Економија
(Видео) Трипуновски: Овоштарите од преспанскиот регион и оваа година имаат проблем со пласманот

„Денеска сум на средба со овоштарите од преспанскиот регион, разговаравме за актуелната состојба на откупот и пласманот на конзумното и индустриското јаболко од овој регион. Она што можам да го потенцирам и сакам да ја информирам јавноста е дека овоштарите упатија сериозна критика до актуелната власт за повеќе проблеми кои се наталожени од изминативе години од лошите и погрешни политики кои што ги применува власта. А тоа е дека се уште овоштарите од преспанскиот регион ги чекаат оние дополнителни 3 денари од минатата година коишто требаше да власта преку интеревентниот фонд да им ги исплати бидејќи имаа лоша откупна сезона“ рече Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој напомена дека „тече новата реколта, а тие 3 денари се уште не се исплатени. Исто така потенцираат дека повратот на 2% спрема земјоделците веќе трета година по ред власта го нема направено. Потенцираат дека и оваа година се соочуваат со сериозен проблем околу пласманот јаболкото. Тоа значи дека оние минимални количини кои се откупуваат индустриско јаболко се по мизерни 3 до 3,5 денари по килограм, додека конзумното се откупува за некои 8 до 9 денари за килограм. Меѓутоа кога ќе се одбие она што оди како индустрија испаѓа дека цената е далеку под производната а тоа значи дека ќе имаме уште една тешка година за овоштарите од овој регион, односно ќе имаат проблеми во егзистенцијата за наредната зима која што ќе биде од економски тежок карактер“.
„Сакам да упатам порака до власта да барем оваа последна година од своето владение се одважи и им помогне на овоштарите од овој регион затоа што овие луѓе немаат друга егзистенција освен пласманот и продажбата на јаболкото кое го произведуваат. Да ги доисплати сите субвенции кои ги има обврска да ги исплати и сите мерки кои ги заслужуваат да ги добијат во текот на наредниве месец дена до затворање на буџетот“ рече Трипуновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Тик-ток“ казнет со 530 милиони евра

„Тик ток“ е казнет со 530 милиони евра во Европската Унија поради непочитување на прописите за заштита на податоците на корисниците.
Највисокиот регулатор за заштита на податоци на ЕУ ја казни платформата „Тик-ток“ со 530 милиони евра поради загриженост за тоа како ги заштитува личните податоци на корисниците.
Регулаторот исто така ѝ наложи на платформата да го суспендира преносот на податоци во Кина доколку обработката на податоци не се усогласи со законите на ЕУ во рок од шест месеци, објави „Ројтерс“. Ирската комисија за заштита на податоците (DPC) соопшти дека „Тик-ток“, кој е во сопственост на кинеската компанија „Бајт денс“, не може да докаже дека личните податоци на корисниците од ЕУ се соодветно заштитени во согласност со законите на ЕУ.
„Тик-ток“ објави дека ќе поднесе жалба на пресудата тврдејќи дека ја користел законската рамка на ЕУ, особено стандардните договорни клаузули, за да овозможи строго контролиран и ограничен далечински пристап.
Економија
Народната банка ја додели годишната награда за млади истражувачи за 2025 година

По повод денот на монетарната самостојност, Народната банка традиционално ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи. Добитничка на првата награда за 2025 година е Јасна Тоновска, асистентка и докторантка на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за трудот со наслов „Волатилноста на меѓународните финансиски текови: импликации за македонската економија“.
Во трудот се посочува дека изразената променливост на меѓународните финансиски текови носи ризици за економските остварувања во земјата, особено на среден рок, при што се заклучува дека макропрудентните мерки претставуваат ефикасен инструмент за ублажување на негативните ефекти од оваа променливост, којашто станува особено изразена по 2020 година, како резултат на засилената светска неизвесност и сѐ поголемите геополитички тензии.
По повод доделувањето на наградата, во Народната банка се одржа средба со наградената истражувачка, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Одборот за оценување трудови составен од вицегувернерката Ана Митреска (претседателка) и членовите Султанија Бојчева-Терзијан, директорка на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика и Мите Митески, помошник на вицегувернерот, како и вицегувернерите Емилија Нацевска и Фадил Бајрами.
На средбата се разменија мислења за наградениот труд и за значењето на истражувачката работа при носењето политики засновани на докази. Акцентот беше ставен на важноста на поддршката што Народната банка им ја дава на младите истражувачи заради унапредување на истражувачката дејност во земјата. Имено, во изминатите деветнаесет години, токму преку оваа награда, Народната банка активно придонесува за поттикнување на истражувачката активност на младите во областа на макроекономијата и банкарството, со што се зголемува нивниот научен придонес со практична вредност при носењето на политиките.
Според традицијата, наградениот труд ќе биде презентиран на некоја од следните сесии на Клубот на истражувачите на Народната банка, којшто функционира како платформа за развој на истражувачката мисла и мрежа за поврзување на експертите од овие области.
Доделувањето на наградата е дел од одбележувањето на 33-годишнината од монетарното осамостојување и формирањето на Народната банка. Постојаното јакнење на институционалните и истражувачките капацитети ѝ овозможи на Народната банка да се издигне како реномирана и кредибилна институција на меѓународно ниво, со голем придонес во обезбедувањето на макроекономската и финансиската стабилност во земјата.
Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија додавајќи дека Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините за кои вели дека не може да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусира својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следуваат набргу“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следуваат набргу“, рече тој додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои многу голема шанса неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откога кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за приспособување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.