Спорт
Карагер и Невил: Зошто Фоден не игра кај Саутгејт?
Англија одигра 0:0 со САД во второто коло од групата Б на Светското првенство во Катар. Избраниците на селекторот Герет Саутгејт по победата над Иран од 6:2 потфрлија во групата во која се голем фаворит, додека во последното коло ќе играат против Велс.
Покрај лошата игра против САД, во Англија најмногу се коментира неиграњето на Фил Фоден. Играчот од средниот ред на Манчестер сити и еден од најдобрите млади играчи во светот, не играше против САД, додека против Иран доби околу 20 минути.
Англиските медиуми го критикуваат Саутгејт што не го користи повеќе. Поранешниот англиски репрезентативец, а сега стручен коментатор Џејми Карагер на Твитер истакна дека Фоден досега добивал мала минутажа.
„Фил Фоден одигра 19 минути на Светското првенство. Тоа е комедија, тој е најталентираниот играч што Англија го има“, напиша Карагер.
Сличен коментар има и неговиот колега Гери Невил.
„Голема штета што Фоден не стартува од првата минута. Тој е најголемиот талент во Англија“, смета Невил, исто така стручен коментатор и поранешен англиски репрезентативец.
Фоден има 22 години и за англиската репрезентација има играно 19 натпревари. Во тековната сезона за Сити постигна осум гола и запиша три асистенции, а „Трансфермаркт“, неговата вредност ја проценува на 110 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Алкараз урна два рекорди стари речиси еден век
Речиси еден век, тенисот чекаше и дочека да бидат урнати два гигантски рекорди. И двата беа постигнати денес во Мелбурн од Карлос Алкараз. И двата се нешто што навистина одекнува во историјата.
Првиот стар 88 години, на 22-гпдошна возраст Алкараз стана најмладиот играч во историјата со кариерен Гренд слем, односно ги освоил сите четири најголеми трофеи во белиот спорт. Претходниот носител на рекордот беше Дон Баџ, кој го постигна во 1938 година.
Само седум други тенисери го постигнале ова: Фред Пери, Род Лејвер, Рој Емерсон, Андре Агаси, Роџер Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ.
Кај тенисерките, оваа листа е малку подолга: Морен Коноли, Дорис Харт, Ширли Фрај Ирвин, Маргарет Корт, Били Џин Кинг, Крис Еверт, Мартина Навратилова, Штефи Граф, Серена Вилијамс и Марија Шарапова.
Вториот подвиг на Алкараз е уште потежок за постигнување. Никој не го направил тоа од 1935 година и Фред Пери. Поминаа дури 91 година откако тенисер ги освои своите први финалиња на сите четири Гренд слем турнири.
Алкараз е помлад од Пери, кој имаше 26 години кога го постигна овој подвиг. Во 2022 година, Алкараз го победи Каспер Рудо во Њујорк, 2023 година во Лондон, Ѓоковиќ, 2024 година во Париз, Александар Зверев, а сега повторно Ѓоковиќ во Мелбурн. Во осумте одиграни финалиња на Гренд слем турнири, тој има само еден пораз – минатото лето на Вимблдон против Јаник Синер.
Спорт
(Видео) Голем пресврт на „Стенфорд Бриџ“ – Челзи го победи Вест Хем
Фудбалерите на Челзи, со пресврт во второто полувреме, го добија градскиот дуел со Вест Хем (3:2).
По оваа победа, Челзи го престигна Манчестер Јунајтед на табелата во Премиер лигата со 40 бода, „црвените ѓаволи“ имаат два бода помалку и натпревар помалку од тимот од Лондон.
По две победи по ред, Вест Хем го забележа својот 14-ти пораз, по што остана на 20 бода и на 18-то место во Премиер лигата.
„Чеканите“ имаа предност по првиот дел од 0:2. Стрелци на головите беа Боувен и Самервил.
Челзи одговори на вистински начин. Израмнување на „сините“ им донесоа играчите кои влегоа од клупата за резерви, Жоао Педро и Кукуреља, а победата ја обезбеди Енцо Фернандез со голот во 92-та минута.
На крајот, натпреварот го зачини тешакчата во финишот, Тодибо за врат го фати Жоао Педро, Мавропанос се обиде да му удри шамар на Палмер. Во целата таа мешаница само Тодибо доби црвен картон.
Спорт
Македонија против Украина или Словачка во баражот за СП
Ракометната репрезентација на Македонија добро помина на ждрепката, која ги одреди двојките за баражот, за пласман на Светското првенство.
Македонија ќе игра против победникот од претквалификацискиот дуел меѓу Украина и Словачка.
Македонија на 13 или 14.мај ќе гостува, а реваншот во Скопје ќе се одигра три дена подоцна.

Foto/ EPA

