Македонија
Министерството за здравство со план за рационално користење на електричната енергија
Со цел афирмирање на сетот мерки и препораки од Владата за рационално користење на потрошувачката на електрична и топлинска енергија, здравствениот систем, во рамки на можностите реализира сет мерки и активности, соопштува Министерството за здравство.
Додаваат дека по донесување на мерките и препораките за рационално користење на електричната енергија, од Економско-енергетскиот совет на Владата, во пресрет на грејната сезона донесена е одлука јавните здравствени установи да склучат договори за електрична енергија преку ЕСМ продажба по поповолна цена од берзанската.
Во координација со здравствените установи, посочуваат од оваа институција, изготвен е план и дадени се насоки до сите јавни здравствени установи, со цел рационализирање на сметките и трошоците за оваа намена, но истовремено грижата за пациентите и обезбедувањето здравствена заштита останува врвен приоритет на Министерството за здравство и јавните здравствени установи.
Досега, како што информираат, 24 здравствени установи имаат потпишано договор со ЕСМ продажба, од кои три се во фаза на потпишување и тие веќе добиваат електрична енергија по многу поповолна цена.
„Во рамки на административната зграда на Министерството за здравство не се користат дополнителни грејни тела и се користи централно греење од клиничкиот комплекс. Во МЗ е назначено и посебно административно лице за проверка на рационалното користење на електричната енергија. Почитувајќи ја сензитивноста на здравствениот сектор, дел од мерките се однесуваат на рационално користење на осветлувањето, редовно менување на филтрите на клима уредите, замена на стари прозорци со енергетско ефикасни, поставување штедливи сијалици и слично“, се потенцира во информацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.
Македонија
Муцунски-Грлиќ Радман: изразена подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна работна посета на Република Северна Македонија.
На средбата беше изразено заемно задоволство од традиционално пријателските билатерални односи, придружени со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка што двете земји ја негуваат во сите сфери од заемен интерес во изминатите 34 години.
Во насока на понатамошно продлабочување на позитивниот тренд во односите, беше нагласен заемниот интерес за продолжување на политичкиот дијалог и соработката на највисоко ниво, со посебен акцент на унапредување на економската соработка, продлабочување на трговската размена, како и проширување на соработката во областа на енергетиката, здравството, културата и туризмот.
Министерот Муцунски ја реафирмираше благодарноста за континуираната хрватска поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и за ставот дека процесот на проширување на Европската Унија треба да продолжи со засилена динамика. Беше изразена и подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во Европската Унија.
Соговорниците се согласија дека зајакнатата координација како земји членки на НАТО претставува врвен надворешнополитички приоритет, како ефикасен механизам за усогласување на ставовите и зголемување на придонесот кон регионалната и евроатланската безбедност. Беше потврдена заедничката посветеност на вредностите и принципите на Алијансата.
Средбата беше искористена и за размена на мислења за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за внатрешно-политичките и економските состојби во двете земји.
Посетата на министерот Грлиќ Радман претставува значаен чекор кон понатамошно унапредување на билатералните односи и отвора нова фаза на соработка, која ќе биде заокружена со потпишување на меѓувладин Договор за стратешка соработка, заснован на европските вредности, заемната доверба и почитување.
Македонија
(Видео) Николова до Јаневска: Ја рушите уставната автономија на универзитетите
Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати две прашања до министерката за образование Весна Јаневска, а се однесуваа на ограничувањето на автономијата на универзитетите со предложениот закон за високо образование, односно на одредби со кои Владата дава мислење на статутот, предлага членови во Националниот совет, има влијание врз клучните академски стандарди, бројот на студенти и финансиското работење, со што се нарушува уставно загарантираната самостојност на високообразовните институции. Никлова праша и за примената на библиометрискиот Х-индекс и Web of Science како критериуми за напредување, што може да доведе до дискриминација на одредени научни области и да создаде простор за институционализиран непотизам.
Почитувана јавност, денес ќе го искористам моето право да ѝ поставам две прашања на министерката за образование, коишто се однесуваат на предложениот закон за високо образование, кој пред неколку недели е прикачен на ЕНЕР.
„Ќе зборувам за две клучни работи за коишто ми се и прашањата.
Прво, за критериумот за напредување – Х-индексот, како и за опасноста од институционализиран непотизам, и второ, за системското разградување на автономијата коешто овој закон го спроведува тивко, но темелно.
Законот инсистира на Web of Science како практично единствено мерило на научната вредност, а Х-индексот го претвора во клучен услов за избор и реизбор во звање. На хартија реално изгледа модерно и објективно, но во пракса станува збор за сведување на науката на бројки, при што се дискриминираат цели научни области, особено општествените и хуманистичките науки, ги става младите истражувачи во невозможна, а со тоа и неправедна позиција и создава формална објективност која лесно се заобиколува со мрежата на моќ.
Дополнително, морам да укажам на уште еден логички и правен парадокс. Законот предвидува повисоки и построги критериуми за реизбор во звање редовен професор отколку за самиот избор во тоа звање. Ова е апсурдно. Не може за едно исто звање со ист правен статус да има едни услови за влез, а други повисоки за да се остане во тоа звање. Тоа ја руши правната сигурност, ја прави академската кариера несигурна“.
Како што рече, законот не нуди реални механизми за спречување на непотизмот.
„Законот не содржи ниту една реална, ефикасна забрана за вработување на деца на професори на истите факултети каде што работат нивните родители.
Напротив, во ваков систем тоа станува дури можност за непотизам на голема врата.
Извршната власт има влијание над основните акти на универзитетот, унапредувањето и вработувањето на кадрите, финансиите, уписот, па дури и опстанокот на институциите. Е, тоа е автономија колку што дозволува власта и министерот.
Затоа ви поставувам две прашања. Како ќе гарантирате дека со примена на библиометрискиот Х-индекс и Web of Science нема да доведете до дискриминација на цели научни области и млади истражувачи? Уште поважно, како ќе спречите тие формално строги критериуми да не станат параван за непотизам, меѓусебно цитирање и затворени академски кругови?
И второто, како ја усогласувате уставно загарантираната автономија со членовите коишто ви ги посочив, а ги има уште многу, кога кумулативно овие одредби ѝ даваат на извршната власт контрола врз статутот, кадрите, финансиите и опстанокот на универзитетот“.

