Економија
(Видео) Ковачевски: Антикризните мерки дадоа плод, цените на храната почнаа да се намалуваат

Ние денес живееме вo свет кој e во една од најтешките кризи за храна и енергија по втората светска војна. Десет месеци ја предводам коалицијата проевропска Влада во тежок период. Сето мое 22-годишно менаџерско искуство во приватниот сектор, сето мое знаење во делот на финансиите и економијата го вградив во планот за спас на македонската економија и антикризните мерки, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на вечерашната трибина „Силно и одлучно кон иднината“ во Кичево.
– Работевме напорно, ден и ноќ и успеавме да реализираме најголеми антикризни мерки во регионот, вредни 760 милиони евра. Факт, потврден и од Светската банка. За мене ништо не е поважно од тоа да ја поминеме оваа зима заедно и да не оставиме никој зад себе. Да допреме до секое семејство во земјата во оваа тешка криза за сите нас. Уште во првите 100 дена од мандатот ја зголемивме минималната плата на 18.000 денари. За една година пензиите за сите 330.000 пензионери ги зголемиваме за 16%, рече Ковачевски.
Антикризните мерки дадоа плод, потенцираше Ковачевски, цените на храната веќе се намалуваат.
-Антикризните мерки дадоа плод, цените на храната почнаа да се намалуваат, и до 10% ќе се намалат цените на основните производи. Имаме храна и енергија доволно во тешки услови за целиот свет. Нашиот енергетски и топлински капацитет е безбеден за оваа зима, рече вечерва на трибината на СДСМ во Кичево претседателот Димитар Ковачевски.
– Така е кога се има соодветен план, кога се работи напорно и кога знаењето се преточува во реални политики за земјата и граѓаните. Многу поголеми и посилни земји, со посилни економии претрпеа далеку посериозни последици. Да не заборавиме што се случи во една Велика Британија, додаде претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Од 7 октомври годинава побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и компаниите, најави Народната банка

Започнувајќи од 7 октомври 2025 година, граѓаните и компаниите ќе можат да ги извршуваат плаќањата во евра со земјите од Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) побрзо и поевтино, соопшти Народната банка.
„Историскиот чекор којшто се направи кога Европскиот совет за плаќањата го прифати барањето на нашата земја за приклучување кон СЕПА им овозможи на домашните банки да се интегрираат во европските платежни шеми во кои учествуваат давателите на платежни услуги од уште 40 земји“, се наведува во соопштението.
Девет банки веќе се целосно подготвени да започнат со извршување плаќања во рамките на шемата за кредитни трансфери СЕПА на почетокот на октомври 2025 година. Согласно објавениот календар на Европскиот совет за плаќања, од 7 октомври 2025 година, плаќањата ќе бидат овозможени преку „НЛБ банка“ АД Скопје, „Стопанска банка“ АД Скопје, „Комерцијална банка“ АД Скопје, „Шпаркасе банка“ АД Скопје, „Халк банка“ АД Скопје, „Прокредит банка“ АД Скопје, „ТТК банка“ АД Скопје, „УНИ Банка“ АД Скопје и „Централна кооперативна банка“ АД Скопје.
Од Народната банка велат дека останатите три банки интензивно работат на интеграцијата во оваа шема на СЕПА и се очекува дека ќе завршат најдоцна до крајот на првиот квартал од 2026 година, согласно рокот утврден со одлука на Народната банка.
Според објавените официјални тарифи на овие 9 банки, плаќањата во евра со земјите од СЕПА се повеќекратно поевтини во споредба со постоечкото кореспондентно банкарство. Притоа, банките нудат пониски надоместоци за електронските плаќања во споредба со плаќањата на шалтерите.
Граѓаните ќе им плаќаат на банките во просек за шестпати помалку за електронско плаќање на износ од 500 ЕУР кон земјите од СЕПА, коешто чини околу 260 МКД наспроти 1600 МКД колку што плаќаат во моментов преку кореспондентното банкарство. За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, граѓаните ќе плаќаат во просек двојно помалку, односно 140 МКД наспроти 280 МКД преку кореспондентното банкарство.
Трошоците на компаниите кон банките исто така значително се намалуваат. Така, за плаќање во евра кон земјите во СЕПА на износ од 20.000 ЕУР, компаниите ќе плаќаат во просек за осумпати помалку, односно надоместокот ќе изнесува околу 570 МКД наспроти 4.740 МКД преку кореспондентното банкарство. За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, компаниите ќе плаќаат во просек тројно помалку, односно околу 390 МКД наспроти 1.180 МКД преку кореспондентното банкарство.
Народната банка и Македонската банкарска асоцијација ги повикуваат граѓаните и компаниите да ги користат придобивките од подготвеноста на банките за извршување на плаќањата во СЕПА од 7 октомври, при што во интерес на ефикасноста ги охрабруваат сѐ повеќе да ги користат дигиталните канали.
Економија
„СДС и Николовски се тие кои ги оставија земјоделците на цедило со неисплатени субвенции“, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„СДС продолжува да лаже и манипулира. Ниту откупната цена на пиперка е 20 денари по килограм, ниту откупот е запрен. Динамиката за откуп на индустриската пиперка-ајварка се одвива непречено и во согласност со договорените услови со производителите, откупувачите и преработувачите“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ.
„Во договор со сите заинтересирани страни утврдено е откупот на пиперката да се одвива со одбитоци не поголеми од 3%, а откупната цена да не биде пониска од 25 денари за килограм пиперка откупена на рефус.
Согласно договореното целата произведена пиперка ќе биде откупена и тоа добро го знаат земјоделците. Само СДС бара тема и причина да создава паника кај населението, во случајот земјоделците.
Земјоделците многу добро се сеќаваат на периодот на власт на СДС, кога родот на земјоделците завршуваше на буниште, наместо во откупни центри по јасно утврдени правила.
Земјоделците, исто така, паметат и кој ги остави без субвенции, така што со преземањето на одговорноста ВМРО-ДПМНЕ да ја води Владата, наследи долг од милијарда денари неисплатени субвенции.
А, за период од година и половина, актуелната влада исплати околу 11 милијарди денари за заостанати и тековни субвенции на околу 70 илјади земјоделци.
Ако некој земјоделството го клекна на колена и земјоделците ги остави на цедило, тоа се токму СДС со нивниот министер, Љупчо Николовски, кој наместо со нив на нивите, шеташе по белиот свет на државен трошок.
Министерството активно ја следи ситуацијата на терен и владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е партнер и ги штити интересите на земјоделците“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
СДСМ: Целосен дебакл со откупот на пиперката, ВМРО-ДПМНЕ ги остави земјоделците на цедило

„Со ВМРО-ДПМНЕ и Трипуновски земјоделството повторно е на колена. Откупот на индустриската пиперка-ајварка е целосно застанат, земјоделците се оставени на цедило, со реколта што скапува на нивите. Владата на ВМРО-ДПМНЕ ветуваше договорена цена од 45 денари за килограм, а денес откупната цена изнесува понижувачки 20 денари“, соопшти СДСМ.
„Половина од годинешната реколта стои на нивите без откуп. Производителите се очајни, не знаат што да прават со родот кој со месеци го произведуваа со трошоци и труд, а државата не презема мерки да им помогне.
Дополнителен удар за земјоделците е фактот што субвенциите за пиперката од минатата година сè уште не се исплатени. Ова е јасен доказ за целосниот хаос и неспособност во земјоделската политика на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ предупредува дека ова е една од најтешките години за земјоделството, а владата нема ниту план, ниту организација, ниту волја да им помогне на земјоделците. Ако продолжи оваа незаинтересираност, наредната година Македонија ќе се соочи со рекордно ниско производство и со сериозни економски последици.
Лошата организација на откупот и изостанокот на финансиска поддршка кон стратешки извозно ориентираните култури, како што се пиперката, доматот, праската и јаболкото, веќе создаваат големи загуби.
СДСМ бара Владата веднаш да преземе мерки, да воспостави јасна динамика на откуп, да обезбеди дополнителна финансиска поддршка за предадената пиперка и итно да ги исплати заостанатите субвенции“, се наведува во соопштението на СДСМ.