Македонија
Мијалков доби ослободување за случајот „Трезор“, Апелација го врати предметот на повторно судење
Сашо Мијалков по година и пол од изречената осум годишна казна затвор, доби ослободување за случајот „Трезор“. скопска апелација, го врати предметот на повторно судење. Сметаат дека има суштествени повреди. Одлуката нема да биде јавно достапна, велат од судот, додавајќи дека тоа е пракса.
„Укината е пресудата и вратено на повторно судење. Тоа е поради суштествени повреди на постапката поради што се доведува во прашање фактичката состојба и примената на законот. Причините се во одлуката. Одлуките со кои се укинуваат пресуди не се анонимизираат. Нема да биде достапна одлуката за јавноста“, велат од Апелација за „А1он“.
Со укинувањето на оваа пресуда, сега ослободени се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, кој доби 15 години затвор, а е во бегство. Ослободен е и поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, кому му беше изречена казна затвор од пет години. На поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ, судот му изрече затвор во траење од пет години, но и тој е сега слободен граѓанин.
Ослободителната пресуда доаѓа иако кривичниот суд утврди дека обвинетите ги сториле кривичните дела за кои се гонат. Умислено ги сториле делата. Четворицата беа прогласени за виновни, бидејќи судот цени дека тројцата го сториле кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања, а Тони Јакимовски е осуден за помагање. Според обвинението, во овој случај се злоупотребени над 860 илјади евра, кои требаше да ги вратат во државниот буџет. Укинатата пресуда ја донесе судечкиот совет на Кривичен, чиј претседател беше Џенета Бектовиќ.
Предметот се однесуваше за набавка на опрема за УБК/МВР и услуги, преку која е оштетен буџетот.
Сите заедно ја искористиле службената положба и овластување. Тони Јакимовски им помогнал и прибавиле имотна корист и нанеле имотна штета на буџетот на РМ. За да набават опрема за потребите на УБК/МВР, прво, второ и третообвинетиот оствариле состанок со претставниците на ГАМА во Обединето Кралство и набавиле опрема за потребите на УБК. Во текот на подготовките за набавка на опремата, одлучиле опремата да ја набават преку фирмата ‘Финзи’ ДООЕЛ Скопје. Договорено било набавката да се изврши преку ова лице, кое Жарко Луковски и Сашо Мијалков го користеле за реализација на зделки. Обвинетите Сашо Мијалков и Горан Грујевски, усно наложиле на Ѓоко Поповски да започне со постапка за набавка на опрема од ‘Финзи’ ДООЕЛ Скопје. Тој изготвил покана, а од ‘Финзи’ ДООЕЛ Скопје испратиле понуда. Од страна на службите на УБК е изготвен договор од УБК/МВР за купување на опремата. Потоа, склучен е договор за купопродажба. Иако немало потреба за одржување на телекомуникациската опрема, било направен допис до МВР дека е потребно да се одржува набавената опрема и тоа да продолжи да го прави ‘Финзи’ ДООЕЛ Скопје. Доставена е покана до фирмата, а тие доставиле понуда со спецификација за временски период од две години. Помеѓу МВР и ‘Финзи’ е склучен договор за извршување на услуги, за да му се плаќа авансен паушал“, рече судијката Џенета Бектовиќ, која ја изрече пресудата која сега е укината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

