Економија
СДСМ: 2023та ќе биде година за економска пресвртница, на нова надеж

„Економскиот пресврт наредната година е реална, остварлива цел, што ја потврдуваат сите економски показатели. Проекцијата на ЕБОР е дека македонската економија во следната година ќе има раст од 2.3 отсто. Тоа е многу повеќе од проекцијата на ЕБОР за земјите од еврозоната која изнесува 0.3 отсто. Според проекцијата на Народната банка оваа година ќе ја завршиме со раст од над 2 проценти“ соопштуваат од владејачката СДСМ.
Оттаму порачуваат дека „СДСМ во првите десет месеци од годината цврсто се борше против кризата, а наредната година, со новиот Буџет започнува пресвртница, нова офанзива, со која кризата конечно ќе биде победена, ќе почне економски раст и зголемување на животниот стандард“.
„Пресвтницата ќе ја обезбедиме со многу труд, со политики за привлекување нови странски инвестиции кои носат добро платени работни места, со енергетска транзиција и визија да станеме зелен европски центар во Европа. Наредната 2023та година ќе биде година на нова надеж, година за економска пресвртница“ е партискиот став.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Лагард предупредува: Економијата на ЕУ зависи од странските работници

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, изјави дека приливот на странски работници во изминатите години значително ја поттикнал економијата на еврозоната, помагајќи да се надомести намаленото работно време и падот на реалните плати.
Говорејќи на годишниот симпозиум на Федералните резерви на САД, што се одржува во Џексон Хол, сојузната држава Вајоминг, Лагард нагласи дека миграцијата кон Европската Унија довела до рекорден број жители и покрај негативниот природен прираст.
„Странските работници дадоа значителен придонес за европската економија. Тие овозможија да се компензираат структурните предизвици, како што се пократкото работно време и пониските плати во одредени сектори“, изјави Лагард.
Таа додаде дека иако растот на бројот на работници ја поддржа економската стабилност, одредени влади на земјите-членки воведуваат ограничувања за нови мигранти, поради зголемено незадоволство кај дел од локалното население.
Според Лагард, оваа динамика ќе остане еден од клучните фактори во обликувањето на идните економски и социјални политики во Унијата.
Економија
Македонија е големо градилиште, над 1.200 проекти во општините, велат Перински и Николоски

Во моментов целата Македонија е едно големо градилиште, а само во општините се реализираат повеќе од 1.200 активни проекти поддржани од Владата и Министерството за транспорт, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и министер за транспорт, на Саем-Отчетот на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа се само проекти преку Министерството за транспорт, а да не зборуваме за големите инфраструктурни проекти како автопатите Охрид-Кичево, Кичево-Букојчани, Букојчани-Гостивар, Гостивар-Тетово, Прилеп-Битола, како и експресните патишта Прилеп-Градско и Куманово-Крива Паланка. Сега започнатите проекти се завршуваат, а граѓаните гледаат резултати“, рече Николоски.
Министерот подвлече дека ова ја враќа самодовербата кај граѓаните и покажува дека Македонија е способна да води големи проекти.
„Не е само патната инфраструктура, туку и железничките линии, аеродромите, авио линиите и обновливите извори за енергија. Во помалку од година дена завршивме еден проект со вредност од половина милијарда евра“, додаде тој.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, истакна дека Владата финансирала околу 1.200 проекти во сите општини.
„На првиот повик беа пријавени 288 проекти, од кои 137 се завршени. На вториот повик беа поднесени 887 апликации, а прифатени беа 828 проекти. Кумулативно, тоа се околу 1.200 проекти кои се реализираат со помош на централната власт“, рече Перински.
Министерот додаде дека општините се соочувале со големи предизвици и немале поддршка од претходната власт.
„Ние им помогнавме да ги детектираат проблемите, да обезбедат одржливост и да ги реализираат поголемите проекти. Секој градоначалник се бори да направи што е можно повеќе, а по изборите се надеваме дека мотивацијата ќе биде уште поголема“, рече Перински.
Економија
Вреди: Поддршка за 200 нови зелени работни места во микро, мали и средни претпријатија

Од Вреди како коалициски партнер на Владата денеска објави историска мерка за поддршка на создавање нови работни места преку зелени инвестиции, во соработка со Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување.
Оваа мерка ќе овозможи вработување на 200 невработени граѓани во микро, мали и средни претпријатија, кои ќе добијат финансиска поддршка преку неповратен грант од 250.000 до 750.000 денари, во зависност од бројот на новите работни места: 250.000 денари за едно работно место, 500.000 за две и 750.000 за три.
Грантовите ќе овозможат компаниите да инвестираат во нова опрема и машини, софтвер и лиценци, како и технологии за обновлива енергија и материјали за енергетска ефикасност. На тој начин, мерката создава не само работни места, туку и зелени работни места кои придонесуваат за одржлива економија.
Јавниот повик е отворен за сите микро, мали и средни претпријатија кои ги исполнуваат законските услови, со приоритет за стратешките сектори: преработувачка индустрија, земјоделство, шумарство, водостопанство, водоснабдување и управување со отпад, градежништво и транспорт. Апликациите можат да се поднесуваат до 1 септември секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот во Центрите за вработување низ целата земја, а сите информации се достапни на веб-страницата на Агенцијата за вработување.
„Ова е чекор кој покажува дека владата не се мери со слогани, туку со резултати. Инвестираме во вработување, развој, зелена економија и безбедна иднина за сите. Ова е промената што ја ветивме – влада која работи со срце и визија“, се наведува во соопштението.