Македонија
Се обновуваат спортските игралишта во Аеродром, населба Лисиче доби модерен спортски терен
Општина Аеродром реализираше инвестиција за обнова на спортското игралиште во населбата Лисиче. Станува збор за проект кој опфаќа поставување на нова тартан подлога, трибини, огради, голови и кошеви, како и хортикултурно уредување на околниот простор.
„Со изградба на модерни објекти го развиваме натпреварувачкиот дух кај младите и ги поттикнуваме повеќе време тие да поминуваат во своето маало, практикувајќи здрав начин на живот. Општина Аеродром и понатаму продолжува да инвестира во спортски објекти на кои младите ќе ги учат и усовршуваат своите спортски вештини. Станува збор за инвестиција за која средствата се целосно обезбедени од буџетот на Општината“, истакна градоначалникот Муцунски.
Реконструкцијата на ова спортско игралиште е дел од есенската градежна офанзива која се реализира во Аеродром и која опфаќа инвестиции во нови улици, сообраќајници, спортски игралишта и детски катчиња. Во следниот период овој дел од Аеродром, ќе добие уште едно мултифункционално игралиште на улицата „Тодор Чангов“ и нов спортски комплекс на местото на поранешниот „Пирин“.
Ставајќи ги во фокус младите и спортот и во следната година Општина Аеродром ќе продолжи да инвестира во реконструкција на постоечки и изградба на нови спортски објекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По шест децении ќе се гради нова амбуланта во Автокоманда
Министерот за здравство, Азир Алиу и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска, во Министерството за здравство потпишаа заеднички договор за изградба на нова амбуланта во населба Автокоманда, што ќе функционира во рамки на Здравствен дом Скопје.
– Новата амбулантата ќе биде изградена на местото на постојниот дотраен и руиниран објект, што бил изграден непосредно по земјотресот во Скопје, во 1963 година. Изградбата на оваа амбуланта е добар пример за соработка меѓу централната и локалната власт, истакна министерот Алиу.
Општина Гази Баба и Министерството за здравство, согласно договорот ќе соработуваат во изготвување на потребната документација за основниот проект за изградба во сите фази и обезбедување проектна документација за што побрзо реализирање на овој заеднички проект.
Македонија
Села до Меџити: Не сум дел од власта туку сум спроти неа, не рамо до рамо туку лице в лице
Лидерот на едното крило на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, преку објава на „Фејсбук“ одговори на излегувањето на Изет Меџити, нагласувајќи дека не е дел од ниту една влада и дека секогаш стои спроти власта, а не покрај неа.
„Во комуникација со мене — не. Не сум дел од Владата. Не стојам со тие што сакаат да ни ги одземат правата како народ“, напиша Села, додавајќи дека политичките успеси ги мери според тоа колку придонел Албанците да бидат порамноправни, а не според привилегиите на власта.
„Во парламентот ќе имаме работа со вас и со ВМРО, како и секогаш — власта на едната страна, јас на другата. Не рамо до рамо, туку лице в лице!“, порача Села.
Изјавата на Села следи откако Изет Меџити од ВЛЕН, прашан дали имало разговори во насока на приклучување на Села во власта, рече рече дека политичката сцена кај Албанците е измешана и дека комуницира со сите, додавајќи дека можно е да има турбуленции и понатаму.
Македонија
Божиновска: Кога жените водат, енергетиката свети посилно – не чекајте дозвола, заземете го вашето место
Инклузивната и праведна зелена енергетска транзиција е невозможна без еднакво учество на жените. Тоа беше пораката што силно одекна на сесијата „Жени во енергетиката“, одржана во рамки на 14. Меѓународен форум за енергија и одржлив развој (IFESD-14) во Скопје.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во инспиративно обраќање ја отвори сесијата со порака дека без родова еднаквост, нема вистински напредок во енергетскиот сектор.
„Живееме во пресуден момент. Глобалната енергетска транзиција ги менува економиите, индустриите и општествата. А овде, на Западен Балкан, ние не сме само следбеници на тие промени — ние сме дел од оние што ги водат. Македонија е горда што е дел од оваа трансформација: инвестираме во обновлива енергија, ја зајакнуваме регионалната соработка и се грижиме нашата транзиција да биде одржлива и праведна“, рече Божиновска.
Министерката истакна дека овој процес нема да биде целосен доколку не е инклузивен. „Напредок кој ги остава жените зад себе – не е вистински напредок. Предолго, енергетиката – од инженерство до лидерство – се сметаше за ‘машки свет’. Но, ние секојдневно докажуваме дека тоа веќе не е така. Кога жените водат, енергетиката станува поумна, поправедна и похумана“, нагласи таа.
Податоците, како што потсети Божиновска, го потврдуваат тоа: „Според Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA), организациите со повеќе жени на лидерски позиции во енергетиката имаат и до 20% повисоки перформанси и иновации. Светскиот економски форум покажува дека родово разновидните тимови се покреативни, попрофитабилни и поотпорни во кризи. Кога жените се оснажени, целиот сектор — и целото општество — добиваат.“
Во еден од најемотивните делови од говорот, министерката се обрати директно до младите жени:
„Не чекајте дозвола за да водите – заземете го вашето место. Не ги замолчувајте вашите идеи – кажете ги смело. Не се сомневајте во вашата сила – посилни сте отколку што мислите.
А до мажите – и вие сте ни потребни. Вистинскиот напредок се случува кога стоиме рамо до рамо, како сојузници, работејќи за истата визија за еднаквост и напредок.“
Во своето обраќање, министерката сподели и лично искуство:
„Како жена во енергетиката, знам дека патот не беше секогаш лесен. Многу од нас мораа да се борат за своето место на масата и да докажат дека компетентноста нема пол. Но секоја пречка што ја рушиме – отвора пат за друга жена да се издигне.“
Таа подвлече дека како министерка поставила јасна мисија – да ја смени перцепцијата дека енергетиката е машки свет.
„Организирам настани и менторски програми за студентки од техничките факултети, за да видат дека нивната иднина може да биде токму овде – во енергија, технологија и лидерство. Работам со жени од рударството и индустријата, чии резултати често остануваат невидливи, но се клучни за нашите успеси.“
Божиновска додаде дека Министерството за енергетика денес е меѓу најродово-избалансираните институции во земјата. „Имаме повеќе жени од мажи и многу од клучните сектори ги водат силни, стручни и одлучни жени. Тие се жив доказ дека компетентноста нема пол,“ рече министерката, додавајќи дека е особено горда што ја претставува Македонија како амбасадорка на WOBA – Women on Board Adria, регионална мрежа што ги поврзува и поддржува жените лидери во Адриатскиот регион.
„Преку WOBA работам за да им отворам врати на жените во одборите и носењето одлуки, за да ги зајакнеме нивните лидерски улоги и да обезбедиме нивниот глас не само да се слуша, туку и да се вреднува. Верувам дека жените заслужуваат повеќе – повеќе можности, повеќе признание, повеќе лидерство. Но исто така верувам дека мора да се избориме за тоа. Рамноправноста не е услуга, тоа е право што мора да го бараме, браниме и градиме – заедно.“
Божиновска го заврши обраќањето со цитат од Маргарет Тачер:
„Ако сакате нешто да се каже – прашајте маж; ако сакате нешто да се направи – прашајте жена.“ „Да бидеме тие жени што прават работи – што водат, инспирираат и создаваат енергетска иднина во која светлината свети посилно за сите.“
Во рамките на сесијата, претставничката на УНДП, Ана Чернишова, потсети дека учеството на жените во енергетската транзиција сè уште е ограничено, главно поради структурата на пазарот на труд и секторската сегрегација.
„Техничката експертиза и носењето одлуки во секторите на енергија и климатски промени се доминантно концентрирани кај мажите. Ова укажува на потребата од таргетирани политики за зголемена родова рамноправност во зелената транзиција,“ истакна Чернишова.
Таа додаде дека преку Програмата за зелен финансиски инструмент, УНДП приоритизира инвестиции во жени претприемачи и домаќинства каде што жените се носители на приходот. Досега се поддржани речиси 8,5 милиони долари инвестиции во решенија за чиста енергија.
Панелистите на сесијата заклучија дека иднината на енергетиката е инклузивна, фер и визионерска — со подеднакво место за сите што ја движат напред.

