Регион
Вучиќ за претседателот на Азејбејџан: Порано немаа време за него, но сега сите ги интересира неговиот гас

Илман Алиев е најпопуларниот човек во Европа – сега им е најдраг гостин на оние кои досега немале време за него, но во моментов сите се заинтересирани за „неговиот“ гас, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ на заедничката прес-конференција со претседателот на Азербејџан, Алиев.
На почетокот на обраќањето по потпишувањето на заедничките договори, Вучиќ истакна дека Азербејџан има огромни резерви на природен гас и дека Србија ќе се обиде да обезбеди енергетска безбедност во партнерство со оваа земја.
Нагласувајќи ја моменталната популарност на Алиев поради резервите на гас, Вучиќ додаде дека е малку љубоморен.
„Ме викаат само поради Косово“, рече на шега Вучиќ, додавајќи дека Алиев не се променил, другите се промениле, а претседателот на Азербејџан секогаш ја штител својата земја и нејзините интереси.
Тој најави дека за дваесет дена ќе престојува во неформална посета со неколку министри во Баку, главниот град на Азербејџан, кога ќе бидат постигнати нови економски договори.
Нагласувајќи дека соработката оди добро, Вучиќ изјави и дека компаниите од Азербејџан кои ја изградиле патната делница Љиг-Прељина ја завршиле навреме, што е ретко, но и дека Србија го исплатила долгот за тој проект година и пол пред тоа.
Во своето обраќање Алиев рече дека двете земји секогаш меѓусебно го поддржувале територијалниот интегритет и суверенитет.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, денеска се согласија дека двете земји цврсто ќе го штитат својот територијален интегритет, ќе си помагаат меѓусебно на меѓународната сцена, ќе ја почитуваат Повелбата на Обединетите нации и дека се подготвени да соработуваат во полето на енергијата.
„Разговаравме за соработка во областа на енергетиката, бидејќи Азербејџан извезува околу 22 милијарди кубни метри гас, половина од тоа во европските земји“, рече Вучиќ.
Според него, затоа Србија гради интерконектор со Бугарија за да може да купува гас и од своите пријатели во Баку.
Вучиќ рече дека се разгледува и можноста за купување струја од Азербејџан, преку приклучување на подводниот кабел, кој оди под Црното Море.
Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, изјави дека тој и Вучиќ ги врзува пријателство, што е основен услов за развој на односите меѓу двете земји.
„Документите што ги потпишавме се правна основа за нашите односи и се однесуваат на стратешко партнерство“, рече Алиев.
Тој изјави дека неговата земја го користи правото на самоодбрана, а ги развива и обновува ослободените територии „од пепел“, алудирајќи на конфликтите во Нагорно Карабах.
„Со Вучиќ разговаравме за билатерални, регионални прашања и за оние од меѓународната агенда“, рече Алиев и најави дека повторно ќе го посети Белград, откако ќе биде домаќин на претседателот на Србија во Азербејџан.
Двете делегации потпишаа седум договори, меѓу кои и изјава за стратешка соработка потпишана од претседателите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Русија ѝ се заблагодарува на Србија за донацијата од речиси 6 милиони долари: „Посебна симболика“

Според соопштението на руското Министерство за надворешни работи, Србија обезбедила „финансиска хуманитарна помош во вредност од 472 милиони рубли (околу 5,8 милиони американски долари)“ за регионот Курск.
Руското министерство во соопштението наведува дека, според нивните тврдења, српската влада го доделила наведениот износ како хуманитарна помош.
„Средствата се исплатени на Фондот за развој на регионот Курск, кој спроведува проекти за поддршка на најранливите групи на населението погодени од криминалните активности на режимот во Киев“, се вели во соопштението на министерството.
Москва ѝ се заблагодари на „пријателска Србија“ за „вниманието и сочувството, грижата за судбината на руските граѓани“, истакнувајќи дека овој чин носи „посебна симболика што го одразува вековното братство и блиските врски на двете земји и народи“.
Досега, официјален Белград не потврди дека е испратена каква било помош во Русија.
Србија претходно ѝ обезбеди хуманитарна помош на Украина, вклучително и откако Русија ја сруши хидроелектричната брана Каховка.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, исто така, изјави дека неговата земја е подготвена да учествува во обновата на еден или два украински региони.
Фото: ЕПА
Регион
Унгарскиот MOL го презема снабдувањето со нафта во Србија по санкциите на САД

Унгарската нафтена компанија MOL ќе ги зголеми испораките во Србија по санкциите на САД врз рафинеријата NIS, изјави денес унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
„Бидејќи MOL игра важна улога во снабдувањето на Србија со сурова нафта и гориво… нашите српски пријатели можат да се потпрат на зголемени испораки од MOL“, рече Сијарто, додавајќи дека ова зголемување нема да може целосно да го компензира недостатокот на испораки од Хрватска.
Нафтената индустрија на Србија (NIS), која е во мнозинска сопственост на Русија, не доби ново одложување на санкциите на Вашингтон воведени врз рускиот енергетски сектор. Во август, Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) на Министерството за финансии на САД ја продолжи својата лиценца за испораки на сурова нафта до NIS до 29 септември, а потоа повторно до 8 октомври.
Јадранскиот гасовод (Јанаф), кој транспортира нафта до рафинеријата во Панчево, главниот снабдувач на нафтени производи на српскиот пазар, објави во среда дека добил лиценца што му овозможува да учествува во активности што се вообичаени и неопходни за транспорт на нафта до 15 октомври оваа година, со цел да ги заврши сите активности преземени според тековниот договор за транспорт на сурова нафта.
Јанаф, кој испорачува помеѓу два и три милиони тони нафта и генерира околу 40 милиони евра приходи, минатата година потпиша договор со NIS за транспорт на 10 милиони тони нафта до крајот на следната година.
Спроведувањето на санкциите, воведени во јануари, досега е одложувано осум пати. Санкциите врз српската нафтена индустрија се дел од казнениот пакет санкции на Соединетите Американски Држави против рускиот енергетски сектор, а НИС е под лупа на американските санкции од почетокот на оваа година, бидејќи повеќе од 55 проценти од акциите во таа компанија се заеднички во сопственост на руските „Газпром Нефт“ и „Газпром“.
Регион
Србите повеќе не можат да плаќаат за гориво со странски картички на бензинските на НИС

Од денеска во 11 часот на сите бензински пумпи на Нафтената индустрија на Србија (NIS), повеќе не е можно да се плаќа со меѓународни платежни картички, што е последица на американските санкции што стапија на сила.
Купувачите ќе можат да плаќаат за гориво на бензинските пумпи на NIS само со готовина, DINA картичка, мобилно банкарство или преку апликацијата Drive GO, според известувањата прикажани на сите бензински пумпи на оваа компанија низ цела Србија.
„Драги потрошувачи, Нафтената индустрија на Србија моментално работи под санкции: ПЛАЌАЊЕ СО КАРТИЧКИ НЕ Е МОЖНО: Mastercard, Visa и American Express“, се наведува во известувањето, пренесува nova.rs.
NIS објави дека специјалната лиценца на компанијата од Министерството за финансии на САД, која овозможуваше непречено оперативно работење, не е продолжена. Компанијата е на листата SDN (Специјално назначени национални компании) од јануари оваа година.
„Откако компанијата беше ставена на листата SDN во јануари, NIS внимателно ја следи ситуацијата и се обидува да го прилагоди своето работење на новите околности“, се вели во соопштението.
Компанијата нагласува дека приоритети остануваат редовното снабдување со нафтени производи на домашниот пазар и зачувувањето на социјалната стабилност за вработените.
„NIS обезбеди доволно залихи со нафта за преработка во овој момент, додека бензинските пумпи редовно се снабдуваат со сите видови нафтени производи“, се вели во соопштението.
За големопродажните клиенти, компанијата тврди дека се обезбедени непрекинати трансакции за плаќање во динари и дека платежните картички на корпоративните клиенти функционираат без проблеми.