Економија
Ковачевски од Тетово: Во буџетот за 2023 година обезбедивме пари за нов раст на пензиите и платите
Во буџетот за 2023 година обезбедивме пари, ќе има нов раст на пензиите и платите, рече претседателот Димитар Ковачевски на трибината на СДСМ вечерва во Тетово.
„Во буџетот за 2023 година обезбедивме пари за нов раст на пензиите и платите. Да, ќе растат пензиите и ќе расте и минималната плата. Со новата методологија што заедно ја договоривме новото зголемување е во март 2023 година. Пензиите ќе бидат зголемени вкупно 16 % за време на една календарска година за сите 330.000 пензионери. Пензионерите се почитувани, тоа се нашите родители, тоа се наши татковци и мајки, баби и дедовци“, рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ потсети дека со економските политики за наредната година Владата става акценти и на капиталните инвестиции.
„Капиталните инвесиции наредната година ќе бидат исто така во нашиот фокус за чија реализација се предвидени приближно 800 милиони евра. Пари за нови проекти, за патишта, за водоводи, за нови градинки и училишта, кои ќе се градат насекаде во државата и, секако, овде во Тетово“, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, вечерва во Тетово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трендафилов: Со мизерни плати работниците имаат пари само за билет во еден правец, и тоа надвор од Македонија
Главна причина поради која има недостиг на работна сила во земјата се ниските плати и злоупотребите што ги прават газдите во последните 34 години, вели Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Ниските плати, според него, се главна причина што работниците заминуваат од Македонија.
„Тоа што денес работниците поради ниските плати заминуваат да работат во некои други држави, да градат некои други економии, мислам дека треба да биде најголемиот пораз за овие газди што ја злоупотребуваа работната сила. За потсетување, толку колку што сме продуктивни, им створивме огромен капитал, огромни богатства. Ги украдоа компаниите во минатото, ги задржаа за себе и токму тоа е причината да зборуваме 34 години од независноста на Македонија повторно за недостиг на работна сила. Ако вие ги плаќате мизерно, тогаш тие имаат пари само за билет во еден правец, а тоа е надвор од Македонија“, вели Трендафилов.
За него, многу загрижувачки е обидот на претходната влада за увезување работници, кои газдите ќе ги плаќаат помалку од домашните.
„Македонија стана една туристичка агенција, која ги носеше работниците од Непал, од Индија, од Пакистан, од Бангладеш и потоа од тука заминуваа во некоја од земјите во Европската Унија, каде што, се разбира, заработуваат подобро отколку во Македонија“, рече Трендафилов.
На седница на Економско-социјалниот совет во декември ќе се разговара за покачување на минималната плата што ССМ уште во мај годинава побара да биде 450 евра. Трендафилов сега вели дека ќе настојуваат преку бројки на Владата да покажат дека за државата нема да биде голема оптоварување доколку се зголеми минималната плата.
„Денеска, во Македонија, според последните податоци, 25.000 работници примаат плата во висина на минималната, а 10.000 работници земаат плата од 1 денар до 22.000 денари. Она што е поразително е што сите овие работници примаат плата во плик за која не се плаќаат придонеси од задолжителното социјално осигурување и 250 милиони евра на годишно ниво ја чини државата во однос на неплатените придонеси во Фондот. Ги очекуваме последните податоци од Управата за јавни приходи за тоа колку работници во државата примаат минимална плата од 22.567 денари до 27.000 денари или пет илјади денари зголемување на минималната плата што го бараше ССМ. Сакаме да ѝ покажеме на државата, впрочем, дека во јавниот сектор многу мал број работници примаат минимална плата и за многу мал број работници ќе биде оптоварен буџетот. А газдите во приватниот сектор не треба никој да ги жали, најмалку ние, Синдикатот“, вели Трендафилов.
Министерот за економија, пак, Бесар Дурмиши, денес рече дека доколку се прашува тој, минималната плата треба да биде 600 евра.
Економија
На Германија годишно ѝ се потребни 288.000 странски работници: „Пред нас е огромен предизвик“
Дологорочно, германскиот пазар на труд секоја година во значителна мера зависи од имигрантите – ова е заклучокот од анализата нарачана од Фондацијата „Бертелсман“.
Со цел да се задоволат потребите за работна сила и да се обезбеди благосостојба на Германија, имиграцијата на меѓународни работници, особено од трети земји, станува сè поважна. Затоа, до 2040 година ќе бидат потребни приближно 288.000 меѓународни работници годишно за да се обезбеди доволна понуда на работна сила.
Според студијата, бројот на работници, без дополнителни имигранти, ќе се намали до 2040 година од сегашните 46,4 милиони на 41,9 милион. До 2060 година тој број, без дополнителна имиграција, би можел да се намали за една четвртина, на само 35 милиони, пишува „Дојче веле“.
„Демографските промени, кои во наредните години поради пензионирањето на генерацијата ќе претставуваат големи предизвици за германскиот пазар на труд, бараат и имиграција“, вели Сузане Шулц, експерт за миграција од Фондацијата „Бертелсман“.
„Се разбира, пред сè, мора да се развие домашниот потенцијал на работната сила – и локалните жители и луѓето што веќе се преселиле тука и да се зголеми нивното учество на пазарот на трудот. Сепак, идните потреби до 2040 година не може да се задоволат само на овој начин“.
Реформираниот закон за имиграција на квалификувана работна сила дава нови можности за работниците заинтересирани за Германија. Сепак, според студијата, тие нема да дојдат без изразена култура на добредојде во институциите, компаниите и заедниците, како и без долгорочни изгледи за престој.
До 2024 година нема да бидат еднакво погодени сите германски сојузни покраини од недостигот на имиграција. Според студијата, најголем пад на работната сила ќе биде забележан во Тирингија, Саксонија-Анхалт и Сар, со повеќе од десет проценти. Помал пад, под десет проценти, се очекува во Хамбург, Берлин и Бранденбург.
Нивото на потребите за имиграција во сојузните покраини зависи од проекцијата на потребната работна сила до 2040 година.
Економија
Димитриеска-Кочоска: Даночното затајување е предизвик на сите земји, клучно во борбата е соработката и размената на податоци
Даночното затајување е предизвик присутен во сите земји, како во неразвиените, така и во развиените, затоа соработката помеѓу земјите и размената на инфорамции е клучна во борбата со овој феномен, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на Глобалниот форум за транспарентност и размена на информации за даночни цели што се одржува во Парагвај.
„Даночното затајување е насекаде присутно, дури и во развиените земји, затоа поддршката е потребна на сите, не само на земјите како мојата. Кога се зборува за даночно затајување не е важно само законодавството што ќе се усвои, туку многу поважна е волјата на Владата да успее во борбата со него„, рече министерката.
Наведуваќи дека Македонија е членка на ОЕЦД од 2011 година и дека тоа што се уште има висок процент на економска даночна евазија, корупција, сива економија, криминал, значи дека се прави нешто погрешно.
„Овие пет месеци по преземаање на функцијата ги искористив да ги анализирам работите и забележав дека се започнува со политичката волја и даночната администрација. Како пример во 2022 година до нашата даночна администрација имало 24 барања за размена на податоци, а од наша страна само 5. Тоа го покажува интересот на нашата администрација за ова прашање. Затоа приоритет на новата Влада е да се бори со корупцијата и криминалот што претставуа еднинствениот начин како да ги зголемиме приходите во нашиот буџет. Имаме рамни и многу ниски даночни стапки и огромна сива економија и врз основа на тоа одлучивме дека е време да се работи на намалување на сивата економија. Во таа насока, а со цел ефикасно собирање на приходите потребно е да разменуваме инфромации и користење на сите капацитети што ни се на располагање“, истакна министерката и додаде дека даночната и царинската администрација се фокусирани на собирање на приходите и борбата со даночното затајување.
Министерката посочи дека размената на информации е многу важна и дека таа треба да се одвива автоматски, а не по барање, особено имајќи го предвид воведувањето на глобалниот минимален данок.
Министерката учествуваше на панел-дискусија посветена на напредокот на имплементација на стандардите за автоматска размена на информации.