеми во утробата на планината, што дополнително ја одолговлечи работата на терен, па плановите за работа мораше да се адаптираат според условите коишто ги налагаа самите услови на терен.
!Изминативе пет години Владата предводена од СДСМ и сите коалициски партнери изгради патишта во должина од околу 1.300 километри, значи двојно повеќе од претходниот десетгодишен период, кога биле направени само околу 650 километри. Се гради автопатот Скопје – Блаце во прва фаза, течат активности за изградба на автопатот Гостивар – Кичево, на автопатот Тетово – Гостивар, на автопатот Требениште – Струга – Ќафасан, на автопатот Прилеп – Битола. Последниве кои ги кажав се во фаза на избор на консултант кој треба да ги доврши сите договорни обврски со изведувачот и таму да се започне со конкретни работи на терен. Досега ги изградивме експресните патишта Штип – Радовиш, завршена е првата фаза од патот Штип – Крупиште. Во овој момент активно тече изградбата на експресните патишта Градско – Дреново, Дреново – Фариш, Крупиште – Кочани, Ранковце – Крива Паланка”, изјави Ковачевски.
Премиерот наведе дека оваа Влада е посветена и прави сè за европската иднина на земјата, за економски развој на Северна Македонија, подобра сообраќајна поврзаност и пред сè подобар квалитет на живот за сите граѓани без разлика во кој дел од земјата живеат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Ќе се менува проводник на далновод во Прилеп, градот неколку часа ќе биде без струја
Прилеп и приградските населби утре претпладне, од 6:30 до 11 часот, ќе останат без напојување со електрична енергија.
Како што информираат од АД МЕПСО, исклучувањето се врши поради планирани активности на електропреносната мрежа, кои опфаќаат демонтажа на старо проводно јаже од 110 киловлти за далноводот ТС Битола 1- ТС Прилеп 1 и монтажа на нов проводник. На замената ќе работат стручните екипи на АД МЕПСО.
Согласно со планираната динамика, работите ќе траат најмногу четири и пол часа, по што напојувањето со електрична енергија во Прилеп ќе биде повторно воспоставено.
Од АД „МЕПСО“ до корисниците апелираат за разбирање, имајќи предвид дека станува збор за планирани зафати од значење за сигурно и стабилно функционирање на електропреносниот систем.
Македонија
Дедо Мраз од Лапонија ќе дојде со волшебен воз на Железничка во Скопје
Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува од денеска 30 декември на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Претставата ја организираат Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот.
– Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата, се вели во соопштението од „Од игра до претстава“, ЈП Македонски Железници – Инфраструктура Македонски Железници АД Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски. Вклучени се и 40-тина учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон што е изработен во 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70-те години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „шпанец“ серија 712/714.

Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервација на [email protected] и на телефонскиот број 075 295 905.

