Економија
Комората за трговски друштва: Ревизија на тарифниците на Агенцијата за катастар или клуч на врата на геодетските компании
Комората на трговски друштва за геодетски работи остро реагира на едностраното зголемување на надоместоците со новите тарифници кои ги воведе Агенцијата за катастар на недвижности, без никаква консултација, а со кои се врши зголемување на цената на добивањето на одредени податоци и до 500 отсто, што е, како што велат, на товар на геодетските друштва, нотарите, адвокати и сите граѓани кои ги користат услугите на АКН.
„На 19.11.2022 година стапија на сила неколку нови тарифници за висина на надемостоците кои ги наплаќа Агенцијата за катастар на недвижности за нејзините услуги, а во кои услугите се поскапени за 100 отсто, 200 отсто па и 500 отсто. На пример досега за добивање на податоците кои се потребни за подготовка на еден геодетски елаборат се плаќало 750 денари, со зголемувањето износот ќе биде 1.552, што би било зголемување за повеќе од 100 отсто. Како најголем парадокс, би го навел најголемото зголемување на цената за купување на податок за координати на геодетска точка, што досега чинеше 67 денари, а сега е 409 денари. Ова дотолку повеќе што условите налагаат дека овој податок речиси и да не се употребува, а мора да биде купен при изработка на секој елаборат. Анализата која ја направи Комората за свои потребни покажува дека ако досега просечно годишно едно геодетско друштво кон Агенцијата имало трошоци од 111.450 денари за 150 предмети, сега овој трошок е 232.000 денари“, истакна Никола Рибароски, претседател на Комората на трговски друштва за геодетски работи.
И додека Агенцијата енормно ги зголемува своите приходи, барањето на Комората на геодетски друштва за корекција на цените на услугите кои ги наплаќаат геодетските друштва кое е поднесено како предлог до Управниот одбор на Агенцијата уште во 2019 година, се уште не е имплементирано, велат од таму.
„Согласно Законот за катастар на недвижности, Комората уште од 2019 година има доставено предлог за корекција на цените кои геодетските друштва ги наплаќаат на своите корисници до Управниот одбор на Агенцијата, но до ден денес поради најразлични изговори и не давање на одговори немаме нов тарифник. Цените на нашите услуги се од 2013 година иако досега реалните трошоци се значително зголемени. Со зголемување на тарифникот на Агенцијата практично се наоѓаме во состојба најголем дел од средствата кои ние ги наплатуваме од граѓаните да се за трошоците кои ги имаме кон АКН, додека за геодетското друштво да остануваат недоволно средства со што во голема мера се доведува во прашање рентабилноста и опстојувањето на фирмите“, објасни Рибароски и побара итна ревизија на цените на тарифникот на Агенцијата.
Голем проблем, кој директно се одразува на работењето на геодетските друштва како што појаснуваат од таму, е и тоа што многу често електронските системи на АКН се надвор од функција, иако компаниите имаат договори за непречено користење на електронските системи на Агенцијата и за истото редовно плаќаат.
„Со ова приватните компании се спречени да ги извршуваат своите секојдневни работни задачи. Работењето на геодетските компании е директно загрозено и од тројцата членови на Управниот одбор на Комората на геодеткси друштва, кои се предложени од Агенцијата за катастар за недвижности и кои наместо да даваат предлози и да носат одлуки за унапредување на работењето на компаниите, ги штитат интересите на Агенцијата и вршат грубо кршење на нејзината независноста. Комората досега неколку пати побара измена на Законот за катастар на недвижности со цел да се создадат законски можносности за избор на независни членови на УО“, се вели во реакцијата.
Ја поздравуваат одлуката на Државната комисија за спречување на корупција која утврдила дека постои судир на интерес и влијание од страна на Агенцијата врз Комората. ДКСК, како што велат, дава препорака за итна промена на Законот за катастар на недвижности кој го пропишува составот на УО на Комората”, истакна Рибароски.
„И покрај тоа што Комората, во многу наврати бараше да биде вклучена во работните групи за подготовка за новите законски решенија со цел да имаме поквалитетни и применливи законски одредби од областа на геодезијата, како што тоа е пракса во сите демократкси општества, сепак Агенцијата одбива да го направи тоа и самостојно ги води овие процеси“, се додава во соопштението.
Информираат дека за сите овие проблеми кои создаваат деловно окружување во кое геодетските друштва не можат не само да работат успешно, туку веќе се доведува во прашање и нивниот опстанок, испратени се 17 дописи до директорот на АКН и до Управнот одбор, на кои или не е воопшто одговорено или добиениот одговор е несоодветен, реализирани се и три средби со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, а вчера доставивме барање и до премиерот Димитар Ковачевски.
„Имам одговорност да ја информирам јавноста дека револтот на нашите членки е толку голем, што скоро сите повикуваа на превземање на радикaлни чекори со цел да биде слушнат гласот на приватните компании и да се најдат решенија за спас од погубните политики. Радикализацијата меѓу другото би значела целосен колапс на катастарското работење и на повеќе сектори “, потенцираше Рибароски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Димитровски: ЦЕФТА не е само регионален трговски механизам, туку наша практична подготовка за членство во Европската Унија
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, учествуваше на ЦЕФТА неделата 2025, што се одржа во Приштина, Косово. Настанот, организиран од актуелното косовско претседателство со ЦЕФТА, беше фокусиран на унапредување на конкурентноста, дигиталната трансформација и на постепената интеграција на регионот во Европската Унија.
Во своето обраќање, Димитровски, нагласи дека од декември минатата година, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презеде и надлежноста за надворешната трговија. Во таа смисла, посочи дека оваа трансформација е дел од пошироката определба на Владата да ја зајакне економската дипломатија, да го подобри економскиот настап на државата во странство и да создаде поцврсти врски со меѓународните пазари.
„Активностите поврзани со ЦЕФТА се само дел од пошироката економска агенда на Министерството, чија цел е да создаде подобра деловна клима и да ја зајакне позицијата на државата на регионалните и европските пазари“, рече тој.
Димитровски во своето излагање, особено го акцентираше претседавањето на Република Северна Македонија со два клучни органи во рамките на ЦЕФТА – Комитетот за олеснување на трговијата и Поткомитетот за нетарифни мерки. Тој посочи дека под наше водство биле постигнати значајни и практични резултати во однос на подобрени процедури за стопанството, дигитални алатки кои го олеснуваат пристапот до пазарите, поефикасни системи за следење на трговските бариери, како и унапреден процес на меѓусебно признавање на одредени професионални стандарди.
Во овој контекст, тој објасни дека модернизацијата и дигитализацијата кои ги спроведуваат земјите од ЦЕФТА придонесуваат регионот постепено да се усогласува со европските правила и практики, што е важно за економиите и за деловната заедница.
„ЦЕФТА не е само наш регионален трговски механизам, туку наша практична подготовка за членство во Европската Унија,“ нагласи Димитровски.
Во дискусиите беше потврдено дека напредокот на Заедничкиот регионален пазар 2025–2028 останува клучно достигнување на регионот, а дека ЦЕФТА продолжува да се развива во попредвидлив и поконкурентен систем ориентиран кон потребите на стопанството.
Заменик-министерот истакна дека посакува ЦЕФТА до 2030 година природно да го заврши своето постоење, бидејќи Република Северна Македонија, земјите од Западен Балкан и Молдавија ќе станат членки на ЕУ, исто како што тоа се случи со земјите од Централна Европа, со што ЦЕФТА целосно ќе ја исполни својата мисија.
На маргините на настанот, заменик-министерот оствари и повеќе средби со претставници од земјите партиципиенти на ЦЕФТА при што бес разменети мислења за продлабочување на економската соработка и зајакнување на интегративните процеси во регионот на Западен Балкан.
Економија
Доделени наградите од конкурсот за ликовна и литературна творба по повод Светскиот ден на штедењето
Во Народната банка се одржа традиционалната свеченост по повод доделувањето на наградите од Конкурсот за ликовна и литературна творба за основните и средните училишта, којшто Народната банка го организира во соработка со Министерството за финансии по повод Светскиот ден на штедењето. На настанот се обрати гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски.
Гувернерот Славески, во своето обраќање, ги истакна посветеноста, знаењето и креативноста на младите генерации, нагласувајќи дека пристигнатите трудови ја потврдуваат значајната улога на финансиската едукација во градењето свесни, одговорни и финансиски писмени млади луѓе.
„Штедењето не е само собирање средства. Тоа е филозофија на животот којашто ни овозможува да ги исполнуваме нашите желби, да обезбедиме сигурност за нашата иднина, но и да ги градиме стабилноста и благосостојбата на целото општество. Денес, овој пристап добива уште поголема важност, бидејќи живееме во време на брзи промени, дигитализација и нови финансиски предизвици и можности“, истакна гувернерот.
Заменик-министерот Јанкуловски поздравувајќи ги учесниците рече дека младите покажуват дека секое мало штедење може да биде почеток на голема цел.
„Вие сте пример дека знаењето, вложениот труд и желбата да се мисли за иднината се вредности кои го движат општеството напред. Овој ден нека биде поттик да продолжиме сите заедно – ученици, наставници, родители и институции – да ја негуваме финансиската писменост, да развиваме здрави навики и да создаваме генерации кои ќе знаат да донесуваат мудри одлуки“, посочи Јанкуловски.
Оваа година на Конкурсот пристигнаа неколку стотици трудови од ученици од основното и средното образование на теми посветени на важноста на штедењето, финансиската писменост и улогата на финансиските услуги во современата дигитална ера. Основците твореа на темата „Да штедиме за нашите желби, да штедиме за нашата иднина“, а средношколците на темата „Штедењето, парите и финансиските услуги во современата дигитална ера“.
Конкурсот, којшто се објавува од 2012 година, прерасна во значајна платформа за поттикнување на младите да размислуваат за финансиските концепти, штедењето и одговорното управување со средствата. Низ литературните творби, ликовните цртежи и есеите, учениците ги претставија своите погледи, знаења и лични цели.
Економија
Дурмиши во Берлин: Северна Македонија нуди нови можности за странски инвестиции
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денес учествуваше на панел-дискусија на тема „Можности за странски инвестиции во Северна Македонија“, што се одржа во Амбасадата на Република Северна Македонија во Берлин. Настанот беше организиран од Германско–македонскиот бизнис клуб (DNMBC) во соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Министерот Дурмиши во своето обраќање истакна дека Северна Македонија се наоѓа во клучен развоен момент, во кој реформските процеси се насочени кон создавање предвидлива, стабилна и европски ориентирана економска средина. Тој ги нагласи приоритетите на Владата – дигитална и зелена трансформација, модернизација на индустријата, поттикнување на иновации и унапредување на човечкиот капитал.
„Нашата цел е да изградиме економија што создава додадена вредност и нуди јасни, долгорочни услови за инвеститорите. Со новиот модел на финансиска поддршка што ќе стартува во 2026 година, државата ги наградува квалитетните инвестиции, отворањето работни места, технолошките центри и проектите што придонесуваат за регионален развој,“ истакна министерот Дурмиши.
Тој подвлече и дека Германија останува еден од најзначајните економски партнери на Северна Македонија, додавајќи дека заедничката визија е да се зајакнат деловните врски, да се поттикнат модерни инвестиции и да се создадат нови можности за економски раст.
Министерот им се заблагодари на организаторите и деловната заедница во Германија за континуираната поддршка, оценувајќи дека ваквите настани се важна платформа за градење доверба и нови партнерства.
Настанот продолжи со динамична панел-дискусија во која учесниците разменуваа искуства и предлози за унапредување на инвестициската клима и можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји.
На отворањето се обратија Гафар Вејсели, претседател на DNMBC, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, како и амбасадорот на Северна Македонија во Германија, проф. д-р Илбер Села. Панелот обедини значајни имиња од економскиот и институционалниот сектор, меѓу кои и директорот на ДТИРЗ Гоце Димовски, поранешната гувернерка на НБРСМ Анита Ангеловска-Бежоска, претставници од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и германската делегација за индустрија за регионот.

