Македонија
Андоновски: Ако ЈСП не ги исплати приватните превозници, долгот од речиси 2 милиони евра ќе се зголемува
Зошто до сега не се исплатени 90 милиони денари достасани долгови до двата приватни превозника и кога овие пари ќе се исплатат, го праша советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, на денешната седница за поставување советнички прашања директорот на ЈСП Скопје откако поради неисплатен долг од страна на јавното претпријатие кон приватните превозници ситуацијата резултираше со блокирање на скопските улици.
„Фактурите кои се доставени од приватниците превозници до јавното сообраќајно претпријатие Скопје не се спорни и со само тоа доколку приватните превозници го тужат ЈСП тогаш долгот кој во моментот е најголем во историјата и достигнува речиси 2 милиони евра, ќе треба претпријатието да плати и пенали и судска казна“, рече тој.
„Овие две прашања ги поставувам затоа што ме интересира кога ќе се реши проблемот, а проблемот се состои од три дела. Првиот дел, фактурите коишто приватните превозници ги имаат кон ЈСП не се спорни, спрема нив не е изјавен никаков негативен коментар, не е изјавена никаква забелешка. ЈСП ги прифатило врз основа на своите извештаи и извештаите на мониторинг-центарот на Град Скопје и како такви тие се водат како долг на ЈСП кон овие превозници. Сумата наскоро достасува до 2 милиони евра. Доколку овие приватни превозници го тужат ЈСП тука ќе дојде да плаче директорот на ЈСП следната година дека му требаат субвенции за потешкотии во работењето зошто нема да може да го отплати ниту главниот долг ниту, пак, долгот по судската одлука, бидејќи повторно ќе кажам фактурите не се спорни“, рече тој.
Андоновски ја искоментира изјавата на градоначалничката Арсовска која кажа дека приватните превозници не пријавиле продажба на билети, а парите завршувале во нечиј џеб, потенцирајќи дека штом Арсовска не поднела кривична пријава очигледно е дека фактурите на приватните превозници се веродостојни.
„Ако биле спорни фактурите по онаа прес конференција на градоначалничката очекував да си поднесе кривична пријава во МВР и договорниот однос којшто го објасни помеѓу ЈСП и приватните превозници да си го решава и пред граѓанскиот суд, да рече мене овие приватни превозници ме лажат, продаваат карти, во исто време ми ги бараат мене парите, јас фактурите не ги признавам и поради тоа си поднесувам тужба пред надлежниот граѓански суд. Но, тоа не се случи, фактурите се очигледно неспорни според нашите информации, и мене ме интересира дали ќе треба и пенали да плаќаме следната година. Затоа што договорниот однос помеѓу ЈСП и приватните превозници нас како совет не нè интересира, ама парите кои ќе се побараат од Советот, од граѓаните од буџетот многу ме интересира дали ќе бидат само за потешкотии во работењето само да исплатат плати или ќе бидат и за судски казни и пенали кои што сигурно ќе достасаат затоа што ќе си поднесат луѓето тужба“, изјави Андоновски.
Потенцираше дека има целосна блокада на системот и мора да се изнајде соодветно решение, укажувајќи дека граѓаните чекаат и по неколку часа автобус, како и дека има шпекулации дека се тераат вработените од ЈСП да работат и по две смени за да ги покријат линиите и на приватните превозници.
„Второ, коешто произлегува и зошто овој договор нас треба да нè интересира е бидејќи оваа сума којашто се должи е двојно повисоко од кога било ЈСП му должела на некој приватен превозник. Значи и досега постоеле долгови и тие се решавале тековно и сега прв пат сумата достасува 2 милиони евра и таа е за прв пат волку голема во историјата на соработката помеѓу градот и било кој превозник во каква било форма“, нагласи Андоновски.
„И третото што е најважно, во Скопје не постои правилен јавен автобуски превоз. Во моментот граѓаните чекаат по час, час и половина на најавен автобус којшто треба да стигне за 5 минути. Во Скопје во моментот линиите коишто беа покривани од приватни превозници со три, четири или пет автобуси сега се покриваат само со еден. Има шпекулации и новинарски извештаи дека се тераат вработени да работат и под две смени од ЈСП ги покријат овие линии на каков било начин. Но, очигледно е дека не ги покриваат доволно добро, едно заради бројката на автобуси, и второ заради тоа што имаме блокада на системот“, дециден е Андоновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МЕД: Над 44 различни видови водни птици се попишани за време на зимското пребројување во Македонија
Над 35.300 единки од 44 различни видови на водни птици беа попишани за време на зимското пребројување на птици на трите природни езера во Македонија, што под водство на Македонското еколошко друштво кај нас се случува секој јануари од 2010 година наваму како дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици.
„Споредено со податоците од претходните пет години, популациите на птици на Дојранското Езеро, иако мали, се стабилни. На Преспанското Езеро се бележат флуктуации, додека промените на Охридското Езеро се најдинамични. Причините за овие промени ќе се утврдуваат откако ќе се разгледаат сите фактори што би можеле да влијаат на ваквите податоци и во контекст на пребројувањата од другите европски земји“, истакнува Данка Узунова, орнитолог и проектна координаторка во Македонското еколошко друштво (МЕД).
Овдешното зимско пребројување на птици се прави истовремено на целата територија на трите природни езера во сите држави, поради што во него учествуваат и соработници од Националниот парк „Галичица“, Паркот на природата „Езерани“, Друштвото за заштита и зачувување на природната средина од Албанија (PPNEA) и од Друштвото за заштита на Преспа (SPP) и Националниот парк „Езеро Керкини“ од Грција. Освен тоа што ја координира акцијата на македонската страна и ги обработува собраните податоци, МЕД исто така ги советува и насочува волонтерите во броењето на птици.
„Меѓу луѓето кои доаѓаат на терен има научници и професионални истражувачи, но и вљубеници во природата со голема страст за птиците, кои своето слободно време доброволно го поминуваат со нас, на отворено, пред телескоп, со двоглед или фотоапарат в рака. Нивниот придонес е исклучително скапоцен, а за возврат имаат можност да стекнат нови познанства, да си го надградат знаењето и да уживаат во глетките коишто понекогаш се баш несекојдневни“, истакнува Узунова.
Зимското пребројување во земјава е дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици којшто се случува полни 60 години, со што се вбројува меѓу најголемите и најдолго спроведуваните програми за граѓанска наука во светот. Од 1967 година до денес, со зимските пребројувања се посетени над 67.000 влажни живеалишта во 189 земји и територии, почнувајќи од крајбрежните области на Северна Европа до тропските речни устија во Азија и Африка. На овој начин досега се евидентирани речиси 2 милијарди птици и идентификувани се илјадници водни живеалишта од меѓународно значење.
Македонија
Потпорен ѕид се урна во Штип и оштети автомобили кај болницата
Потпорен ѕид на улицата Љубен Иванов во Штип, во близина на клиничката болница, утрово околу 9 часот се сруши и падна врз две паркирани возила, јавуваат локалните медиуми.
Во инцидентот нема повредени лица, а на местото на настанот веднаш излегле надлежните служби.
Според првичните информации, причина за уривањето на ѕидот се неповолните временски услови.
Македонија
Јаневска: Почнуваме нов циклус вложувања во 160 образовни инфраструктурни објекти
Почнуваме нов циклус на вложување во образовни инфраструктурни објекти, кои се еден од основните елементи за подигнување на квалитетот на образованието и за развој на психичкото и физичкото здравје на учениците. Лани вложивме 67 милиони за инфраструктурата. Годинава почнуваме нови 160 инвестиции, од кои 60 се спортски сали.
Ова го изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска по поставувањето на камен-темелникот на новата спортска сала во ОУ „Григор Прличев“ во скопска Железара, каде присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„Она што Владата, Министерството и општините го ветуваат, заеднички работејќи го исполнуваат. Почнуваме со изградба на нови 30 спортски сали и уште 30 се во процес на реновирање“, рече министерката Јаневска.
Вкупната инвестиција во спортската сала во ОУ „Григор Прличев“ изнесува 39 милиони денари, а денес почнува со реализација првата фаза во вкупен износ од 20 милиони денари. Салата ќе ги има сите пропратни содржини со што учениците и младите ќе добијат современи услови за спорт и рекреација.

