Македонија
Ковачевски – Катлер: Навремената размена на информации и соработката помеѓу членките на НАТО е важна за безбедноста
Премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари средба со помошник-генералниот секретар на НАТО за разузнавање и безбедност, Дејвид Катлер.
На состанокот беше разговарано, пред сѐ, за воената агресија на Русија кон Украина и понатамошното влијание на овие случувања врз глобалната енергетска состојба и врз прехранбената индустрија. Премиерот Ковачевски на средбата ја истакна цврстата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина во нејзините меѓународно признати граници и посочи дека Северна Македонија ќе ја продолжи политичката и практичната поддршка со цел да ѝ се помогне на Украина да се одбрани и да ги оствари своите суверени права. Оваа позиција беше поздравена од помошник-генералниот секретар на НАТО за разузнавање и безбедност, Дејвид Катлер, како исклучително важна за алијансата.
Премиерот Ковачевски и помошник-генералниот секретар Катлер на состанокот разговараа за безбедносната, политичката, економската и за енергетската состојба во државата во контекст на војната во Украина, а на состанокот беше посочено дека соработката меѓу земјите членки на НАТО е од исклучителна важност за безбедноста како на алијансата така и на регионот и на Северна Македонија како НАТО-членка. Премиерот Ковачевски и помошник-генералниот секретар Катлер на средбата разговараа за справувањето со хибридните закани, што е еден од главните приоритети на НАТО, посочувајќи дека алијансата мора ефикасно да се бори против ваквите закани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фатени со пари и список од врата до врата – двајца охриѓани пријавени за изборен поткуп
Полицијата од Охрид поднесе кривична пријава против Р.А.Д. (50) и Ј.С. (44) од овој град, поради сомнение за кривичното дело поткуп при избори и гласање.
Според полицијата, на 19 октомври, за време на локалните избори, двајцата биле затекнати како се движат од куќа до куќа со пари и список што содржел лични податоци и адреси на жители со избирачко право во Охрид. На евидентирани лица им нуделе и делеле парични средства, со намера да ги придобијат да гласаат во корист на кандидат за градоначалник на една политичка партија.
По целосно документирање на случајот, пријавата е поднесена до надлежен орган за понатамошна постапка.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Без ефикасна и чесна даночна администрација нема силна економија и одржливи јавни финансии
Без ефикасна и чесна даночна администрација нема ниту силна економија, ниту одржливи јавни финансии, ниту држава што може да планира стабилно и да инвестира во својата иднина, истакна премиерот Христијан Мицкоски на Денот на даночните работници.
Ова рече Мицкоски е ден кога треба да се говори за дисциплината, знаењето, моралот и професионалноста.
„Ден кога се потсетуваме дека јавните приходи не се бројки на хартија, тие се плати на наставници и доктори, нови патишта, функционален здравствен систем, поддршка за компаниите, социјална сигурност за секој граѓанин. Од јануари до крајот на октомври годинава, нето наплатата на даноците и социјалните придонеси достигна 3 милијарди и 600 милиони евра“.
Тоа, како што посочи е за 260 милиони евра повеќе од минатата година.
Според него тоа значи дека економијата расте.
„Активноста се зголемува. Компаниите работат. Платите растат. А со тоа растат и приходите.
Но, тие бројки зборуваат и за нешто друго, за довербата помеѓу државата и бизнисот. За довербата помеѓу институциите и граѓаните. За тоа дека кога државата работи чесно и предвидливо, граѓаните возвраќаат со дисциплина и чувство на обврска. Навременото поднесување на ДДВ-пријавите за јануари – септември периодот 2025 година изнесува 95%. Во споредба со 2024 година, кога изнесуваше 92%, ова е огромен чекор напред и уште поважно:Навременото плаќање на ДДВ порасна на 81% од тоа што беше во претходните две години 76%. Ова е доказ дека системот станува посилен, подисциплиниран и поефикасен“.
Мицкоски дополни дека ниту еден напредок нема вистинска вредност ако не се брани од најголемата закана за секоја држава, корупцијата.
Во оваа борба, УЈП, додаде тој е клучна фронт-линија.
„Ви ветувам дека ќе продолжиме да инвестираме во вашиот капацитет, во подобри услови за работа, во дигитални алатки кои ќе го олеснат секој процес, и во политики кои ќе ја направат земјата уште поконкурентна.Нашата цел е многу јасна силна економија, стабилни јавни финансии, праведно општество и држава во која даночниот систем е фер, ефикасен и целосно заштитен од корупција.
Македонија
Фокус на менталното здравје на децата и младите на „Денови на психологијата“
Комората на психолози на Република Македонија и годинава ја организира акцијата „Денови на психологијата“, соопштија од Комората. Целта е афирмација на професијата, промоција на дејноста и улогата на психологот во општеството, како и доближување на психолошката поддршка до пошироката јавност.
Под слоганот „Грижа за менталното здравје на децата и младите – градење на здрава иднина“, овогодишното издание го става фокусот на растечката потреба за рано препознавање, зајакнување и поддршка на менталното здравје на најмладите.
Комората упати јавен повик до сите психолози да се пријават за учество во реализацијата на психолошки активности што ќе се одржуваат од 1 до 10 декември 2025 година.
Агендата за „Денови на психологијата 2025“ ќе биде достапна на официјалните страници Instagram: denovinapsihologija и Facebook: Денови на психологија, каде ќе се објавуваат датумите, термините и локациите на настаните, информации за онлајн вебинарите и извештаи од реализираните активности.

