Економија
Ковачевски: Никој нема да биде оставен сам во услови на криза, антикризните мерки имаат ефект
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска учествуваше на седницата на македонското Собрание и притоа во одговор на пратеничко прашање се осврна кон антикризните мерки кои Владата ги усвојува со цел да им помогне на граѓаните во услови на светска економска и енергетска криза. Притоа премиерот рече:
„Јас постојано повторувам дека никого нема да оставиме сам да се справува со последиците од економско-енергетската криза во којашто се најде и Европа и нашата држава. И сите заедно ќе ја пребродиме затоа што Владата одговорно и навремено интервенира со потребните мерки за поддршка за граѓаните и компаниите и продолжуваме будно да ја следиме состојбата и за тоа да ги информираме граѓаните. Јас пред да дојдам на денешниве пратенички прашања, заедно со министерот за економија имавме 60 минути прес-конференција со медиумите, токму на тема енергетска криза и најновите мерки коишто ги воведовме за секторите во државата. Во оваа насока се и неодамна донесениот нов пакет антикризни мерки во вредност од над 360,2 милиони евра. Заедно со претходниот сет мерки коишто беа донесени веднаш по стапувањето на функција на оваа Влада, тоа се вкупно 760 милиони евра антикризни мерки.
Новиот сет мерки го донесовме по длабоки и долги анализи и дискусии со сите заинтересирани страни и затоа сметаме дека се сеопфатни и дека се таргетирани кај оние коишто имаат најголема потреба“, потенцираше Ковачевски.
„Од една страна, нашата, мојата цел за оваа зима е да ги искористиме максимално ресурсите со кои располагаме, контактите со нашите пријатели од Европа, од регионот, контактите со најблиските соседи и да го исполнуваме нашиот план за обезбедување ресурси и пред сé електрична енергија за семејствата, за училиштата, за болниците, за претпријатијата. Од друга страна, усвојуваме таргетирани мерки кои ќе бидат поддршка за најранливите граѓани, што од друга страна е и препорака на меѓународните финансиски институции.
Во исто време, се трудиме да изнајдеме начин како она што веќе е поддршка за граѓаните и компаниите, да го продолжиме и понатаму за да обезбедиме сеопфатен пристап.
Така, со овој ребаланс на буџет којшто беше усвоен во изминатиот период, се осигуравме дека ќе се продолжи со мерките како што е повластената даночна стапка од 5% за прометот со електричната енергија кон домаќинствата, а исто така продолжи и програмата за енергетска сиромаштија со која парично и директно помагаме 4.000 семејства и им обезбедуваме намалени сметки за потрошената електрична енергија или огрев при што овие семејства добиваат до 200 евра помош во текот на годината. Продолжува финансирањето на општините за енергетска трансформација и воведување на обновливи извори на енергија во износ од 10,5 милиони евра преку Министерството за финансии.
Дополнително го одложуваме воведувањето еколошката такса, што е планирано намалување на приходите на буџетот до 25 милиони евра со цел да не направиме дополнително отпретување на компаниите.“
Меѓу другото премиерот Ковачевски даде и детален одговор на прашањата како да им се помогне и на компаниите кои имаат зголемена потреба од енергенси и рече:
„Компаниите ги ослободуваме од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување. Кои што се дополнителни 26 милиони евра олеснување сé со цел да ја задржиме нивната ликвидност.
Поволните кредити за инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, во вредност од 100 милиони евра преку Развојна банка на Северна Македонија по принципот 1+2 продолжуваат и понатаму да обезбедуваат поддршка за компаниите.
Од април до сега ја субвенционираме пазарната цена на струјата, и тоа со 80%. Што значи дека доколку не е тоа субвенционирање, граѓаните би плаќале 5 пати поголеми сметки од тоа што плаќаат. Истото се однесува и на 72 илјади компании на регулираниот пазар кои вработуваат 98% од работниците во државата.
Со буџетот што го менаџираме во текот на 2022 година, исто така издвоивме дополнителни средства за до крајот на година да имаме субвенционирање на цената на електричната енергија, а така ќе продолжиме и идната година според проекциите во новиот буџет што е ставен на разгледување пред вас. За да може сето ова да се случи, за целата година ќе се одвојат вкупно над 222,7 милиони евра. Средства коишто ги пренаменивме да не бидат потрошени за нешто што било планирано, а не мора да се троши, туку да се потроши за субвенционирање на граѓаните во овие кризни услови. Нема автомобили за функционери на Владата, нема дополнително трошење на електрична енергија и гледате дека Владата, институцијата којашто јас ја водам, има 32% заштеда на електрична енергија овој месец во однос на истиот месец минатата година.“
Премиерот Ковачевски зборуваше и за помошта која македонската Влада активно ќе ја спроведе за најранливите категории граѓани и рече:
„Исто така, испланиравме во буџетот зголемување на исплата на еднократна помош од 3.000 денари за примателите на гарантирана минимална помош, а тоа се 36.000 домаќинства за чија поддршка се одвоени речиси 40 милиони евра.
Зголемување на пензиите согласно новата Методологија на пресметка на пензиите за над 330.000 пензионери е пресметано и во овој буџет и во буџетот за 2023 година. Во март ја усогласивме пензијата за 2,9%, потоа ја усогласивме во септември за 6,8% што е вкупно 10% зголемување на пензиите само во овие 10 месеци на оваа Влада. Со зголемувањето што ќе следи идниот март од претпоставени дополнителни 6% со оглед на параметрите влезни во Методологијата, тоа ќе биде историски најголемо зголемување на пензиите од 16% во една календарска година.
Оваа мерка предвидува во буџетот 73 милиони евра коишто се наменети за пензионерите. Исто така продолжуваме и со субвенционирање на придонеси за поддршка на платите на вработените во приватниот сектор во вкупен износ од над 17 милиони евра при што компаниите коишто ги зголемуваат платите на работниците добиваат субвенција во делот на исплатата на придонесите од страна на државата.
Обезбедување средства за поврат на „Мој ДДВ“ кај граѓаните во програмата „Мој ДДВ“ со дополнителни 18 милиони евра, во време на криза, а исто така обезбедивме и забрзан поврат на ДДВ кај компаниите со цел да ја обезбедиме нивната ликвидност. Сите ние добро се сеќаваме, без разлика кој од која партија и што работел во приватен сектор, како 11 години се правеше поврат на ДДВ во државата. Ако не си на партиски список, ДДВ никој не ти враќаше. Па, после Стопанска комора мораше да се собира во ‘Александар Палас’ да го чека по 4 часа премиерот и кога ќе им каже дека можеби ќе ги врати парите да мора да му аплаудираат. Тие времиња се завршени. Повратот на ДДВ е автоматизиран, не е рачен кај МФ на бившиот премиер, коишто заедно седеа и кажуваа еве на оваа фирма врати ѝ ДДВ, на оваа не ѝ враќај, на оваа врати ѝ, на оваа не. И на крај го гледам истиот министер за финансии како држи предавања пред општините. Ама треба ВМРО-ДПМНЕ да види какви луѓе поставува да креираат економска политика, резултатите сами најдобро ги видоа.
Согласно овие препораки коишто ги имаме усогласено со меѓународни финансиски институции, со здруженијата на пензионери, со здружението на работодавци итн, обезбедивме со новиот пакет антикризни мерки 3.000 денари месечно, во наредните 4 месеци или вкупно 12.000 денари за речиси 42.0000 граѓани од најранливите категории. Бидејќи ова не е време на изобилство, ова е време на солидарност и тоа се лица кои имаат право на социјална сигурност, лица кои го користат правото за попреченост, родители на децата со попреченост до 26-годишна возраст кои користат право на посебен додаток, лицата со попреченост кои користат право за помош и нега од друго лице, лицата со потешки трајни промени во здравствената состојба, самохрани родители корисници на ГМП, како и невработени лица. За оваа мерка вкупно се издвоени над 8 милиони евра.
Директна финансиска поддршка од вкупно 6.000 денари во наредните 4 месеци, по 1.500 денари месечно има и за пензионерите кои земаат до 11.525 пензија. Воедно, директна финансиска помош од вкупно 3.000 денари обезбедивме за пензионерите кои земаат пензија од 11.525-14.000 денари. И ова беше поздравено од здружението на пензионерите и партијата на пензионерите, бидејќи тие најдобро знаат дека сега е време за солидарност, а не време на изобилие, кога треба оние што имаат најмалку да добијат најголема помош од државата.
Изминатиот период беа донесени мерки со кои обезбедивме поевтина струја од 80 евра по мегават/час за компаниите од преработувачката индустрија, за да ги намалат цените за најмалку 10%, и од 95 мегават/час за сите образовни институции во државата, основни и средни училишта за да обезбедиме непречено снабдување со електрична енергија и образовен процес, исто се однесува и за здравствените установи“, информираше премиерот Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.
Економија
Четири години стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детското село
„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ се моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.
СОС Детско село е организација која во моментов дава поддршка за околу 400 деца и младинци кои се без родители/родителска грижа или кои се во ризик да ги загубат своите родители. Организацијата, која годинава одбележува 25 години од основањето и од згрижувањето на првото дете во земјава, низ годините има помогнато на стотина деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство.



Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ и „Бекутан“ претставува многу повеќе од финансиска помош – таа е израз на доверба, долгорочна посветеност и заедничка визија за создавање подобра иднина за децата.
„Горди сме што заедно со ’Бекутан’ градиме приказна на љубов, сигурност и иднина исполнета со надеж. Преку концептот на кумство на една куќа со пет згрижени деца, покрај покривањето на секојдневните трошоци, вложуваме и во нивните образовни и развојни активности, што е од суштинско значење за нивното растење во самостојни и одговорни личности. Ова партнерство е и пример како компаниите можат да бидат вистински херои во животите на децата без родителска грижа“, изјави Накова-Гапо за време на посетата на оваа организација од претставници на компанијата.



Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата СОС Детско село започна во декември 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, беше издвоен одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани за оваа организација. На Хуманитарниот пикник на компанијата организиран во 2024 година, вработени на „Алкалоид“, членови на нивните семејства и нивни пријатели донираа близу 2 милиони денари наменети за СОС Детско село.



Активностите на компанијата со СОС Детско село ќе продолжат и во тековната година, а се разгледуваат и нови форми на соработка. „Децата се нашата иднина и наша заедничка одговорност. Ниту едно дете не треба и не смее да биде оставено без грижа, поддршка и можност за развој. Како поединци, како заедница убаво е да помогнеме! Преку одговорно делување и заедничка посветеност придонесуваме кон создавање стабилна и инклузивна заедница“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Организацијата СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства со цел да обезбедат средства за реализација на програми и активности за поддршка на ранливите групи на деца без или кои се во ризик да ја загубат родителската грижа.
(ПР)

