Македонија
Маричиќ: Балканците се Европејци, ЕУ да направи план со временска рамка за следното проширување
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, одржа предавање на Колеџот на Европа во Бриж, каде што пред студентите посочи дека за задржување на мирот и стабилноста на Балканот потребен е јасен план за пристапување на регионот во Унијата.
„Затоа ние ја поставивме 2030 година како наша приоритетна цел за полноправно членство во ЕУ. Знам дека е неблагодарно да се говори за рокови и датуми, но мислам дека треба да имаме цел, но и европските институции и земјите членки треба да разберат дека имаме цел за да бидеме пофокусирани, помотивирани и поефикасни во спроведувањето на реформите“, рече Маричиќ.
Објасни дека на Балканот има една генерална поделба – дали си Балканец или Европеец, а според него, можеме да бидеме и Балканци и Европејци истовремено.
„Со тоа ќе ја вратиме и довербата на граѓаните во ЕУ и како што ни има покажано историјата, ако ЕУ се покаже како глобален играч на Балканот, ќе може да се покаже како глобален играч и на светско ниво“, додаде Маричиќ.
Ректорката на Колеџот на Европа, Федерика Могерини, рече: „Овој пат сум и емотивна бидејќи со овие луѓе толку многу работевме заедно, поминавме заедно и радосни моменти и предизвици. Потпишавме со заеднички напори големи договори, како што е договорот од Преспа“.
Маричиќ ги запозна студентите со патот што земјава го помина од денот на поднесувањето на барањето за членство во ЕУ во 2004 година зборувајќи за перспективите и предизвиците на пристапниот процес на Република Северна Македонија, но даде слика и за целиот регион на Западен Балкан.
„Мислам дека е добро да имаш една или повеќе партнерски земји со кои ќе се движиш напред. Има области во кои ние сме понапред, има области во кои тие се понапред, но тоа е нормално. Ако ги направиме неопходните уставни измени в година, ќе продолжиме напред заеднички. Би се одвоиле само доколку не ги направиме уставните измени, а тогаш ние би назадувале“, рече Маричиќ изразувајќи уверување дека ќе продолжиме заеднички понатаму, но во случај да не се случи тоа секако, Северна Македонија нема никогаш да лобира против некоја соседна земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.
Македонија
Меџити го дочека претседателот на Албанија во Чаир
Градоначалникот, Изет Меџити, свечено го пречека во Чаир претседателот на Албанија, Бајрам Бегај кој допатува во тродневна посета на земјата.
Меџити му посака добредојде пред општината, нарекувајќи го брат.
Албанскиот претседател заедно со делегацијата ќе ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија, кадешто ќе има свечен настан.
За утре е превидено, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, да биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посета на Тетово во сабота.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Сообраќајот пред општината Чаир попладнево беше целосно блокиран. Автобусите сообраќаа по изменета рута, додека пешаците беа пренасочувани од другата страна на булеварот.

