Култура
Ретроспектива на филмовите на Јиржи Менцл: смешната страна на тоталитаризмот, со и без мустаќи
Од 1 декември до 11 декември – Кинотеката, во соработка со Амбасадата на Чешката Република – организира голема ретоспектива на легендарниот чешки режисер и глумец Јиржи Менцл (Jiří Menzel). Оваа ретроспектива ќе биде отворена со филмот СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ (Ostře sledované vlaky/Closely Observed Trains), дебитантски долгометражен игран филм на Менцл (1938-2020), со кој освои „Оскар“ за најдобар странски филм во 1967 година.
До 11 декември, во термините од 20 часот, во кинотечната сала ќе бидат прикажани уште осум наслови на Јиржи Менцл: СТРИЖЕНО-КОСЕНО (Postřižiny/Cutting It Short), ЛАСТОВИЧКИ НА ЖИЦА (Skřivánci na niti/Larks on a String), омнибусот БИСЕРИ НА ДНОТО (Perličky na dně/Pearls of the Deep) во кој Менцл е еден од четирите автори, СНЕЖEН ФЕСТИВАЛ (Slavnosti sneženek/Snowdrop Festivаl), СЕЛО МОЕ МАЛО (Vesničko má středisková/My Sweet Little Village), КРАЈОТ НА СТАРИТЕ ВРЕМИЊА (Konec starých časů/The End of Old Times), ПРЕКРАСНИ ЛУЃЕ СО КАМЕРА (Báječní muži s klikou/Those Wonderful Men with Crank) и САМОТИЈА ВО ШУМАТА (Na samotě u lesa/A Cottage Near the Woods).
„Не можеш, брат, да се бориш против сила што не ја знаеш и не ја гледаш“, велеше Кудуз, главниот лик во истоимениот филм КУДУЗ на Адемир Кеновиќ од 1989 година. А можеш ли и како да се бориш против силата што ја гледаш? На пример, ако таа сила најчесто е некој недемократски, тоталитарен режим?
Одговори на ова прашање има многу, но едно од нив има посебен шмек: се работи за хуморот во чешка верзија, кој обилно го користеа писателите и режисерите во некогашна Чехословачка во периодот од завршетокот на Втората светска војна, па до падот на Берлинскиот ѕид и распадот на СССР, во чија геополитичка орбита принудно гравитира оваа земја.
Со должната почит кон дузина автори од чешкиот нов бран – од средината на шеесеттите, па сè до крајот на осумдесеттите години од минатиот век – се чини дека филмовите на Јиржи Менцл, чија честа сценаристичка предлошка се литературните дела на Бохумил Храбал, се најдобар пример на тој луциден хумор со кој се рушат тоталитарните бастиони. И тука не се работи само за комунистичкиот режим во Чехословачка. Барем според книгите и филмовите, меѓу кои најпластичен пример е романот „Името на розата“ (1980) на Умберто Еко и истоимената екранизација (1986) во режија на Жан-Жак Ано, смеата била прогонувана уште од најстарите државни уредувања, од античко време па до ден-денес. Затоа кај Еко и Ано се актуализира случајот со изгубениот спис на Аристотел – „За комедијата“ и зошто останал непознат за човештвото: смеата е најголемиот кошмар на тирани(и)те.
Кај Менцл таа борба со помош на хуморот можеби не е директно брцнување прст во „окото на тоталитарната власт“, туку потег што може фигуративно да се опише како потсмешлива иронична интервенција во стилот на цртање мустаќи или големи уши на иконичните слики на големите диктатори. Всушност, Хитлер и Сталин веќе имаа мустаќи – па во борбата со првиот јунак од СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ мораше да ја подметне главата – но, Менцл им ги црташе мустаќите на нивните наследници…
Менцл знаел и да склучи пакт со властодршците од тогашниот комунистички режим за да може да снима, во одреден период снимал неполитички“ филмови но одново му се враќал на неговиот стил со кој остана препознатлив во чешката и светската кинематографија.
Завршил режија на прочуената академија ФАМУ во Прага, кај професорот и режисер Отокар Вавра. По СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ, снимен според истоимениот роман на Бохумил Храбал (Bohumil Hrabal), почнала плодната соработка со култниот писател. Меѓу другите наслови, Менцл го сними и филмот МУ СЛУЖЕВ НА АНГЛИСКИОТ КРАЛ, според прозата на Храбал.
Во 1969 го сними филмот ПТИЦА НА ЖИЦА, кој беше забранет до 1990. Таа година филмот беше прикажан на Берлиналето и ја доби наградата на филмската критика ФИПРЕСЦИ, а Менцл рамноправно ја сподели главната награда „Злетна мечка“ со Коста Гаврас (за филмот МУЗИЧКА КУТИЈА).
Во кинематографскиот опус на Менцл се забележани 20-ина наградувани наслови. Менцл вторпат бил номиниран за „Оскар“ во 1987 година за филмот СЕЛО МОЕ МАЛО, а во 2003 година ја доби и Наградата за посебен придонес во филмот на фестивалот во Карлови Вари. Глумел во повеќе од 80 филма, а познат е и по своите поставки на театарските сцени во Чешка и светот.
Во 2000 година Менцл беше гостин на промоцијата на неговата книга преведена и објавена на македонски јазик во Скопје, каде што ја прими наградата за животно дел на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Во 2009 година Јиржи Менцл беше гостин на Кинотеката и беше прогласен за Doctor Honoris Causa на Универзитетот за аудиовизуелните уметности ЕСРА (денешен „Европа прима“) во Скопје. Церемонијата се одржа во киносалата на Кинотеката.
Програмата ТУКА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Изложби
„Шумите не се само наши“: Се отвори уметничка изложба посветена на балканскиот рис
Во пријатна атмосфера синоќа во КСП Центар – Јадро беше отворена изложбата „ЗОРА – Нејзината заборавена шума“ на визуелната уметница Драгослава Ѓуриќ, инспирирана од континуираната работа на Македонското еколошко друштво (МЕД) за зачувување на балканскиот рис. Токму затоа, лицето на изложбата е младата балканска рисица Зора, како дел од кревката популација што сè уште преживува во балканските шуми.
„Отсекогаш сум ги сакала животните и сум се чувствувала поврзано со нив. Сакав да помогнам да се заштитат така што ќе го правам она што најдобро знам – а тоа е сликањето. Истовремено, решив да се фокусирам на непопуларни и недоволно финансирани видови, па открив дека помалите диви мачки се прилично непознати во споредба со нивните покрупни роднини. Така дознав за балканскиот рис и за Македонското еколошко друштво, од каде што веднаш ме поканија да дојдам со нив на терен и од прва рака да видам како изгледаат живеалиштата на ова животно. Идејата за мојава изложба се роди во текот на таа една недела што ја поминав со нив, кога увидов колку се професионални и упорни, колку ја сакаат својата работа, но и животните што се трудат да ги заштитат“, истакна уметницата Драгослава Ѓуриќ пред присутните посетители.
Токму затоа, сакајќи да ги поддржи натамошните заложби за зачувување на балканскиот рис, таа одлучи нејзината изложба да биде продажна, покажувајќи дека уметноста не е само начин емоционално да се поврземе со насликаното, да си ја нахраниме љубопитноста и да си ги прошириме видиците, туку и конкретно да придонесеме кон зачувувањето на дивиот свет.
Насликани со маслена техника, изложените платна му нудат на посетителот искуствена можност да влезе во балканската шума, да го почувствува нејзиниот пејзаж и да си замисли како изгледа светот на Зора. Во април 2025 година на Зора ѝ беше поставен околувратник за да се добијат значајни информации за однесувањето, движењето и навиките на балканскиот рис, со крајна цел да се планираат подобри мерки за неговата заштита.
„Зора вистински постои. Таа не е апстрактен концепт или бројка, туку вистинско живо суштество што во тој шумски свет живее хармонично со многу други видови, од кои тука се претставени само некои. Сликите во случајов не се само декорација на ѕидот, тие се мала шума во која може
да влезете и можеби да го почувствувате истото што го почувствував и јас додека бев на терен со тимот на МЕД – дека природата не е далеку од нас и дека треба одново да научиме како да ја гледаме“, додаде уметницата.
Како што истакна д-р Диме Меловски, раководител на програмата за заштита на дивите животни во МЕД, на барање на уметницата, изложбата е дополнета со дел од најефектните теренски фотографии на рисот, од кои повеќето се „уловени“ со фотозамки, како и со теренски видеоснимки од Зора и од останатите животни во овдешните краишта. Преку нив, се доловуваат не само реалните опкружувања на балканскиот рис, туку и теренската работа што МЕД веќе 20 години ја спроведува во рамки на „Програмата за закрепнување на балканскиот рис“ заедно со партнерските организации од Косово и Албанија.
Изложбата во Скопје е отворена за сите возрасти и ќе трае до 12 февруари.
Култура
Прилепскиот дувачки оркестар повторно активен по 10 години
По десет години пауза, повторно започна со работа еден од најпрепознатливите музички симболи на градот – Прилепскиот дувачки оркестар. Возобновувањето на оркестарот се реализира со почетна логистичка и финансиска поддршка од Општина Прилеп, во согласност со можностите и програмските активности на новооформениот состав.
Првиот јавен настап на возобновениот Прилепски дувачки оркестар ќе биде во рамки на карневалот „Прочка 2026“, додека програмата на оркестарот ќе се темели на оригиналност и разновидност.
Дејан Проданоски, градоначалникот на Општина Прилеп, присуствуваше на првата проба на возобновениот оркестар и истакна дека Прилеп континуирано инвестира во културата и во зачувувањето на локалниот културен идентитет. Притоа, тој истакна големо задоволство на фактот што по десетгодишен прекин, Градскиот дувачки оркестар повторно е активен и ќе биде составен од млади, професионални и талентирани музичари од Прилеп, кои продолжуваат традиција подолга од еден век.
Прилепскиот дувачки оркестар привремено ќе ги одржува своите проби во просториите на ООУ „Блаже Конески“, а во моментов брои 14 академски образовани млади музичари од Прилеп. Како дел од идни активности, во репертоарот на оркестарот се вбројуваат учество на градските празници, свечености и културни манифестации.
Градот Прилеп, со повеќе прекини низ годините, последен пат имал активен градски дувачки оркестар до 2015 година, иако традицијата на вакви оркестри е децениска. Првиот прилепски дувачки оркестар бил формиран во 1924 година, а во 1930 година бил основан првиот поголем оркестар од околу 20 членови, составен од лимено-дувачки инструменти, формиран од железничарите и железницата, под диригентство на Ѓорѓи Шабаноски – Шабанче.
Во подоцнежниот период, со одредени прекини, градскиот дувачки оркестар функционирал сè до 2015 година, при што значаен придонес во развојот и зачувувањето на оваа традиција дал Илија Јанчулески, кој со генерации музичари ја одржувал оваа културна вредност.
Култура
Холандија му врати на Египет украдена скулптура стара 3.500 години
Холандија во четвртокот му врати на Египет скулптура стара 3.500 години, откако украдениот артефакт повторно се појави на холандски саем за уметност во 2022 година.
Истрагата на холандската полиција и инспекторатот за културно наследство минатата година потврди дека скулптурата била украдена и незаконски изнесена од Египет, најверојатно за време на немирите на Арапската пролет во 2011 година, по што се појавила на меѓународниот пазар на уметност.
Експертите веруваат дека артефактот, камена глава која првично била дел од статуа, потекнува од Луксор во јужен Египет. Таа прикажува висок функционер од времето на владеењето на фараонот Тутмос III, кој владеел од 1479 до 1425 година пред нашата ера.
Скулптурата била запленета во 2022 година на саем за уметност во Мастрихт. Галеријата за трговија со уметност „Сикомор Еншнт Арт“, која го стекнала делото, но имала сомнежи за неговото потекло, доброволно го предала по спроведената истрага.
„Нашата политика е да го вратиме она што не ни припаѓа и секогаш да го вратиме на законската културна заедница или на земјата на која ѝ припаѓа“, изјави холандскиот министер за култура Гуке Моес, предавајќи го артефактот на египетскиот амбасадор.
Египетскиот амбасадор Емад Хана изјави дека неговата земја систематски ги следи артефактите што се појавуваат на изложби или аукции.
„Тоа ни значи многу кога станува збор за туризмот и економијата, бидејќи на крајот на денот, кога туристите доаѓаат во Египет за да ги видат тие предмети, тоа дефинитивно прави разлика“, рече Хана.
Плановите на Египет за изложување на скулптурата засега не се познати.

