Македонија
Обвинителката Трајчевска за убиството на Денис Тот: Огласете ги за виновни

Два и пол месеца траеше судскиот процес за убиството на Денис Тот, случај за кој денес се даваат и завршни зборови.
Обвинителката Тања Трајчевска е убедена дека го докажала кривичното дело убиство, за кое ги гони Анџело Ѓорѓиевски, Клементина Лефковска и Андреј Костовски. Според Трајчевска, со снимките се утврдиле времето, местото и начинот на убиството, а сведоците докажале преку детали што се случило при убиството.
„Во доказната постапка се докажа дека обвинетите го сториле кривичното дело. Несомнено произлезе времето, местото и начинот на сторување на кривичното дело од снимките. Обвинетите биле свесни дека со постапувањето можело да настане штетна последица, но се согласиле со тоа, па сторувањето било со умисла. Оштетениот не презел ништо“, вели обвинителката Тања Трајчевска.
Обвинителката објаснуваше детали. Таа побара сведокот Виктор Серафимовски да не се земе како вистинит.
Според неа, не може тој да тврди дека не ги видел ударите пред дискотеката каде е убиен Тот, а да сведочи дека слушнал како првообвинетиот извикал „Еј, што ме маваш“.
„Во однос на исказот од Виктор Серафимовски кој наведе дека не видел кој и како го удрил оштетениот, му предлагам на судот да не поклони верба на овој исказ, од камерите јасно се гледа дека тој можел јасно да види кој од обвинетите каков удар задал. Исказот му е контрадикторен“, додаде обвинителката.
Таа побара да не се поклони верба и на дел од исказот на Мартин Ѓоргиевски, патник во таксито со кое се превезувал починатиот Денис Тот и обвинетите.
„Да не му поклони верба во делот на исказот каде наведува дека: ‘Имаше удар кон Анџело’, бидејќи овој исказ е контрадикторен со исказот на Даниел Маневски, кој кажа дека стоел до возилото и слушнал сè што се зборувало во возилото и ова не го слушнал. Одбраната на обвинетите е дадена за намалување на кривичната одговорност. Анџело не достави доказ дека имал повреда од критичната вечер, ниту има медицинска документација за ваква повреда“, посочи обвинителката.
Обвинителката Тања Трајчевска предложи обвинетите да бидат огласени за виновни, а да ги има во предвид сите отежителни и олеснителни околности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ПРП терапијата за пациентите од пожарот во „Пулс“ е достапна во Кочани, нема да мора да патуваат до Скопје

Десет лица повредени во трагедијата во „Пулс“, за првпат во болницата во Кочани, биле третирани со ПРП терапија (плазма збогатена со тромбоцити), соопшти вечерва директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
Интервенциите ги извел тим од болницата „Св. Наум Охридски“ од Скопје. Претходно 9 лица беа третирани од Клиниката за пластична хирургија Скопје.
„Ова е голем чекор напред – ПРП терапијата сега е достапна во Кочани, без потреба од патување до Скопје!“, напиша Клековски на социјалните мрежи.
ПРП е иновативна метода што користи плазма од сопствената крв за да го забрза заздравувањето на оштетената кожа.
Македонија
Филипче: Скопје е затрупано со ѓубре, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го држат градот во заложништво

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, се обрати пред членовите на градската организација на партијата во Скопје и ги критикуваше локалните и централните политики на ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче рече дека она што се случува во Скопје е најеклатантен пример на неспособноста, негрижата и корупцијата на власта.
Филипче рече дека пропаста на Скопје е директна последица на пропаднатите зделки меѓу Мицкоски и Арсовска, на блокадите од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на политичката калкулација на Владата која, и покрај тоа што има механизми, свесно го остава градот да се распаѓа.
„Скопјани не смеат да заборават дека Скопје тоне четири години заради пропаднатите бизнис зделки на Мицкоски со Арсовска. ВМРО-ДПМНЕ го држи Скопје во заложништво. Нивните функционери и советници од градот четири години немаат друга работа освен да попречуваат, блокираат и се расправаат со Арсовска. Скопје е најдобар пример за тоа како владее ВМРО-ДПМНЕ, со прст не мрдаат ако од тоа немаат личен и политички интерес. За ова треба да бидат казнети на локалните избори“, истакна Филипче.
Тој се осврна и на Трајко Славески, за кој рече дека како претседавач со Советот, не придонел со ништо за Скопје, но сепак бил награден од ВМРО-ДПМНЕ со функцијата гувернер на Народната банка.
Македонија
Во Кочани ќе се гради споменик во помен на загинатите во „Пулс“

Собеанието со амандман обезбеди 2 милиони денари (околу 32.000 евра) како првични средства за идејно решение и отпочнување на активности за спомен-обележје во чест на младите кои ги загубија животите во трагедијата во дискотеката „Пулс”. Информацијата на социјалните мрежи ја сподели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Ова барање, како што истакнува пратеникот, е координирано со родителите на настраданите и произлегува заедничката желба, макар само дел од болката да се преточи во достоинствено сеќавање, а трагедијата да не се заборави.
Споменикот според планот ќе биде поставен во централното градско подрачје, и ќе биде тивок сведок на болката, но и силна порака за солидарност, сеќавање и обврска да не дозволиме ваква трагедија никогаш повеќе, вели Лефков.
Упати благодарност до Владата што го прифатила амандманот, и до колегите пратеници што ја дале својата поддршка.