Регион
(Видео) Вучиќ: Целата специјална полиција на Косово вечерва е испратена на 4 локации, ситуацијата е на работ на конфликт

Српскиот претседател Александар Вучиќ предупреди дека од утре почнува тежок период, дека е загрижен, но дека нема причина за паника.
„Од утре ни претстои тежок период, многу непроспиени ноќи. Мораме да бидеме загрижени, но нема место за паника. Ситуацијата е тешка, на работ на конфликт, буквално, и знам дека претставниците на Србите ќе ми кажат дека им е доста од сѐ и дека секој може да умре, но мора да знаат дека животот на сите нам ни е поважен од што и да било друго. И дека мора да разберат“, рече Вучиќ.
Тој уште еднаш побара од меѓународната заедница, која има влијание врз Приштина, да го искористи тоа против „г. Курти и другите и да ни помогне сите заедно да го зачуваме мирот“.
„Дури и кога Албанците имаа желби, ние велевме дека нема проблем, само да се спроведе она што беше претходно потпишано. Тие велат: „Па, тоа го потпиша поранешната влада“. Ми доаѓа да си ја скинам косата. Замислете да кажам: „Па тоа е потпишано од Борко Стефановиќ“.
Тој уште еднаш истакна дека и покрај сите негови грижи, ќе направи сѐ што може. Објасни дека на Србите во Косово и Метохија им е преку глава од сѐ.
„Србија ќе биде многу посветена на мирот. Внимателно ќе донесуваме одлуки за секој наш потег. Сакам да му порачам на народот во Косово и Метохија дека ќе дадеме сѐ од себе да ги заштитиме, но ако некој мисли дека може да спроведе протерување на нашиот народ, убивање и ранување на нашиот народ, сакам да повторам дека ќе бидеме со нашиот српски народ и нема да го оставиме на цедило. Ќе ги зачуваме мирот и стабилноста, но српскиот народ мора да знае дека зад себе ја има својата српска држава во согласност со Повелбата на ОН, Резолуцијата 1244 и сето она на што се повикуваат западните партнери кога зборуваат за Украина“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија е секогаш подготвена за разговори и секогаш ќе биде подготвена. Како што додаде, ќе даде сѐ од себе за да избегне катастрофа.
Вучиќ истакна дека се надева оти неговиот смирен тон нема да се толкува како слабост и зелено светло за живот против Србите. Како што рече, тоа би било погрешно толкување и посочи дека неговата главна порака до Србите е да се обидат да го зачуваат мирот, а не да бидат виновни за предизвикување конфликт.
Вучиќ денеска во Брисел се сретна со премиерот на Косово, Албин Курти, со цел да се реши кризата предизвикана од одлуката на властите во Приштина да почнат да наплаќаат казни за Србите што одбиваат да ги пререгистрираат возилата со КМ-дозвола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Загина српски воен падобранец

Припадник на 63-та падобранска бригада, виш водник прва класа Милан Станковиќ, почина вечерва во Воената болница во Ниш од повредите здобиени при скок со падобран на воениот аеродром „Михајло Петровиќ“ во Ниш, соопшти Министерството за одбрана на Србија.
Во соопштението се наведува дека по приземјувањето, Станковиќ бил итно реанимиран и пренесен во болница, каде што, и покрај брзата реакција и напорите на лекарите, им подлегнал на повредите околу 19 часот.
Надлежните органи пристигнаа на местото на настанот. Истрагата е во тек. Началникот на Генералштабот на српските вооружени сили нареди формирање комисија за утврдување на околностите на вонредниот настан.
Српски Телеграф пишува дека Станковиќ е роден на 25 декември 1983 година и дека е во српската армија од 2005 година. Зад себе остави сопруга и две деца. Министерот за одбрана Братислав Гашиќ и началникот на Генералштабот на српската армија, генерал Милан Мојсиловиќ, испратија телеграми со сочувство до семејството на починатиот Станковиќ.
Регион
Не успеа ниту новиот обид за избор на претседател на косовското собрание

Собранието на Косово и енеска не го избра Аљбуљен Хаџиу за претседател на собранието.
При гласањето Хаџиу доби поддршка од 54 пратеници, 44 беа против, а три лица беа воздржани.
За него гласаа пратениците на Самоопределување, како и пратениците на малцинските заедници, освен Адем Хоџа, кој гласаше против.
На седницата не учествуваше пратеничката Дуда Баље, која досега гласаше против.
Против гласаа членовите на Демократската партија на Косово, Демократскиот сојуз на Косово и Алијансата за иднината на Косово.
Претставниците на досегашната опозиција, по седницата, изјавија дека сè ова личи на театар и ја обвинија победничката партија дека намерно го спречува конституирањето на парламентот бидејќи нема гласови за формирање на новата влада на Косово.
Од друга страна, Самоопределување ги обвини пратениците на поранешната опозициска партија дека го блокираат нивниот предлог.
Продолжението на конститутивната седница на косовскиот парламент е закажано за 1 мај.
Регион
По две недели, студентите ја прекинуваат блокадата на РТС

Студентите во Белград вечерва објавија дека ја прекинуваат блокадата на зградата на Радио и телевизија на Србија, објави Б92.рс.
Тие на социјалните мрежи објавија дека ја прекинуваат блокадата што беше воведена од 14 април, откако Комисијата за култура и информации донесе одлука за откажување на стариот конкурс и распиша нов конкурс за избор на членови на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ).
Министерот за информации и телекомуникации, Борис Братина, синоќа изјави дека верува оти распишувањето на нов конкурс за избор на членови на советот на РЕМ, кој беше поставен како услов за прекин на блокадата на РТС, нема да ја заврши кризата околу јавниот сервис.
„Прво, оние што протестираат пред РТС всушност се на погрешна адреса. Бидејќи РЕМ се наоѓа на различна адреса од РТС, и тоа е она што всушност најмногу ги интересира, како и многу други. Генерално, тоа е еден вид борба за тој РЕМ, бидејќи највредните работи таму се всушност овие природни ресурси, со други зборови, фреквенциите што ги доделуваат“, истакна Братина.
Тој рече дека Владата добила писмо од директорот на РТС, во кое се наведува дека новинарите немаат услови да работат од дома, дека ситуацијата е тешка, дека програмата е доведена во прашање, но дека никаде не е наведено зошто.
Поради блокадата, РТС ја емитува својата програма според изменет распоред, а јавниот медиумски сервис објави дека вработените вложуваат големи напори за реализација и емитување на програмата, и покрај, како што велат, нелегалната блокада на зградата, студиото, емитувачката и другата опрема, како и прогонот на новинарите и снимателите на терен.